„Златна малина“ за Николае Груеску

Еве ги моите импресии по гледањето на вчерашниот „филм“ на премиерот:
Имало прислушкување. Ем од домашни службеници, ем од странски. Ем Заев бил овластено прислушкуван, ем снимката од кабинетот била неовластено објавена од „началникот“. Ем Груевски побарал Заев да биде прислушкуван во неговиот кабинет, ем ВМРО-ДПМНЕ прашува дали снимките се законски и дали смее да се објавуваат. Ем начул од познаници дека Заев му спрема „пуч“, ем чул од Заев дека му се заканува со барање за техничка влада.

Ем Заев објавил материјали од странска служба, ем самиот бил од нив прислушкуван, заедно со други опозиционери и новинари. Ем материјалите биле наменети за надворешни лица (кои не го разбираат нашиот јазик), ем за Заев (на македонски јазик). Ем „најискусниот главен инженер“ во УБК незаконски прислушкувал, ем опремата „се користи во законски одобрена постапка“. Ем вработен во МВР е веќе осуден за прислушкувањето, ем МВР и „големиот братучед“ не стојат зад прислушкувањето.

Ем вакво нешто досега никому не му текнало, ем и во други земји вакви работи се случувале. Ем „директните извршители се фатени“, ем не биле фатени, па истрагата е во тек. Ем снимките се „телефонски креирани разговори“, ем „не се сите точни разговори“. Ем барем дел биле точни, ем Грујо не навлегува во нивната веродостојност. Ем одговара на новинарски прашања, ем не одговара.

Ем дозволиле незаконско прислушкување цели 4 години, ем институциите реагирале соодветно. Ем Заев го руши системот и државните интереси, ем приватноста на граѓаните. Ем Заев соработувал со странски служби, ем Грујо со странски експерти утврдиле дека во центарот на Скопје „непознат сторител врши нелегално прислушкување“ со „клонирање базни станици“. Ем сторителите биле професионалци од висок калибар, ем не се лоцирани од нашите „професионалци“ под команда на неговиот братучед. Ем безбедносниот систем е пробиен, ем е заштитен, па нема потреба никој да даде оставка.

Ем институциите на системот ја вршеле својата работа одговорно, посветено и будно, ем бил прислушкуван премиерот, министрите, директорот на УБК, судиите, опозиционерите, новинарите, граѓаните. Ем Грујо е жртва на насилство од Заев, ем портпарол на МВР. Ем јавно објавува детали од истрагата и доказни материјали за осомничени лица, ем не сака да зборува во име на истрагата. Ем сите факти „ќе се утврдат низ транспарентна и објективна постапка“, ем ги утврдува на прес конференција! Ем вели „никој не треба однапред да биде суден“, ем се фали со експресна правосилна судска пресуда! Ем зборува во име на обвинителството, ем во име на судот! Ем надежните институции ќе го дадат својот конечен одговор, ем граѓаните.

Ем се чувствува загрозен како жртва на насилство, ем се чатали. Ем Заев водел „деструктивна и валкана кампања“, ем „началникот“ објавува монтажи од Заев како гори во пеколот. Ем повикува на спокојност и трезвеност, ем неговите „домобрани“ повикуваат на ликвидација на „домашни предавници“.

Најпосле, сфатив и зошто „жртвата“ на насилството од страна на четвртоосомничениот лидер на опозицијата се појави сама, без прудружни актери. Еми „жртвата“ сама одлучила да биде единствен глумец во филмот “Tinker, Tailor, Cousin, Spy”!

Да ги сумирам сите импресии:
Со својот настап, во улога на жртва на насилство, на прв полицаец, на јавен обвинител, на објавувач на судски пресуди, и главен уредник на „куртон вести“, Николае Груеску заслужи: „Златна малина“ за најлош аматерски глумец, за најлошо и најневеродостојно сценарио, за најлоша злоупотреба на филмска технологија, и за најлош филм во жанрот „Шпионска фикција“ (Spy Fiction).

(Текстот е превземен од фејсбук профилот на авторот)

Leave a Reply

Your email address will not be published.