АНАЛИЗА Зошто замрзнаа европските перспективи на Македонија?


До каде се европерспективите на земјава и зошто Македонија каска зад сите земји во регионот побаравме одговор од политичките партии. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ проблемот за застојот на евроатланските интеграции на Македонија ги лоцира во Грција. Поранешниот шеф на дипломатијата и актуелен пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, за Плусинфо вели дека евроинтеграциите во овој актуелен момент не се попречени ниту од еврокомесарот Штефан Филе, нуту од премиерот Никола Груевски, туку од нашиот јужен сосед, Република Грција.


– Дали Република Македонија ќе добие или не зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ зависи од две работи – првата исполнување на поставените копенхашки критериуми и способноста за почеток на преговорите и второ консензуалната одлука на сите земји членки на ЕУ да се почнат преговорите и да се направи чекор напред. Република Македонија од своја страна го исполни условот кој што зависеше од нас да ги достигне копенхашките критериуми за почеток на преговорите, но за жал Европскиот совет не ги исполни обврските преземени на Самитот во Солун во 2003 година поради ирационалниот спор со Грција и нејзината непродуктивна опструкција кон евроинтеграциите на Македонија – вели Милошоски.


Коалицискиот партнер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ претходно се изјасни кои предлози се прифатливи за решение на спорот околу името. Лидерот на партијата, Али Ахмети за време на престојот во Германија даде конкретен предлог кој е ставот на партијата за спорот со името што Македонија го има со Грција.


– Ние како Албанци ги информиравме сите партии од македонскиот политички блок со кои имиња не се согласуваме. Не се согласуваме земјата да се нарекува Словенска Република Македонија, ни Национална Република Македонија, ниту пак да остане во употреба Поранешна Југословенска Република Македонија. Секој друг компромис за нас е прифатлив. На пример: Горна Република Македонија, Северна Република Македонија и слично – истакна Ахмети во интервју за Дојче Веле.


Пред да замине на турнеја низ европските земји и вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Беисми како аргумент кој ќе го стави на маса пред ЕУ беше формирањето на ад хок комисијата, но и покрај тоа што таа веќе профункционира, европерспективата на Македонија не зависела само од неа. Плусинфо се обиде да добие одговор од ДУИ дали некој треба да сноси политичка одговорност за застојот на евроинтеграциите на Македонија, но портпаролот Бујар Османи не одговараше на неговиот мобилен телефон, а од кабинетот на поранешната вицепремиерка Теута Арифи ни кажаа дека е презафатена со тековната агенда како градоначалник.


Опозициската ДПА, пак, одби да се произнесе по прашањето дали Македонија треба да има план Б на полето на надворешната политика. За европската иднина на земјата побаравме став и од новоформираните политички фактори во земјава ГРОМ на Стевчо Јакимовски и Граѓанската алијансата за позитивна Македонија.


– Ние сè уште не сме политичка партија, туку иницијативен одбор за формирање на партија. Наш став ќе имаме кога ќе ја формираме партијата – рече Јакимовски во телефонски разговор за Плусинфо.


Не добивме став за европската агенда на земјава ниту од Граѓанската алијансата за позитивна Македонија. Од таму, Љупчо Зиков ни одговори дека ќе размисли за доставените прашања, па ќе добиеме одговор дали ќе ги одговори. До објавувањето на анализата не добивме одговор од Зиков.

Катерина Гетева 

Leave a Reply

Your email address will not be published.