Зошто секна Јужен тек?

Енергетската бомба што во вторникот експлодира далеку од Скопје, во Анкара, ги начека во шок и неверување некои балкански аналитичари, политички лидери и воопшто ценители на ликот и на делото на нашиот руски херој. Сите тие полагаа надежи дека 23 милијарди евра вредниот проект ќе помогне во подигање на економиите на некои земји во регионот, вклучително и онаа на Македонија.

 

Е па драги пријатели, добредојдевте во темниот КГБ вилает на импровизации, тактики, манипулации и лаги на Владимир Путин. Тој уште еднаш го откри своето Јанусово, џокерско лице. По којзнае кој пат годинава тој покажа мачо-непокор, оставајќи таков впечаток дека го надидтрил Запад, дека е чекор понапред во тековниот судир помеќу Русија од една и Америка и Европската Унија од друга страна. Заради зачувување на некаква си гордост дека „ако тие не сакаат гасовод нема ни да го добијат”, проследено со газење врз бизнис интересите на многу енергетски компании кои, за разлика од Газпром, не зависат од волјата на политичарите во нивните земји, најголемите од нив германската Wintershell, француската EDF Group, како и италијанската Eni.

 

Но, како и секогаш, при судир на титаните, најмногу страдаат малите и беспомошните.

 

Србија и Бугарија паднаа во мишоловката на Путин. Граѓаните на тие земји останаа со прст во уста по илузорните ветувањата на Русија дека ќе вложи милијарди евра во изградба на гасовод на нивна теритирија. Мемо записите и твитовите од десетиците државни средби на високо ниво што се одржуваа од 2007 наваму покажуваат дека гасоводот би им дал финасиска корист и независна енергетска политика на Белград и на Софија. Во државните буџети би се влевале стотици милиони евра годишно во форма на надомест за транзит на гасот. Бугарија, првпат во својата историја, од примач би станала продавач на енерегенси, снабдувач на енергија на голем дел од Европа. На тоа се надеваа социјалистите на екс-премиерот Сергеј Станишев кога го потпиша договорот со Москва во 2009.

 

Звучеше толку примамливо. Од друга страна, за возврат Газпром од Србија доби силни бенефиции со купувањето на НИС (дисконт од 800 милиони евра што Русите го добија со преземањето на српската нафтена индустрија без правна поткрепа или дополнителни клаузули во договорот за изградба на гасоводот, со што ќе се заштитат интересите на Србија, и за ова Тадиќ или Коштуница, како Јулија Тимошенко своевремено, може кривично да одговараат). Конечно, во вода паднаа и милионите евра првични инвестиции што некои српски изведувачи веќе ги вложија во инфраструктурата за положување на гасоводот, за изградба на станици и за производство на цевката – во иднина ќе останат само запуштени градби и рѓавo железо.

 

Интересно во сето ова е со каква леснотија Кремљ гази врз вредностите на доверба и фер игра – главните принципи на европската и на американската бизнис заедница. Како хазардерски игра покер со Запад, додека неговите дејства во регионот носат многу страдање. Украинците, секако, се во најнезавидна положба, на нивна територија се води вистинска војна и гинат луѓе, како Украинци така и Руси. Србите, Бугарите и Македонците не се толку за жалење, но без гасоводот тие и понатаму остануваат едни од најсиромашните народи во Европа.

 

Ненадејно, во главите на Путин и неговите советници, се роди замисла дека во нивните шеми за наводно непотчинување на Запад може да се вклучи турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, поточно неговото сегашно антизападно расположение. Точно така како што тие деновиве се обидуваат да ја експлоатираат француската десница и Мари Ле Пен со нејзиниот Национален фронт. Истата Ле Пен која сосема неодамна за Москва беше „нацистка”. Но, откако таа покажа разбирање за анексијата на Крим, и го пофали „илибералниот” систем на Путин, се дозна дека Сбербанк, најголемата руска државна банка, ја финансирала нејзината партија со милиони евра.

