Жерновски се откажува од трошоците за Скопје 2014

 Планира да се откаже од одржувањето на сите споменици и фонтани од владиниот проект. Нејзината досегашна обврска ќе ја префрли на градските власти. Градоначалникот Андреј Жерновски веќе донел таква одлука и се очекуваше таа вчера да биде усвоена од мнозинството на Советот на Општината. Финансискиот момент е главната причина зошто од Центар одлучиле да се откажат од спомениците и фонтаните што се поставени на нејзино подрачје. Според општинарите, Град Скопје поекономично и поефикасно ќе управува со објектите.

„Од друга страна, фонтаните на плоштадите се наоѓаат на јавни површини од надлежност на Град Скопје, а исто така фонтаните во реката Вардар се наоѓаат во речното корито кое е во исклучива надлежност на Градот. Од тие причини, а со цел да обезбеди поекономично и поефикасно управување и одржување на наведените објекти, се предлага тие да се отстапат на чување, одржување, заштита и на користење на Град Скопје, при што потребните средства за овие намени да се обезбедат од буџетот на Градот“, се вели, меѓу другото, во образложените на предлог-одлуката на која е потпишан Жерновски. Во неа е напоменато дека ова, всушност, се смета како предлог за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Центар според одредбите на Законот за локална самоуправа, а меѓусебните права и должности да се уредат со договор што ќе го склучат двајцата градоначалници.

На листата споменици и фонтани кои се во план за отстапување се сите поставени како дел од проектот „Скопје 2014“, вклучувајќи ги и лавовите на мостот „Гоце Делчев“, скулптурите на мостовите „Око“ и на „Мостот на уметноста“, како и трите споменици на албански и турски дејци кои се’ уште не се поставени. Во план е да се отстапат и оние што допрва треба да се постават како споменикот на Петар Чаулев и други.

Траjановски: Ако така одлучат, Ќе ги прифатиме

Од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски вчера накусо рекоа дека немаат ништо против најавите на Општина Центар.

„Ако така одлучат, ќе го прифатиме одржувањето на спомениците и фонтаните“, категорични беа од кабинетот на скопскиот градоначалник. Оттаму не знаеја да кажат дали ова можеби е постигнат договор меѓу Жерновски и Трајановски и дали за предлог-одлуката ќе треба да се изјасни и Советот на Град Скопје. (Дс.Т.)

За Александар годишно се трошат над 100.000 евра

Само за одржување на фонтаната на Александар Македонски и двете фонтани во Вардар во изминатиот годишен период се потрошени околу 145.000 евра, од кои 35.000 евра само за струја. Генерално, за одржување на сите споменици и фонтани, не вклучувајќи ги плоштадите „Пресвета Богородица“, „Карпошово востание“ и мостовите „Око“ и оној на уметноста, Општината на годишно ниво има трошок од околу 255.000 евра. За физичкото обезбедување Општината за период од две години ќе треба да плати речиси 60.000 евра. За одржувањето на вечниот пламен во паркот „Жена-борец“ на општинска сметка стасува фактура од безмалку 7.000 евра а две полнења на резерватот во период од шест месеци чини околу 3.500 евра.  

Leave a Reply

Your email address will not be published.