Зошто сакаме мајмунски филмови

1. Вилица

Ратко Младиќ е српски генерал обвинет за тешки воени злосторства во Босна, за геноцидот во Сребреница, каде се убиени скоро десетина илјади босански Муслимани. Младиќ кон крајот на 2014 година се појави како сведок на судењето на Радован Караџиќ. Притоа ја искористил приликата да го прогласи Хашкиот трибунал “сатански”; да каже дека “не го поднесува и не го признава”; и да изјави дека “не е битно дали ќе биде ослободен или не”, туку “каква трага ќе остави кај својот народ и на своите поколенија”. И додека се претходно кажано звучи како исказ на ментално пореметен човек, репликата на Младиќ – “Молам обезбедувањето да ми ги донесе забите …” – со која побара да му ја донесат вилицата (за да може да зборува), ги врати работите на вистинското место.

Претставата со вилицата зборува дека Младиќ е свесен не само за сопствените злосторства туку и за ефектот на своето пренемагање. Со ридикулизацијата Младиќ се обидува да ја декласира тежината на геноцидот во Сребреница за кој е одговорен и да искаже непочитување према институцијата меѓународен суд. Дури и во тие, “неповолни” околности Младиќ се обидува да ги реализира своите фантазии за понижување на противникот. Тој е автор, режисер и актер на мала театарска епизода во која бара да му донесат вештачка вилица, што, според семантичкиот досег, e соодветно на уринирање пред судиите, судот и меѓународната јавност. Сосема е возможно – благодарение на денешните морални и емоционални рецепциски стандарди на најголем дел од медиумските корисници – Ратко Младиќ попрво да биде запамтен како комедијант без заби, отколку како реализатор на страшен масакр во Сребреница. А тој баш и на тоа смета. 

Истиот Младиќ, како и сите други осуденици за воени злосторства, упорно тврди дека не е виновен. Се поставува, секако, и крајното прашање: се разликува ли комедијанската глувост на Ратко Младиќ од преовладувачката глувост на демократско избраните политичко – економски елити во Хрватска, Србија и Босна. Тие елити не се занимаваат со масакрирање на невини граѓани, но долгорочно им го исклучиле кислородот. Бидејќи многу од припадниците на тие елити, среќно избегнувајќи го затворот, станаа богати луѓе благодарение на убиствата, уцените, воените и транзициските малверзации, ограбување и киднапирање; многу од нив извршуваа високи должности (од претседателски и премиерски па надолу) во владите и другите институции; многу од нив се на тие должности и денес. Кога станува збор за правдата секое општество има свои стандарди и не сака стандарди да им се наметнуваат од надвор.

Еден од најзлобните “комедијаши” на постјугословенските простори е српскиот радикал Војислав Шешељ. Постојат бројни видео записи за неговото однесување во трибуналот на Хаг, каде Шешељ (како и Младиќ, или обратно) бара стоматолошки третман (се заканува дека, доколку не му се донесе забар, нема да сведочи); каде носи храна во судницата за да и покаже на јавноста со каква лоша храна ги хранат ‘робијашите’; ги навредува судиите (“Вие сте белосветски олоши, а јас сум четнички војвода”); и со простачки псовки ги омаловажува авторитетите на судот.

И Радован Краџиќ е ‘актер’ кој се глумеше самиот себе во одличниот документарец на Павел Павликовски “Serbian Epics” (1992), и уште тогаш се кандидираше за иден Хашки осуеник. Неговото криење, менување на идентитети, маскирање, како и целото сценарио за неговото апсење ги докажува неговите режисерски, драматуршки и актерски способности. Караџиќ е психијатар и поет (автор е на книгата со спектакуларен наслов Под левата цицка на векот) и поранешен водач на босанските Срби. За време на повеќегодишното успешно криење Караџиќ бил сопственик на Хрватски пасош на име на Петар Глумац (Глумац!) со кој е фатен во Австрија, но и пуштен. Нешто подоцна повторно е уапсен и конечно приведен во хашкииот трибунал, но сега како трета личност, како Др. Драган Давид Дабиќ, експерт за алтернативна медицина, самодизајниран Гандалф. Сите тројца се во Хаг.

