Знак кој ни вели – не се сите „исти“, комшија!

Во мачни времиња таканаречената „неопределеност“ не е „политички идиотизам“, туку таква е таа малограѓанска свест за стварите и работите заедно со нивниот мал (или голем) личен ќар!

Дојдоа такви времиња во кои оние граѓани кои беа да протестираат во саботата беа горди, секој поединечно кој таму се затекна, освен оние кои се во кафезите на режимот и неговите сопствени закони. На таквите им дојдоа луѓе, граѓани, да им речат „не“, кои меѓу себе се различни, а исти во волјата и желбата и способноста да им речат „не“ на организираната режимска бестијалност!

Луѓето кои го окупираа Јавниот простор: улиците и парковите, се „два света различни“ од оние кои се испентерени во внатрешните, односно виртуелните јавни простори, и тоа не е лошо, туку напротив – тоа е разликата која е предуслов за еден цивилизиран опстанок на оваа мајчичка Земја: таму кадешто на дивјаштвото не му се излегува на „црта“, ама и таму кадешто измеѓу човечноста и дивјаштвото не е возможно да се повлече дебела црта која не може да се премине – тамо слободно дивјаштво повеќе нема да има (!) затоа што луѓето во јавните и виртуелните простори никогаш нема да бидат „исти“, ма колку и да се трудат „диференцираните“, мислам на оние кои не се од никоја страна. Што сакаш да ни кажеш, комшија? Сакам да кажам дека неопределените всушност функционираат под плаштот на „неопределеноста“ и „објективноста“ како во шуплина во која ја скриваат свесно својата малограѓанска свест за стварите и работите заедно со нивниот мал (или голем) личен ќар!

Е затоа тие млади луѓе кои беа на протестот против корумпираните груевистички фиќфириќи не’ можат никогаш да бидат „исти“. А за разликите, секако, во понатамошните букви, комшија!

Како чекориме во колоната, на една зграда приметувам графит „Македонија во Европа“, неколку стотици метри понатака приметувам насликан Хитлеровски кукаст крст. Првото нешто што ми падна на ум е како овој човек што го испишал кукастиот крст ја разбира Европа? Веројатно како „плутократска“, „масонска“, „еврејска“, „протестантска“, или можеби како „Америчка творба“? Потоа следствено на оваа претпоставка ми доаѓа следна: како Европа ги разбира овдешните кукасти крстови? Немам дилема дека Европјаните кукастите крстови ги гледаат како нешто лошо, така што испаѓа дека ваквиот простор со кукасти крст, симболот кои нацистите го присвоија и опоганија за сите времиња, всушност е единственото место на различност и Спор. Тука е разликата на гледање на работите. Кукастиот крст е најголемата и најдлабока разлика на овој свет!

Имено, Третиот рајх не е на дневен ред, фала му на Бога, отиде по ѓаволите, сега на граѓанинот на оваа држава останува дали ќе трпи или ќе ја порази на наредните избори ова дефамирачка бестијалност наречена груевизам! Па потоа, со нова постава, да се почнат сериозни и прави политички агенди, како ЕУ, НАТО и „еврозоната“. И се разбира, и едната и другата опција имаат своја тежина и последици. Значи да потенцирам – не е прашањето „лево“ или „десно“ од Европа, туку однадвор или однатре! Сето друго е Адолесцентска полуција!

Сега е важно, ама се повторувам комшија – да се заземе страна! Опозиционерите „отпораши“ ги заземаат Јавните простори и тоа оние вистинските, политичките, затоа што се во систем, ја освојуваат онаа Јавна маргина која преостана, која е на располагање! Така прават луѓето низ Берлин, Хамбург, Милано, Лондон. А сите оние кои глумат „хуманизам и ренесанса“ или кои цело време зборуваат за некаков идентитет… Токму сега, во тешки времиња се гледа имаш ли ти или немаш идентитет, всушност во вакви времиња се гледа, кога царува омраза, насилие, расизам – имаш ли ти Граѓански идентитет или немаш?! Па ние сакаме да остане помодари, комшија! Нема проблем, слободно останете дома во својот виртуелен свет!

Знаете што, има нешто бескрајно тажно кај овие „неопределени“ луѓе кои не’ заземаат никаква страна, и сфаќаш дека со таквата неопределеност се појавува една слика на запуштеност, малограѓанска свест и недостаток на ориентација, упориште, всушност им се губи онаа точка преку која би можеле да го помрднеме Светот. А виртуелноста, а упорното одбивање? Тоа ми се чини дека нема врска дури ни со „политичките идиоти“, тоа се секојдневни пубертетски фантазми!

Leave a Reply

Your email address will not be published.