Локално зонско паркирање во трета брзина!

пишува Кире Бебеџаков

„Мое лично убедување е дека само со зонското паркирање ќе се надмине проблемот со паркирањето. Од следната година ќе започне јавно-приватно партнерство и за паркирање ќе се наплаќа” рече градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов во една изјава дадена за медиумите во месец октомври, 2014 година.

Во килава средина која се стреми кон здраво општество и каде 40.000 жители се потпират и веруваат на некакви лични убедувања на нивниот градоначалник за одредена тема а притоа истиот заборава или не сака да произнеси и да го брани личното убедување со конкретни аргументи, факти, анализи и докази, тогаш тој демос го нема правото да се нарекува граѓанин. Граѓанинот не е граѓанин доколку не ги преиспитува и внимателно толкува зборовите кои излегуваат од носителите на јавните функции посебно на највисоките во едно општество. Чуму таквото општество кое не се базира и функционира на јавни дебати, измешани ставови, испитување на јавното мнение за конкретен предлог, расправа, и тоа од граѓаните за граѓаните.

Од последната изјавата дадена за медиумите од страна на кавадаречкиот градоначалник, се приметува дека тоа е само уште една бледа изјава, површна информација која има единствена цел, а тоа е да проструи во меинстримот и притоа да не се задржи нималку во размислувањето на обичниот граѓанин. Под оваа како и под многуте други “нашминкани” изјави се кријат еден милион прашања за кои до сега не се најде храбар од кавадаречките власти да излезе јавно и најпластично да им го образложи на граѓаните следното: зонското паркирање, наместо да се дава на некоја компанија и да раководи со него и притоа да ги собира парите на граѓаните одлевајќи се во некој приватен џеб, зошто овој проект да не го работи директно локалната самоуправа на општина Кавадарци и со тој начин парите од граѓаните да одат повторно кај граѓаните односно да се реинвестираат за нивно јавно добро за некој друг општински проект???

На 22-та седница на советот на општина Кавадарци за 2014 годна, имаше поприлично жестока расправа меѓу “левите” и “десните” сили. Опозицијата (каква-таква) ја подржа идејата за овој проект потенцирајќи дека немаат ништо против проектот за воведување зонско паркирање во општина Кавадарци само доколку се даде под “закрила” на општина Кавадарци и таа да биде главен носител и изведувач како би можело приходите од паркирањето да се слеваат во општинската каса. Според податоците на дел од кавадаречките советници (а и реална слика е, треба само дигитрон) годишните приходи по основа плаќање на паркинг простор во предвидените 3 зони од централното градско подрачје изнесуваат околу 560 000 евра. И тоа во најлош случај, односно доколку се користи 7 часа дневно од предвидените 14 работни. И тоа за искористеност од 70-80 проценти од паркинг местата. Е сега, нормално дека има и инвестиција за овој проект. Но таа е еднаш и еднократно. Понатаму се е само одржување.

Проценките околу влогот за инвестирање во овој проект изнесуваат некаде околу 250 000 евра. Тоа е цифра, натрупана, натрупана, со се и сешто што би се рекло. Значи, само човек со ептен низок IQ не е во можност да примети дека и по првата година, покрај сите вложувања и инвестирања, приходот изнесува фантастични 300 000 евра. Да, тоа е првата инвестициона година. Но, што е со наредната, третата, и така натаму…Па нормално дека приходите само ќе растат бидејќи расходите се минимални.

Е сега доаѓа следното прашање: Зошто градоначалникот Панов инсистира овој проект да се даде на јавно приватно партнерство? Која е причината за неговата упорност да преку неговите “пулени” во советот ја штитат оваа теза по секоја цена? Уствари чии интереси штитат? Дали е ова репер за домаќинско работење? Дали е ова можеби само уште една наредба “одозгора” која мора да помине по секоја цена? Вака како што е, необјаснето, остава многу простор за сомневање.