Целата историја за распадот на Југославија е дваесетипетгодишен театар на суровоста, составен од илјадници епизоди ‘комедија’ која предизвикува морници. Позната е воената фотографија на Рон Хавив на која се двајцата српски убијци од Вуковар. Едниот има импозантна четничка брада и четничка шубара на главата, а помалдиот, се костимирал како Алекс од Пеколниот Портокал: тој има цилиндар на глвата и крзно од лисица околу вратот. Сите ние веќе четвртина век сме гледачи во тој театар, сведоци, но и соучесници во театрализацијата на злосторствата, театрализацијата на непризнавањето на виновноста и театрализацијата на раѓањето на нови национални ‘херои’. Усепавме себе си да се увериме дека завесата е спуштена, дека мрачната претстава е завршена и театарот затворен; и дека веќе одамна сме се вратиле дома. А потоа епизодите – Вилицата на Младиќ, или неодамнешниот топол пречек на хрватскиот убиец на босански Муслимани Дарио Кордиќ, од отслужувањето на казната во хашкиот затвор и враќањето дома – се потсетници на фактот дека претставата сеуште трае, дека актерите се уште живи, и повеќе, дека имаат свои верни обожаватели и навивачи, и дека на претставата не и се гледа крајот. 

И што е најстрашно, сите ние, како во секој солиден, долгогодишен садо – мазо однос, се навикнавме на својата дневна доза понижување. Во меѓувреме го изгубивме гласот, зборовите, видот, слухот и здравиот разум, се отчовечивме. Бидејќи и ние, гледачите, и ние во меѓувреме сме се ‘театрализирале’; матно се препознаваме само во театарот кој му се случува на некој друг, во некоја оддалечена географска и временска зона, каде луѓето зборуваат со некој друг јазик. Гледај, зар не сме тоа ние, се прашуваме, а потоа повторно се забораваме …

2. Чинот на убивање

Анвар Конго е убиец и главен протагонист на документарниот филм “The Act of Killing” (автори: Џошуа Опенхеимер, Кристин Џин и анонимен Индонезиец, 2012). И тој, баш како и Ратко Младиќ, има проблеми со велицата. Можеби нарцисоидната опседнатост со велицата, која ја става и вади во текот на целиот филм, го прави човечки. Можеби обратно. Можеби тој детал, всушност, е мала режисерска манипулација смислена да ги освести гледачите. Бидејќи во еден момент гледачот би можел да се згрози над фактот дека премногу лесно се навикнал на морето крв, но притоа останал трајно згаден од обидите на Конго да со обични клешти самиот себе си извади заб. 

“The Act of Killing” е документаристичко ремек – дело. Голем број гледачи насловот би го запамтиле како “The Art of Killing”, и притоа нема многу да погрешат, бидејќи и тоа спаѓа во авторската стратегија на подржување на умртвената морална осетливост на гледачите. Режисерот му дава на убиецот слободни раце да направи филм за себе и за своите злосторства. Она што го прави поголемиот дел од филмот е аматерска театрализација на злосторствата од перспектива на убиецот. Егзекуциите се извршувани во Индонезија, во седумдесетите, во време на владеењето на Сухарт. Биле тоа масовни антикомунистички чистки, се верува дека се убиени околу три милиони луѓе. Анвар Конго тврди дека само тој лично убил илјадници луѓе. Главната егзекуција ја вршеле ‘гангстерите’. Така се нарекувале самите себе парамилитарците, преведувајќи од англиски гангстер како “free man”, слободен човек. Сите егзекуции биле поврзани со ограбувања. Егзекуторите прво ги ограбувале ‘комунистичките’ жртви, а потоа ги убивале. Вистинската бројка на убиените не е утврдена, а убијците никогаш никој не ги повикал поради злосторства. Некои убијци во меѓувреме станале дел од индонезиските политички – деловни елити, некои се обогатиле купувајќи земја и недвижности за џабе (бидејќи луѓето продавале се од страв за сопствениот живот), некои и денес се занимаваат со криминални работи. Денешната десничарска палимилитарна организација Пемуда Панкасила израснала од антикомунистичкиот одред на смртта. Организацијата денес, се проценува, има повеќе од три милиони членови, чија задача е да бидат ‘слуги на нацијата’ и да се борат против неоккомунистите и левичарите. Јусуф Калла, вице претседател на Индонезија во времето на снимање на филмот, во својот говор им вели на гангстерите: “Оваа нација има потреба од слободни луѓе. Ние имаме потреба од гангстери да ги средат работите.”

