“Жртви”, ама не во нашите редови

“Системот кој ги уништува жртвите пред да стапнат на губилиштето е неспоредливо подобар за држење на цел еден народ во ропство. Најдобро е да создадеш еден таков систем во кој луѓето доброволно ќе одат како “кукли кон сопствената смрт”. “
Извадок од книгата “Комунистичка интима” на Јасна Котеска

Овој цитат ме потсети и насочи да направам една паралела враќајќи ме во едно блиско минато, за некое време наназад, поточно на 24 март 2013 година, на денот на локалните избори во Република Македонија, кога како одговорен уредник на порталот МОЈОТГРАД и еден од основачите на Здружението на граѓани ПРОЕКТ-ЕУ, бев излезен на “терен” за да направам кратка репортажа преку видео запис за претставниците на ОБСЕ во Република Мaкедонија – за тоа како тече процесот на локалните избори во општина Кавадарци.

И се’ беше во ред се до моментот кога се појавија “куклите”. Како којоти од немајкаде, во разни форми и облици, почнаа да глодаат се’ што е поразумно околу нив. Граѓани, медиуми, невладин сектор… Ги направија “пандиспан“ за десетина минути. Дел од документираното на кое беа и тие, на лице место беше избришано од камерите. Останатото и најважното од материјалот, кога претставниците на ОБСЕ го прегледаа, буквално се држеа за глава. Посебно моментот кога полицискиот службеник си свиркаше некоа од неговите омилени песни вртејќи ја главата на страна како ништо да не се случило. За жал, тој ден имаше многу такви немили настани секаде низ државата.

“Куклите” на системот може да се најдат во повеќе форми. Некои се облечени во рокерки, некои возат луксузни автомобили, некои продаваат зеленчук на пазарчето, некои се доктори-специјалисти, некои имаат истурени стомаци, некои бамбурести носови, некои се испишани со тетоважи, некои се јавна администрација, а некои и полициски службеници…И ниту една од овие професии не е меродавна дали може да влезат во друштвото “куклен театар”. Едноставно, доволно е само да имаат недостаток на мозочни ќелии. Епа на крајот на краиштата тие не се интелектуалци, зарем не?

А македонската интелектуалната фела како по некои непишани правила, би требало да биде оној вистинскиот административен кадар кој ќе укажува на лошите политички дисбаланси на една власт, се со цел за една добра урамнотежност колку да не им избегаат конците од рака. Но во земјите од “третиот свет” како што за жал е и’ Македонија, со еден ваков тоталитарен режим, токму овде се јавува проблемот. Проблемот всушност е дека токму интелектуалците најчесто се слугите и поданиците во една ваква држава. Причината е повеќе од едноставна. Сите се на терет на државниот буџет. Значи, финансиски се зависни од државната каса. Затоа и се напикани онаму каде што ни глувчето Џери не би се осмелило да влезе. 

На овој бел и шарен свет, сите сакаме се’, aма за жал, се за сите нема. Оттука е поттикната и желбата за желбата на другиот. Значи сопствените желби отсекогаш биле желби на некоја друга персона. Желбата на Груевски за тотална партиска доминација на македонскиот политички простор не е ништо ново. Не е еурека. Иста таква била и желбата на Адолф Хитлер. Но, Хитлер желбата за уништување на опозицијата ја реализарал за експресно краток рок. Затоа и понатаму си поставил и поамбициозни цели кои пак не му успеале. Оттука е и’ сличноста на Груевски со Хитлер. Тие се слични еден со друг затоа што со слични методи ја уништуваат опозицијата за да ја доведат државата во позиција на апсолутна доминантна власт на една единствена политичка партија. Тоа се случува со текот на времето пропатено со купишта политички грешки , индивидуални непрецизни маневри а богами пропратено и со политички жртви. Да не го заборавиме и главното “оружје за масовно уништување”. Ширењето на вулгарен национализам буквално во секое сокаче. А пред странските фактори се подвиткува опашката.Епа не е лесно да си вистински лидер. Затоа се и ретки.

Еве за пример еден лидер, Махатма Ганди, почина на ист начин како што и си живееше: обичен човек, без богатство, без имоти и поседи… без некоја посебна званична титула или функција. Ганди никогаш во својот живот не командувал со ниедна војска, ниту пак владеел со огромни пространства во недоглед. Не’ можел да се пофали со некое посебно откритие во науката или пак свое уметничко дело.
Но и покрај тоа, сите светски владетели, сите големи војсководци, луѓе од целиот свет се восхитувале на неговиот лик и неговото дело, на обичниот човек со опадната и побелена коса обвиткан целиот во ткаенина, водејќи ја својата земја кон слободата.

Да се навратиме на нашиот простор. Овој режим е вистински рак. Рак врз либерализмот. Рак врз демократијата. Она во кое сите заедно се согласуваме е дека ракот е вистински трулеж на еден жив организам.
Меѓутоа, главата горе. Доаѓаат подобри времиња. На нас останува да ја разгориме искрата која ќе резултира со подигање на моралот, така што ќе имаме нова рожба на меѓусебно почитување на ниво кое ни доликува. Понекогаш, за време на овоj процес и самите себе ќе се ставиме во искушение. Меѓутоа на крајот на краиштата тоа е добро. Бидејќи тоа е природна работа. Бидејќи што сме всушност ако не она во кое веруваме?

Carl von Clausewitz, германско-пруски војник и воен теоретичар рекол: “Војната и политиката се една иста работа. Во оваа ‘војна’ која допрва следува, ќе има многу ‘жртви’. Но тие ‘жртви’ нема да бидат во нашите редови. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.