Жерновски во тесно

Реакцијата на Наумоски е предизвикана по најавите на општина Центар одржувањето на спомениците да го отстапи на Градот Скопје, со што во општинската каса на центарци ќе останат дополнители 230 илјади евра, колку што годишно се троши за нивно одржување.

Дебатата на социјалните мрежи околу начинот на работа на Жерновски, како единствен опозициски градоначалник во Скопје, ги наметна прашањата дали тој е во координација со најголемата опозициска партија СДСМ, со чија поддршка стана градоначалник и дали социјалдемократите почнуваат да стануваат нестрпливи кога е во прашање битката со централната власт, која од него се очекуваше.

Особено што првите остри критики упатени до него, пристигнаа од невладин активист кој е во блиска роднинска врска со заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, па од таму тргнаа претпоставките дека социјалдемократите се незадоволни од неговата работа. Новото раководство на СДСМ е децидно дека целосно го поддржуваат Жерновски, а доказ за тоа, велат, е одличната соработка меѓи градоначалникот и советничката група на СДСМ во општина Центар.

„Жерновски може колку сака да се жали на притисокот од власта, за паричните казни, за одмаздувањето врз неговото семејство, за блокадата од инспекции… Но, никој не рече дека ќе биде лесно. Ние не баравме од градоначалникот да стои настрана, да ни кажува како не може да ги реши проблемите, да ни кажува колку е тешко, да ни покажува колку цврсто му се врзани рацете“, коментира Наумоски, потенцирајќи дека центарци, а и скопјани, од него бараат да ги решава проблемите, а не да избегнува да се соочи со нив.

Во одбрана на Жерновски со „контраколумна“ се јави и новинарот Бранко Героски кој порача дека не може да се очекува од новиот градоначалник со целиот товар од проектот „Скопје 2014“ да се справи преку ноќ.

Градоначалникот Жерновски не сака да ја коментира колумната на Наумоски од „Плоштад Слобода“, ниту пак полемиката што за него се води на социјалните мрежи.

Во СДСМ велат дека се свесни оти преку грбот на Центар се прекршуваат голем дел од политичките процеси во земјава, особено поради проектот „Скопје 2014“. Оттаму објаснуваат дека Жерновски се соочува со огромен притисок, бидејќи го победи ВМРО-ДПМНЕ во општината што за нив беше најважна и затоа мора да биде внимателен во потезите.

„Јавноста можеби очекува промени преку ноќ, но мора внимателно да се постапува. Ако Жерновски направи еден погрешен чекор, може да се случи да му ги земат надлежностите. Советничката група на СДСМ стои целосно зад него, функционираат тимски и заедно ги носат одлуките“, вели висок функционер на СДСМ. 

Извор Утрински

Leave a Reply

Your email address will not be published.