Заедно со Анвар Конго запознаваме и галерија убијци. Убијците секако не биле изолирана банда, туку паралелна рака на режимот. Во работата на убивање биле вклучени голем број луѓе, како Ибрахим Синика, сопственик на весник, кој составувал листи за стрелање, (“Зошто јас да ги валкам рацете?! Само со еден мој знак беа мртви!”). и додека едни убивале за да купат добра облека и имаа пари за забава, други убивале за да се збогатат и станат ‘деловни луѓе’, трети да би завзеле политички позиции и да би дошле на власт. Еден од убијците, Ади Зулкарди, пријател на Конго, се сложува да глуми во неговата психодрама. “Убивањето е најлошото злосторство. Кваката е само во тоа да не се чувствуваш виновен, да најдеш оправдување.”, му вели Ади на својот другар Анвар. Парите би можеле да бидат тоа сосема прифатливо оправдување, освен тоа прашањето за моралот секако е ‘релативно’ мисли Ади. На прашање од новинар за злосторствата кои ги направил, Ади одговара: “Победниците дефинираат што е воено злосторство. Јас сум победник. Јас можам да ја наметнам сопствената дефиниција. Не треба да се раководам према интернационалните дефиниции. И што е најважно, се што е вистинито не е и добро. Ние стававме дрва во нивните ануси се додека не умрат. Ние ги кршевме нивните вратови. Ние ги бесевме. Ние ги давевме со жица. Ние ги сечивме нивните глави. Ние ги газевме со автомобили. Ни беше допуштено тоа да го праваме. А доказ е тоа дека сме убивале луѓе, а за тоа никогаш не сме биле казнети. (…) Никогаш не сум се чувствувал виновен, никогаш не сум бил депресивен и никогаш не сум имал кошмари.”

Има една сцена во филмот каде Анвар Конго ги присилува своите внуци, две момчиња, да ги погледнат со него сцените кои претходно ги снимил. Анвар ја пушта сцената во која за промена жртва глуми тој. Во таа сцена неговите актери – аматери го испитуваат и божем брутално го тепаат. “Тоа е вашиот дедо!” им вели трогнато Конго на своите внуци. 

3. Џихадистите преферираат нутела

Ако се изложиме на бомбардирање со слики – како што јас сама себе си се изложив во 2014 на сликите од документарниот филм “Serbian Epics” (1992), за Радован Караџиќ и босанските Срби кои со месеци го гранатирале Сараево; сликите на документарниот филм “The Act of Killing” (2012), за индонезиските убијци, кои во седумдесетите години ја исчистиле Индонезија од околу три милиони ‘комунисти’ и сликите на џихадистите и нововоспоставената ИС, кои се шират по интернет – тогаш можеме да кажеме дека меѓу сите тие убијци едвај има разлика. Дозволувам да не забележам разлики бидејќи сум жена. Убијците, имено, се сите мажи. 

Без оглед на возраста, расата, верата, географијата и самоопределувањето – сите убијци јавно декларираат почитување према Бог (некои се божји пратеници како џихадистите) и своите лидери. Па така ИС – џихадистите го сакаат Алах и својот калиф Абу Бакр ал – Багхдадиј. Светот на убијците е свет на мажи кои се повикуваат на својот бог. Документарниот филм “Serbian Epics” совршено го истакнува машкото братство исполнето со димот од кандилото, попови, лижење на олтарот, повикување на славното воено минато, кое, секако, е фалсифицирано, со величење на традиционалните вредности и покрстување на некрстените. Сите убијци бараат спиритуално оправдување за идните злосторства: сите убиваат за Бог и во име на Бог, за својот народ и во име на својот народ. “Бог мрази комунисти”, вели еден од индонезиските десничарски политички авторитети во своето обраќање на младите гангстери. Опремата на секој убиец се состои од нож и скромен идеолошки пакет. 

