Зголемен бројот македонски баратели на азил во Германија

Спред податоците на Сојузната служба за миграција и бегалци од Нирнберг, бројот на барателите на азил по потекло од Македонија од 2011. до денес бележи нагорен тренд. Во 2011. година имало вкупно 1.753 барања за азил, во 2012. бројот се зголемил на 6.889, а минатата година достигнал 9.418. Дека станува збор за алармантен тренд, покажува и анализата на само еден месец. Така на пример во јануари 2011. имало 142 барања за азил, во истиот месец 2012. имало 236 барања, па во 2013. бројот јануарски баратели пораснал на 221, а минатиот месец азил побарале дури 1.024 македонски државјани. Како што посочува Кристоф Сандер од канцеларијата на претседателот на Сојузната служба за миграција и бегалци, бројката на прифатени барања за азил е минимална и во изминативе години се движела околу 0,3 проценти. Ова би требало да ги обесхрабри сите оние кои се надеваат на подобар живот во Германија. Причината за одбивањето на барањата за азил како неосновани е што Македонија спаѓа во групата на трети безбедни држави.

„Што се однесува до патиштата на барателите на азил од Македонија до дестинацијата – Германија, статистички овие податоци не се обработуваат. Од разговорите со барателите, меѓутоа, може да се констатира дека дел од нив пристигнуваат во своја индивидуална режија, а дел организирано“, појаснува Сандер. Македонските баратели на азил главно како такви се идентификуваат откакако ќе ја минат границата и ќе стасаат до одредена дестинација. На овој начин, по пријавувањето, се распоредуваат во првото најблиско прифатилиште за баратели на азил, а потоа се прераспределуваат според востановениот принцип. Поточно, секоја од германските федерални држави е обврзана со квота да згрижи одреден број баратели на азил. Тоа се определува според посебен клуч т.н. „кенигштајнер“ . Според овој „клуч“ годинава најмногу баратели на азил треба да згрижи Северна Рајна Вествалија по што следуваат Баварија, Баден Виртемберг, Долна Саксонија, Хесен и тн. Доколку местата се пополнети, барателите се распределуваат онаму каде има слободни капацитети.

Извор Дојчевеле

Leave a Reply

Your email address will not be published.