Зборовите на омраза, напишани или кажани преку медиумите, немаат општествена вредност

На прагот на изборната кампања, медиумите, политичарите, политичките партии и другите центри на моќ сакаат да манипулираат со граѓаните и тоа најдобро им успева во симбиоза со медиумите. И едните и другите тоа го прават свесно. Политичарите, за да ја остварат својата цел и да ги изманипулираат граѓаните, а медиумите за да остварат финансиски бенeфит или, приклонувајќи се кон владејачката гарнитура, да остварат повластена положба во општеството и финансиски бенeфит: „Реформите и проектите на ВМРО-ДПМНЕ се остваруваат со силна динамика и со почит кон граѓаните. Ветеното мора да биде исполнето… остварено е 82 отсто од ветеното“(МТВ).

Оштетени се граѓаните затоа што и тие што ги конструираат манипулативните пораки и медиумите кои ги пренесуваат, тоа го прават свесно. Ако медиумите не се спротивстават на таа логика на манипулации, тие секојдневно ќе се зголемуваат и тоа ќе остави разорни последици во јавниот живот. Ако кај новинарите е развиена морална и политичка култура, тие ќе бидат чувствителни на таквите пораки, во самите зборови ќе ги откриваат манипулативните пораки и ќе се дистанцираат од нив.

 

Лоша пракса

 

Евидентно е дека во сите медиуми, особено во оние блиски до власта, во периодот кој се нарекува предизборен, доминираат текстови, информации, вести, анализи кои најчесто се користат во пропагандни и манипулативни цели. Се употребува говор на омраза, демонизација на политичкиот противник, негативна стереотипизација, дискредитација: „За разлика од МАН, другото здружение на новинарите ЗНМ ги крие податоците… ЗНМ дефинитивно не работи транспарентно и одговорно и нема членови новинари во своите редови за да биде респектабилна асоцијација, тие се тајно друштво. Андерграунд. Или подземна асоцијација со подземни новинари“…  (Вечер)

Во медиумите, во еден ист прилог, често е застапена позитивна, фаворизирачка или апологетска оценка за политичарите од власта и негативна, напаѓачка или демонизирачка оценка за политичкиот противник.

Се користи амбивалентен приод во експлицитна оценка при што се фаворизира некој политички субјект и истовремено се употребуваат негативни или напаѓачки зборови, атрибути и оценки за неговиот политички опонент: …„по примерот на Макрадули кој прв ја прифати ваквата губитничка улога… Пендаровски е втор кој прифаќа ваква непристојна понуда… Колку и да е драстична досегашната разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, особено што владејачката партија не кокетира со никого, а опозицијата со кого ќе стигне, не е лесно да се најде човек кој би прифатил да губи“(Канал 5).

Се повикува на мобилизација или „отстрел“: …„Со ваквото однесување Геровски се става во директна одбрана на првиот човек на Сорос Фондацијата во Македонија, Владимир Милчин, за кого Комисијата за лустрација утврди дека бил соработник на тајните служби“… (Курир)

Се дискредитираат политичките противници: „Пратеник на СДСМ Емилијан Станковиќ поседува пиштол“…(Прес24) или: „Син на пратеничката раководи сајт, туристички работници се новинари… Раководител на интернет порталот Бриф е Илин Николовски, син на пратеничката од коалицијата на СДСМ, Ленче Николовска. Илин Николовски , всушност можеби е само про-форма, зад која стојат одредени политички интереси“…(Вечер)

Со повици на мобилизација и верска сегрегација медиумите се стават во „одбрана на нацијата“:…„Крстот е легитимација на македонските христијани, Македонците го препознаваат својот простор со симболот во кој веруваат… над 90 проценти од населението во општината Аеродром се македонски христијани“… (Курир…„Со гласно повикување од минариња оџите сакаат да ги натераат немуслиманите да се иселат“… (Република)

 

Последици

 

Притоа, не се почитуваат основните принципи и кодексите на однесување на новинарите. Тоа се должи на исклучително ниска општа политичка култура и силна поврзаност на медиумите со центрите на моќ, кои ја диктираат политичката култура и односот на медиумите кон неа. Таквата пракса остава катастрофални последици во јавниот живот.