Светот на убијците е свет без жени (тие се отсутен објект на омраза и непочитување). Тоа е свет на блискост помеѓу мажите, и пренесување на искуства и знаења од ‘татковците’ на ‘синовите’. Во документарниот материјал кој е пред мене ги следам сликите на разбирање и опуштеност меѓу српските војници; сликите на изразување на меѓусебна лојалност и блискост во средбите на индонезиските убијци (меѓусебно масирање, заедничко пеење и дружење, интимни разговори); како и сликите на заедничко бањање на џихадистите во Тигирс.

Убијците најмногу се сакаат себе си. Нивното самољубие скоро да нема граници. “Глупоста е заљубена сама во себе и нејзиното самољубие е безгранично.”, вели хрватскиот писател Мирослав Крлежа. Во тоа е силата на глупоста, би додала. Во тоа, во самољубието, лежи силата на убијците.

Анвар Конго во еден дел вели: “Тоа беше … како да убивавме исполнети од среќа.” Еден индонезиски ‘гангстер’ ја сумира смислата на убивањето во два збора: “Relax and rolex”. Со други зборови убивањето носи задоволство и парична добивка, опушти се и продолжи.

Убијците ја сакаат технологијата. Убијците се опремени со мобилни телефони. Тоа се однесува на џихадистите, и тоа не затоа што џихадистите сакаат технологија повеќе од Ратко Младиќ, туку затоа што технологијата во меѓувреме се развила. Убијците денес се препознаваат по тоа што секогап се опкружени со други мажи, што поседуваат оружје и мобилни телефони. Мобилните телефони им служат помалку за комуникација, а повеќе за пристап до интернет, каде ќе ги испраќаат своите фотографии со калашников и нутела во раката (џихадистите сакаат нутела!); фотографии на кои со опкружени со глави кои ги декапитирале; фотографии со опасни мачети во рацете; фотографии со железни огради на кои ги закачиле декапитираните глави; фотографии од жртвите распнати на крст. Доказниот материјал за злосторствата на убијците стана достапен за сите благодарение на технологијата. Силата на убијците лежи во самољубието. Новата технологија е самољубието одат во пар. Новите убијци се мутанти, нова, посилна врста. За целата таа визуелна содржина постои широка и необично приемчива публика, која и самата произведува милиони селфија и ги испраќа од сите географски точки на земјината топка. Тоа се деца кои испраќаат селфија со бездомниците кои само што ги претепале на улиците од своите градови, или со девојките кои само што ги вознемирувале … Тоа се деца кои испраќаат весели селфија од едукативни школски излети во Аушвиц. Сите тие се режисери на минијатурниот театар на суровоста, сите се занимваат со ‘театрализација’ на својата возбудлива секојдневица. 

А театрализацијата на злото ќе биде се побогата и поефективна. Едно од првите дела кои пристигаат од нововоспоставената ИС е и видеоклипот со американскиот новинар. Новинарот е облечен во поморанџеста туника, покрај него стои облечен во црно џихадист со нож во рака. Најпрво текстот го изговара новинарот обраќајќи се на своето семејство во Америка, а потоа џихадистот. Двајцата се, всушност, актери аматери. Неколку секунди подоцна новинарот ќе ја изгуби главата. Џихадистичкиот театар на суровоста ќе добие со текот на времето повешти режисери, сценографи и костимографи. Под небесната капа нема ништо срамно.

Анвар Конго се гордее со сцената на отпишување на гревовите, во која водопадот ја носи цела нечистотија, индонезиски убавици играат ангелски танц, а две жртви му врзуваат на Анвар околу вратот златен медал и велат: “Ви благодариме илјада пати што ме егзекутиравте и ме испративте на небото, ви благодариме за се.” Конго е очигледно потресен од сопствената креација: “Не можев да замислам дека можам да направам нешто толку големо. Особено сум горд поради една работа, а таа е како водопадот изразува така длабоки чувства.” 

