Живот во замок

На трети јули 1883 година, во едно прашко гето е роден еден од највлијателните писатели на дваесеттиот век – Франц Кафка, чие недовршено дело за малку ја избегна судбината да биде изгорено. Благодарение на изневереното ветување на неговиот пријател, Макс Брод, Преобразба, Америка, Замок или Процес – станаа задолжителна лектира на сите светски револуционери, теоретичари на апсурдот и либертаријанци.

 

Франц Кафка е роден како прво од шесте деца на Херман и Јулија Кафка. Неговите родители зборувале чешки и германски. Браќата му починале како деца, и младиот Франц израснал со три сестри, кои сите починале или биле убиени во гетото во Лоѓ или во концентрациони логори. Најмладата сестра Отла била убиена на 7 октомври 1943 г. во гасна комора во Аушвиц.

Франц Кафка посетувал германско училиште. Завршил на Староградската гимназија, потоа запишал право, па преминал на германистика, па повторно се вратил на правото. Брилијантно го завршил правниот факултет, и на 16 јуни 1906 г. добил диплома за доктор на правни науки.

 

Во 1902 го запознал Макс Брод, еден од припадниците на познатиот Прашки круг, а веќе во 1903 се разболува и поминува одредено време во санаториум. По завршувањето на студиите во 1906 г. работи кај адвокатот Рихард Леви, во 1908, во списанието Hiperion ќе објави осум прозни скици под заедничкиот наслов Разгледување. Продолжува да пишува (Опис на една борба, Подготовки за венчавка на село) и објавува (Преобразба, Пресуда, Во казненичката колонија, Селскиот лекар, Уметник во гладување…), но неговите младешки дела главно се изгубени, додека оние најдобрите, кои му ја донесоа светската слава (Процес, Замок, Америка) биле објавени по неговата смрт, благодарение на верниот пријател Макс Брод кој не ја исполнил неговата последна желба – да ги запали.

 

Кафка бил строг кон себе и кон своето дело. Пишувал бавно и со прекини, често вршел исправки и дотерувања, и самиот го уништил поголемиот дел од својата работа. Обраќал огромно внимание на јазикот и неговите скриени навестувања, во што бил близок со германските егзистенцијални филозофи. За време на својот живот бил печатен во мал број примероци и бил прифатен од познатите германски издавачки куќи кои биле посветени на објавувањето на дела од експресионистичката книжевност.

 

Неговиот живот бил обележан и со познанството со три жени. Во 1912 г. кај Макс Брод ќе ја сретне својата далечна роднина Фелис Бауер, со која одреден период ќе биде верен и со која ќе одржува преписка до 1917 г. Уште побурна и понеобична ќе биде врската со новинарката Милена Јесенска-Полак, која ќе започне сосем случајно, додека таа го преведувала неговиот расказ Носач на јаглен на чешки јазик. И со неа ќе се допишува и ќе и4 ги остави своите Дневници. А последната жена – кога веќе се наоѓал на смртна постела, уништен од туберколозата, и кога тежел само 49 кг, на почетокот на мај 1924 ја запросил дваесетгодишната Еврејка Дора Дијамант, но нејзиниот татко не дозволил венчавка.
Набрзо Франц Кафка умира – на 3 јуни 1924.

 

Последното што го напишал било „Убијте ме или сте убиец“. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.