Злото на ‘обичниот’ човек

Била позната како одличен познавач и соголувач на корените на тоталитаризмот, истражувач на влијанието на вистината и лагата во политиката, потоа на односите на авторитетот и слободата, критичар на насилството, толкувач на револуционерните процеси. Покрај неспорните научно – истражувачки одличја, за најзиното име често се врзуваат афери со професорот Мартин Хајдегер (кој ја ‘учел да размислува’), иако не толку поради општествено ‘неприфатливата’ – или во општеството несфатлива – врска професор/студентка, колку поради Хајдегеровата склоност кон нацизмот. Арендт била еврејка, што во очите на просечниот набљудувач ја прави оваа врска парадоксална, дури и неприродна. И баш на полето на погубните судири нацизам – еврејство што донеле милион жртви за еден народ, кој исчезнал поради религиско – националниот предзнак, Хана Арендт ја изнела својата позната теза за ‘баналноста на злото’, со што поставила висока задача за истражувачите на морално – етичките принципи. Дали исчезнувањето на неброени човечки животи има за своја причина таква приземност и плиткост, нешто така бесмислено како што е баналноста на злото?

Оваа теза Хана Арендт ја поставила во 1961 година кога како известувач за Њујоркер ја напишала својата студија за судењето на воениот злосторник, еден од создавачите на политиката ‘за конечно решавање на еврејското прашање’, Адолф Ајхман, под името “Известување за баналноста на злото: Ајхман во Ерусалим” (делото е објавено во 1963 година). Уште пред објавување на делото нејзината теза предизвикала многу контраверзни и жестоки и остри критики. Ова особено затоа што тврдела дека “ова судење мора да се одвива исклучиво во интерес на правдата и ништо друго.” Меѓутоа, баш таа еднаквост во примената на правдата била нешто ‘скандалозно’, со оглед дека жртвите на Ајхман во концентрационите логори немале никаква шанса за праведно судење. Ним им било однапред пресудувано. Од таа причина во јавниот процес против Ајхман се слушнале и барања дека треба да не му се дозволи да се изјаснува по прашањето за обвинението, што би значело и скратување на било каков вид на одбрана на судењето. Во дотичната поставка Арендт тврдела дека целта на ваквиот процес е освета, а не правда. Своето видување таа го обликувала со ставот дека треба да им се суди на ‘неговите дела, а не на патењата на евреите, ниту на германскиот народ или човештвото.’ Баш упатувајќи на неговите дела, Арендт се обидела да ја согледа можноста од која произлегува таквата бесчовечност во намерите и делата на Адолф Ајхман. Она што ќе го даде таа како образложение како причина за злосторствата ќе ја подели интелектуалната јавност и ќе ја раздрма и разгневни еврејската заедница ширум светот, а особено во Израел.

Имено, Арендт во Ајхман ќе препознае психоструктура на приглуп медиокритет, рамнодушен према настаните околу себе, но не поради зверската ладнокрвност, туку поради неспособноста и тупоста тоа да го сфати. Него не го карактеризира зло ‘високо чело’, како резултат на што таа не наоѓа дека Ајхман е злосторник со чудовишни намери и цели. Неговата површност го претвора во поданичка свест и послушна будала. “Ајхман не е можно да се спореди со нистожноста на еден Јаг, Магбет или Ричард III. Тој копнеел по напредување, но секако немало да ги испоубие своите претпоставени за да ги наследи.” Таквата појава, која скоро и да ‘не знае да мисли’, тешко би можела да се справи со оптеретувањето на власта, кога единствено што знае е да извршува наредби и да се покорува на постојните (во овој случај антисемитски) закони, не размислувајќи за нивната исправност или праведност. За такво нешто не е ни надарен. Баш со ваквото однесување се смета за корисен и, искажувајќи послушност према хиерархиската поставеност на национализмот, сосема исправен. На тој начин, тој ја исполнува својата должност према постојните законски рамки. Оттука за Хана Арендт, Ајхман се јавува како јаден бирократ – марионета без мозок – кој не ги преиспитува своите чинови, туку ја механизира матрицата на воспоставениот легалитет, колку и да е таа дехуманизирана. 

Зборувајќи со кантовски речник, Ајхман за Хана Арендт е експонент на тотализираната хетерономна волја на некои повисоки инстанци, поради што се одрекува од сопствената автономија. Поради тоа што не е самосвојствен, самоиницијативен, не изразува сопствена слободна волја, бидејќи е премногу глуп да би ја имал, Ајхман всушност и не е личност. Тој е само соодветен алат за извршување наредби на своите претпоставени. Со самото тоа тешко и дека е одговорен за сопствените чинови. Во него нема ништо фасцинантно. Тој е само бедна единка, која своите недостатоци и недосладности ги надоместува со втопување во масовното воодушевување од авторитарната сила. Но баш поради тоа човечноста не може да му биде својствена. Банално е и тоа што милиони обични луѓе, просечни секојдневни поминувачи, според овој образец, можат да бидат потенцијални масовни злосторници. Оттука се бара нужност од самопреиспитување во врска со хуманоста према другите и поинаквите. Во спортивно лесно можеме да бидеме замаени од примерноста на обичниот човек, но и непријатно изненадени од неочекуваните пресврти поради навикнатоста на таквата обичност. 

Баш таа навикнатост на обичноста го навела Леонард Коен во својата збирка песни со провокативен наслов “Цвеќе за Хителр”, во песната “Се што треба да знаете за Адолф Ајхман”, во еден попис на инвентарот на баналноста укажива на злото кое луѓето го прават. Тоа може да се најде во било кој недоволно спремен себе си да си ги постави вистинските прашања, а е сосема плитко и безобзирно посветен на својот ‘позив’.

 

ЛЕОНАРД КОЕН

Се што треба да знаете за Адолф Ајхман


Очи: …………………………………. Обични
Коса: ………………………………… Обична
Тежина: ……………………………. Средна
Висина: ……………………………. Средна
Карактеристични знаци: …… Нема
Број на прсти на рацете: …… Десет
Број на прсти на нозете: …… Десет
Интелегенција: ………………… Просечна
Што очекувавте?
Канџи?
Огромни лузни?
Зелена плунка?
Лудило?

 

 

 

Превод: Попова

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.