4. Ви благодарам

И кога некој како мене, кој ја следел војната во поранешна Југославија, која, навистина, заврши со потпишување мир по четири години војување, но затоа воените последици траат и денес, а менталните куршуми никогаш не престанаа да летаат над нашите глави; кога, значи, некој како мене своето долгогодишно искуство го спореди со случајно избрани две други искуства (бидејќи можев, од Втората светска војна до сега, да изберам десетина и стотина други примери), тогаш на таквата личност реченицата на статистот – оној кој во големото финале во сцената на отпишување на Конговите гревови му обесува на Конго голем златен медал околу вратот и ги изговара зборовите Ви благодарам илјада пати за тоа што ме убивте и ме испративте на небото – звучат разумно и нормално. Барем мене ми зазвучи како една нормална реченица во филм. Бидејќи продолжената реченица на имагинарната жртва би можела да гласи вака:

Ви благодарам што ме испративте на небото бидејќи ако не ме испративте, би морала и понатаму да ги гледам вашите изопачени муцки кои ги населија сите предели, овие или некои други, сеедно, вашите муцки се исти, вашата врста е инванзивна, неуништливи сте како глави од змеј, менталитетот ви е секаде ист, како сите да сте произведени во иста фабрика. Ви благодарам по илјадити пат што ме убивте и ме испративте на небото бидејќи во спротивно би морала да ги гледам вашите лица кои се појавуваат од секаде – од екранот, од весниците, од IPad – от, од IPhone – от, од интернет, од излозите на книжарниците – зо завземавте секој милиметар јавен простор, во ноздрите, во воздухот кој го дишеме, во водата која ја пиеме … Ви благодарам, значи, што ме убивте и ме испративте на небото, бидејќи ако не го направвте тоа, би можело да ми се случи да родам деца: момче кое би пораснало во убиец како што сте вие, и девојче кое еден ден најпрво би го силувале, а потоа би го подесиле според своите стандарди, вие, вашите синови, или некој сличен на вас. Ви благодарам на тоа што ме испративте на небото, бидејќи инаку и понатаму би морала да ги читам извештаите за тоа што вие читате ова лето, каде летувате, каква јахта имате, што мислите за ова или за она, како ќе ги решите проблемите овие или оние; бидејќи инаку би била присилена да гледам во весниците или на компјутерските керани како изгледаат вашите имоти, вашите приватни зоолошки паркови, вашите полнети животни и декапитирани глави од елени кои ве гледаат од зидовите на вашите викендици (во суматранската џунгла, на хрватските и српските зелени гори, на ирачките нафтени полиња). Ви благодарам што ме егзекутиравте, бидејќи ако не го направевте тоа, би морала да ги гледам вашите уметнички колекции, вашето богатство од кое се цеди крвта на вашите жртви; би морала да ги читам вашите мемоари, кои ги оставате на своите потомства за да се сетат на вас, насекаде да го гледам вашиот ‘траг во народот и поколенијата’, бидејќи тоа и најмногу ве загрижува, таа трага во историјата, поради таа трага не бирате средства, ќе ја добиете, неа, историјта, на овој или на оној начин … Ви благодарам илјадапати што ме испративте на небото, бидејќи ако не го направевте тоа, би морала да ги гледам отварањата на изложби со ваши слики. (О, да почнавте и да сликате, едвај чекавте да излезете од затвор па да поченте да сликате!), промоциите на вашите книги (О, да вие и пропишавте, поради внуците, секако, поради ‘трагата’, поради што друго!) Ви благодарам што ме егзекутиравте, бидејќи ако не го сторевте тоа, и понатаму би била присилена да гледам во лигавите хоризонти засенети од вашите краци, бидејќи вие сте мега – октопод, вашата сила е во краците, одсекуваш еден, израснува друг. Ви благодарам на тоа што ме егзекутиравте и ме испративте на небото, бидејќи ако не го направевте тоа, би морала секојдневно да се соочувам не само со баналноста на вашето зло (лесно е да се справам со него!), туку и со вашата застрашувачка виталност. 

5. Аpe not kill ape

И кога веќе ништо не помага, кога мозокот застанува, кога човек завршува ударајќи со глава во зид за она исто тупо прашање на кое никогаш нема одговор – како е сетоа тоа возможно, и како е можно сето тоа да се повторува во се пократки периоди?! – тогаш тој ист мозок, како сув сунѓер, ги впива одговорите од каде што може. Можеби тука, меѓу останатото, лежи фасцинираноста на милиони гледачи на мајмунските филмови. Бидејќи многу фасцинации доаѓаат и заминуваат, а човековата фасцинација со мајмуните трае.