 

На тоа нема да падне ниту еден Ердоган. Исто како што не падна ниту Бојко Борисов кој во заднина на санкциите и евроатлантскиот обединет отпор на реалполитиката на Москва со анкесијата на Крим и хибридната војна во источна Украина, наместо корумпирани руски петродолари избра европски вредности. Некои експерти се сомневаат дека и тој проект, односно корекција на маршрутата на цевководот, наместо до Варна да оди кон Истанбул и Мраморно море (од Јужен гасоводот да стане Турски тек), и понатаму до границата со Грција, е изводлив.

 

Турција моментално е антиамерикански настроена поради воздушната кампања што западната коалиција предводена од Барак Обама ја води против упориштата на терористите на „Исламската држава” непосредно на нејзините гранци, притоа не правејќи ништо во симнувањето на режимот на Башар Асад.

Ситуацијата е комплексна бидејќи Москва е за Асад, а Ердоган бара негова смена. Од друга страна Азербејџан се заканува со воена офанзива во Карабах против Ерменија, и овде, во квечерината на одбележувањето на стогодишнината од геноцидот на Ерменците од страна на Турција за време на Првата светска војна, интересите на Москва и Анкара се судираат – Русија го призна ерменскиот геноцид, при чие споменување Ердоган веднаш се фаќа за јатаган. Уште повеќе, Турција е членка на НАТО. Погоре кажаново е силна гаранција дека овој проект е осуден на неуспех.

 

Иронијата да биде поголема, ниту Брисел, ниту пак Софија не беа против изградбата на гасоводот. Бугарија ја имаше несреќата да биде нападната и омаловажена од Путин во Анкара и од руската јавност овде, само поради чиста случајност: таа е прва европска земја преку која се полага гасоводот. На нејзино место можеше да биде Романија, на пример. Европската комисија приговараше на неспособноста и одбивањето на Газпром да работи во услови на конкуренција, во согласност со таканаречениот Трет енергетски пакет. Рускиот гигант беше против тоа други производители на гас да ја користат цевката, односно бараше монополска позиција, додека енергетскиот пакет говори за либерализација на гасната индустрија, производството треба да биде разделено од транспортот на гас.

 

Конечно, Москва, онаква каква што е во моментов, националистички настроена, наместо да ја шири својата мека сила, својата култура, јазик и останати вредности кај „браќата Славјани” на Балканот, и со помош на влијанието и огромниот економски потенцијал што го носат нафтата и гасот да им даде на балканските нации малку да пркнат од мизеријата во која се фрлени – да настапува како вистинска Евроазиска сила визави вредностите на ЕУ – таа се конфронтира со неа, прошири злоба и негодување кај многу Срби и ги наруши односите со Белград, и уште повеќе се оддалечи од Бугарија.

 

За голема жал на рускиот народ, сибирските природни ресурси се запленети од грст луѓе лојални на Путин кој си игра реалполитика и геостратегија со Запад и провоцира нова Студена војна. И колку оваа ситуација се оддолжува, толку повеќе руската економија тоне и оди во рецесија, но и дотолку повеќе рубљата девалвира и заштедите и платите на обичните Руси се преполовуваат, а нивната купувна моќ се приближува до онаа на некои африкански земји. Во поглед на економската моќ, САД и нејзините сојузници од ЕУ ќе бидат секогаш чекор понапред од Москва.

 

Јас не сум застапник на теориите на заговор за тоа дека Обама и Саудискиот крал Абдула се сплотиле да ги урнат цените на нафтата за да ја симнат руската економија на колена. Дури и да има вистина во тоа, макар што се сомневам – бидејќи многу аналитичари и економисти уште пред неколку години предвидуваа пад на цените на нафтата со бумот на производството на нафта и гас од шкрилци во САД – за жал, либералното крило во власта, надвладеано од силовиките, не успеа да ја излечи зависноста на рускиот буџет од милијардите приливи од продажба на нафта и нафтени производи чии цени во моментов паѓаат.

 

Руската ресурсна економија, во најголем дел контролирана од КГБ оперативци и бедни олигарси ставени под санкции и очајни по своите медитерански вили, јахти и хотели, остана нереформирана и недиверсификувана. Наместо норвешкиот или кандаскиот пат на успех и благосостојба што доаѓаат со благословот да се поседуваат првите по големина јаглеводородни ресурси на планетата, Русија избира пат на регрес, конфронтација, завист и самоизолација.

Leave a Reply

Your email address will not be published.