Жената со пилињата

Задникот ѝ го беше лапнал столчето до самите врвови на трите ноџиња. Не бев сигурен дали тоа некое сало се прелева преку пресната буковина или здолништето ѝ е надуено од некакви потсукњи оти веднаш ја бев отфрлив можноста дека носи розови гаќи пумпарици со три реда ластик на половината и еден ред на бутините. Какви што носеа некои пограѓанчени селанки во моето светиниколско детство што ние дечурланата ги гледавме додека се тртеа да ги тепаат чаршафите на жените од новата средна класа со дрвени пирајки врз бајки по околните потоци! Признавам дека ме возбудуваа тие движења и таа розевина, можеби помалку отколку мазната белина на нивните високи нозе. Такви беа првите еротизирани глетки во мојот живот.

Кога излегов пред картонската кутија во која беше изнела да продава десетици беложолти, неверојатно нежни пилиња на пазарот во Драчево, сфатив дека мојата асоцијативност е примитивна. Жената со пилињата беше како жената од рекламите за брускетите „Марети“: едрите цицки речиси ѝ испаѓаа од длабокото деколте. Одеа благо кон надвор, а кога се сврте да дофати, се испостави, запалка за цигарата што ѝ висеше од испуканата северинска усна, забележав дека ѝ се од оние што никнат не високо на градите, што би се рекло, под брадата на жената, туку малку пониско, да може човек да ги фати убаво веќе откај мишката дури со раката отворена кон долу или само малку поткрената. А ако ја стисне стоечки, да му удрат со пупките под последните ребра и да му го згреат стомакот.

Ја запали цигарата, ги рашири нозете, па го прибра со двете раце белото здолниште од лен. Колената ѝ светнаа на денот како речните камења во Мавровица меѓу кои со раце сум фатил толку многу мренки и открија дека нозете ѝ се цврсти и мазни до самиот крај. Потоа ја врати косата зад ушите како Шарапова пред да сервира и без да ја вади цигарата од уста, рече:

 

– Повелете, господине, едно пиле 25 денари – и фати да вади едно по едно животинче и да му чепка меѓу нозете, си помислив, утврдува жената кое ќе биде петле, а кое кокошка, но сеедно и да не беше така и во тие гестови испушташе некоја чудна еротика.

– Ја знаете ли вие, драга госпоѓице, старата народна песна „Пилето ми пее рано на сабајле, рано на сабајле, рано пред зори“, тоа е најеротската македонска песна – реков обидувајќи се да фатам врска со контекстот.

– Така ли?! – рече таа.

– А знаете ли што му фали на пилето од песната?! – прашав јас.

– Кафез, господине, кафез му фали – ми рече жената – да има кај да се избања пред да заспие – ме тресна со тој директ на земја како Мухамед Али Формана во Киншаса пред четириесет години! Би можеле да конкурираме со оваа жена за државни пари за негување на семејните вредности и многудетството, ем ќеф ем пари, животот би можел да биде убав, си помислив за миг!

 

Висев така над неа како некој Хабл над Земјината топка, кога во некоја мили секунда пак ми се јавија времињата на многу раната младост кога во седмо или осмо одделение зјапавме во деколтето на Зуица, нашата наставничка по биологија, додека се обидуваше да ни објасни како треба да гледаме во микроскопот што беше поставен на нејзината катедра и што да очекуваме, а ние висевме над неа како стрвни посматрачи не на кончестите структури на микросветот туку на нејзините убави гради!И во тој момент на висока и благонадежна еротизираност, ете ти го, на, тирули тирули, што би рекол, Драган Јовановиќ од НИН, ми заѕвони морбидниот телефон. На другиот крај на безжичната врска беше Димовски. Илија Димовски, јеботе драги бог да те јебо, откај, пак, сега тој?!

 

– Илчо, а бе нели можеше некое друго временце да одбереш, и онака сето време е ваше, мислам комитско, ебаве тоа комитите да ве ебам?! – се обидов на прва да го откачам.

– Какво друго време, бе Тричковски, знаеш ли ти дека можеме да ја загубиме препораката!

– Каква препорака, бе, која препорака – го прашав, давајќи ѝ знак на жената дека ќе ги купам сите пилиња!

– За преговори со Европската унија, ете која препорака – грмеше тој од Центарот за исфрлање пратеници на „Даме Груев“ во Скопјанг!

– Немогуќе! – реков.

– Што немогуќе, со ваква опозиција сѐ е могуќе, ебаве тоа комуњарите, додека вие се еротизирате по скопските пазари, и тука ми ги враќате мандатите, Македонија може да отиде у курац – почна да вика првиот пропагандист на режимот на чипираните идиоти.

Пилињата во картонската кутија меѓу мене и драчевската убавица се вознемирија.

– Не се дери, бе – му реков – не си на партиски состанок на вмрото во Титов Велес. Македонија отиде у курац не затоа што немаше препорака туку затоа што ве имаше вас и не затоа што останавте без опозиција во парламентот туку затоа што направивте сѐ да ја дистанцирате државата од Европа и да ги уништите европските вредности и кога опозицијата беше во парламентот, уште повеќе, самите ја исфрливте од местата на кои сега молите да се врати, нон-стоп чекате Унијата да се распадне за да ѝ отидете на погреб со таа испомочана препорака, арно ама таа Ѓекна никако да умре и кога ќе умре не се знае, препораката во вашите раце е како презерватив што го прави бесплоден односот со Европа, и на крајот, ќе ти кажам нешто многу важно, ако не ме оставиш раат да си ги пазарам пилињата!

– Кажи, бе Тричко! – кратко одговори Димовски чувствувајќи дека сум лут.

– Почнува, драг мој Илчо – реков – да ме боли курот и за вас и за вашата препорака и за оваа усрана Македонија што ја испоганивте што повеќе не може. Ете ви ја сега па прајте што сакате, со препорака, без препорака, со таквото, без таквото поздрави го лидерот, многу ви е добар, каков прекрасен, начитан човек, со визија, му фали малку стил инаку сам ќе отидеше да му ја врати препораката на Баросо (понекогаш ми се чини дека му фали уште нешто, но тоа само конзилијарно може да се утврди), а не неговата екипа на заминување да ви испраќа пораки со кои се среќавате како будала со шлаканица, имате ли некои нови проекти, ми треба еден за во Орешани…

Leave a Reply

Your email address will not be published.