Се чини дека психолошки најинтересен детал (до кој дојдов тестирајќи ги пријателите) е дека зборот мајмун (хуманоид, мајмун без опашка, најсличен на човекот) најголем дел од луѓето го доживуваат во машки род. Иако во нашиот имагинариум постојат слики на мајмунски женки кои дојат, ги гушкаат и галат своите млади, зборот мајмун е изразено родово означен. Мајмунот во нашиот, човеков, имагинариум, едноставно е секогаш мажјак! Можеби и поради тоа што теми организации на мајмунски заедници, одбрана, ривалство, борба и лидерства поврзани исклучиво со мажјаците. А можеби и поради тоа што женките имаат други грижи, женките во секој машки и мажјачки свет се и онака секогаш невидливи.

Мајмуните се наша (машка!) слика во огледало, нашето архитипско јас. Фасцинирани сме со нив не затоа што тие се слични на нас, туку поради тоа што ние сме слични на нив. Тие се нашето катарзично огледало, поради тоа ги сакаме, тие се одговор на прашањата кои ги бараме ударајќи со глава во непробојни зидови. 

Кога некој би направил истражување и би побарал од исклучиво машки испитаници да ја изберат својата (женска) звезда во денешниот научен свет сигурна сум дека победата би ја однела сјајната Џејн Гоодали. За неа би гласале и оние мажи кои немаат појма што е тоа антропологија. Зошто? Затоа што Џејн Гудал не се занимава само со мајмуни, туку у со тоа големо животно со тажен поглед кое спие во секој маж. Џејн, сакала или не сакала, dream girl на секој мажјак: таа е Џејн на тарзан; таа е и Ен Дароу, минијатурна човечка женка, која како да испаднала од (киндер) јајце и сеуште не знае дека таа е оној куршум кој на крај ќе го разнесе Кинг Конг. Таа, од своја страна, ја разбира неговата дива и длабоко чувствителна природа, таа знае дека неговото ‘дивјаштво’ е природно, искрено и нерасипано. Само цивилизацијата може да биде лицемерна. Цивилизацијата е посурова од природата. Затоа Лорд Грејсток, пола мајмун – пола лорд, дефинитивно се одлучува за својата мајмунска половина, онаа човечката зсекогаш се компромитирала. Со други зборови, Џејн Гудал, ниту крива ниту должна, служи како некој вид алиби за машкото мажјаштво, во кое спаѓа и убивањето.

Најновото продолжение на мајмунската сага, филмот “Dawn of the Planet of the Apes”, е премачкано со значења како и секоја бајка. Во идеолошко читање не навлекува секој детал од филмот, почнувајќи од името на Коба, што беше прекар на Сталин (навистина, тоа е и име на еден вид мајмун во Африка, но и име “Николо Коба” на Националниот парк во Сенегал). Репликите на Коба, како онаа – “Луѓе, вие сте заробеници на мајмуните. Сега ќе го запознаете животот во кафез!” – предизвикуваат во кината ширум светот вистинско задоволство. Сфаќајќи дека агресивниот Коба ќе ги уништи и луѓето и мајмуните и дека треба физички да му се спротивстават и да го победат – бидејќи “мајмуните секогаш ја бараат најјаката гранка”, Цесар, ‘разумниот’ мамун, го совладува ‘дивјакот’ Коба. (патем речено, повторно еден поврзан дентален детаљ: Коба, меѓу другите мајмуни, го памтиме по опасно изразните заби!)

“Ape not kill ape”, вели покорениот Коба, обидувајќи се со последното лукавство да го подмити Цесар и да го потсети на неговиот сопствен програм, со кој ја зајакнал и еманципирал мајмунската заедница. После долг молк, кога на гледачите срцето им е во петите, кога почнуваат да се плашат дека Цесар ќе застане на страна на својот мајмунски брат, Цесар ја изговара смртната пресуда на Коба: “You are not ape.”
 

 

Извор: Peščanik.net

Превод: Попова

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.