За жал,  “Ресор за паушални работи” сеуште немаме. Но доколку се појави таков, тогаш дел од советниците на ДПМНЕ би биле идеални и најкадарни за неговите раководните функции. Нивните јавни излагање и бранење на тезата дека зонското паркирање во Кавадарци треба да оде преку јавно приватно партнерство се “зачинети” со популизам до врв, повикувајќи се и криејќи се зад грбот на граѓаните од општина Кавадарци. Генерализираат во глобала, ги “ставаат” сите граѓани во ист “кош” и притоа поприлично збунети и без аргументи и факти се обидуваат да вртат одоколу,  се до моментот кога нивниот гард не се “спушти на земја”. И јово на ново. Наметнуваат непостоечки и фантомски тези, мислејќи дека така лесно ќе ги избегнат вистинските одговори на круцијалните прашања. Велат дека не се експерти околу статистички податоци и немало потреба да се пресметува математички околу тоа која варијанта е подобра за граѓаните. Читале тие тоа што им е напишано и потенцираат дека овој модел кој го бранат со сите сили, бил карактеристичен за земјите со развиена демократија. Бре, мајката. Еве прашање во однос на (не)демократијата: Па што бара тогаш овој модел во земја како Република Македонија?

Локалните власти велат дека почетната цена за јавното наддавање ќе биде 46.000 евра за годишен закуп, и притоа таа цена можеби ќе стигнела и до 100 000 па и нагоре????????? Во ред, еве друго прашање во таа насока: Што ако крајната цена застане на 48 000 евра? Што правиме во еден таков случај? Еве и јас сега се повикувам на претпоставки за некое идно несвршено време? Што правиме тогаш? Мизерија, катастрофа!

Видете луѓе, јалова е тезата дека има целосна поддршка за оваа идеја. Такво нешто не постои. Ако нелколумина претседатели на месни комитети од селата Ресава и Марена ја подржуваат оваа теза, (не затоа што ја разбираат ами оти така им кажале), не значи дека сите граѓани целосно се согласуваат. Таа теза “држи вода” само доколку некој им се јавил на сите 40.000 жители од општина Кавадарци и ги прашал за свое мислење. Bullshit.

Зонското паркирање постои како идеја за решение, но не и за да оде на разноразни тендери. Да тргнеме од самите себеси и да ставиме прст на сопственото чело и да се запрашаме: која опција е подобра за граѓаните на општина Кавадарци? Оваа “подметнатата” точка е подржана исклучиво од советниците на ДПМНЕ и чат-пат некој залутан “независен” советник. Медиумите пласираа текст “Советот ја подржа оваа одлука…”. Поправилно би било да речеме, “Дел од советот…” или “Советниците од десниот блок…”. А можеби и најправиллно е јавно со име и презиме да ги објават сите на кавадаречкиот зид на срамот. Добро е да знае кавадаречката јавност кои индивидуи им “ебаваат” мајката секојдневно, за нечии други интреси.

Одлуката за зонското паркирање со сите нејзини “салтанати”  помина. И тоа со трета брзина. Како и да е, вака или онака, пајак службите ќе “тријат” раце и ќе бидат новиот “локален полицаец” како би воспоставиле некаква сообраќајна дисциплина. Старата добра и проверена тактика со удирање на граѓаните по џебовите отсекогаш вродувала со плод. Овојпат по налог на овластено лице казната ќе биде 1500 денари.

За жал, уште еднаш како и многупати во минатото граѓанинот од општина Кавадарци одлучи да застане настрана во моментите кога се решава уште едно големо прашање и те како битно за подобрување на работите во средината во која живее. Неговото замолчување ќе се одрази на неговиот џеб. Но тогаш ќе биде доцна. Можеби ете, и не знае дека политиката не е само за политичарите, дека таа им припаѓа и на граѓаните. Ако не знаел, еве сега да си знае!

Leave a Reply

Your email address will not be published.