Најголемата опасност при известувањето од предизборните кампањи се заканува од ширење на предрасудите, стереотипите, запалливите говори или изјави во кои има говор на омраза, а медиумот не ги контекстуализирал: „Кичево било и ќе остане Македонија. И струга и Кичево и Куманово и Тетово и Гостивар, сите општини биле и ќе бидат Република Македонија. Ако Фатмир Дехари сака да живее во Албанија, еве му ја Албанија, нека оди нека си живее… Со сликите со калишникови нема да заплаши никого. Овде му порачуваме, дека никого не исплашил ниту сега, ниту во 2001, ниту во иднина било кого ќе исплаши со калишникови“… (Говор на премиерот Груевски во Кичево на 14 март 2013)

Таквите пораки, особено во кризните времиња, масовно се прифаќаат од поголем процент на граѓаните, поради нивното социјално, интелектуално, образовно, економско … ниво и во политичкиот противник, во овој случај најчесто во СДСМ, се бара и наоѓа виновник за сѐ што е лошо и несреќно во државата и во општеството. …„Сакам да ми објасни било кој Македонец… со кој образ стои зад Црвенковски, и гласа за СДСМ ?! За што гласа? За рехабилитација на транзиција, за смена на знамето и името, за загубената војна во 2001 и за албанизираните градови со неговата територијална поделба“… (Вечер)

Ваквите содржини во медиумите можат да добијат широки размери и да предизвикаат трагични последици. Тие се најчесто упатени кон оние кои не припаѓаат на одредената група или центри на моќ. Таквиот однос кон граѓаните и политичките субјекти произлегува од медиуми кои се чувствуваат супериорно и го омаловажуваат другиот, ширејќи омраза. Во кризните ситуации тој облик добива патолошки размери. Масовно прифаќање на предрасудите во кризните политички ситуации завршува во барање на виновник за кризата, што е вид на психолошко празнење, а тоа може да биде фатално за оние кои се означени како виновници. Бранко е крив за: „транзиција, за смена на знамето и името, за загубената војна во 2001, за албанизираните градови со неговата територијална поделба“. (Вечер)

 

Говорот на омраза завршува со насилство

 

Медиумите мора да внимаваат на тоа дека говорот на омразата во јавниот дискурс најчесто завршува со насилство. Кога омразата преку медиумите ќе добие простор да се манифестира на јавна сцена, тогаш може да се оцени дека со неа управуваат и ја поттикнуваат лоши и опасни луѓе. Доминација на омразата на јавната сцена не е ништо друго освен доминација на лоша власт. Медиумите кои употребуваат и шират говор на омраза се соучесници во можното зло и злосторствата кои произлегуваат од омразата.

Новинарите морат да бидат свесни дека зборовите на омраза, напишани или кажани преку медиумите, немаат општествена вредност. Тие ја дехуманизираат својата цел и поттикнуваат насилство и други видови на антисоцијално однесување. „По сопствено признание Владимир Милчин е оксиморон, тоа е човек што тропа остроумна глупост. Оксиморонот Владимир Милчин вели дека во Македонија владее неслободна демократија. Ова не е осиморонски, туку е 100 проценти моронски“.. (Курир).

За ширењето на омразата преку медиумите, одговорност е на вработените во нив, значи на новинарите и на огласувачите, кои се , пак, етички одговорни затоа што даваат финансиска потпора на она што е нечовечно. И, сé додека публиката, гледачите, читателите ги поддржуваат машинериите кои шират говор на омраза и со своите програми и содржини ја засилуваат конфронтацијата во општеството, медиумите ќе бидат главните носители на деградација на политичката културата во општеството. „Ах , Геро! Ах, греву! Со кое бабуле ти го креваш народот на „устанак“… Кога толку сакаш да бидеш водач на увезена револуција, извади го ти твојот кубур и ритуално пукај си во мадињата“… (Курир)

Во битката против говорот на омразата многу е важна слободата на печатот и говорот, но и притисокот на граѓаните преку граѓанските здруженија, на говорот на омразата да се одговори само со говорот на фактите. Противотровот на говорот на омразата не е гушењето на говорот, туку поголема слобода на говорот. Клучот за цивилното општество лежи колку во публиката, читателите, гледачите, слушателите, толку и во оние кои пренесуваат пораки, односно во медиумите.

Новинарите, чија специјалност се шокантните епитети и пораките исполнети со омраза, опстануваат само поради рекламата дека се „најгледани, или со најголемите тиражи и дека е тоа привлечно за публиката“. „Пријатељу, такво опнување од земја, какво што му се деси на Бранко немам одамна видено. А богами нема скоро да видам. Па во таква збирштина од полтрони и робови не може нормален човек да се пробие. Ма кави полтрони, политички зомби се тоа„… (Вечер)

Тоа е резултат на поданичка култура и поданичкиот однос на повеќе слоеви на општеството, меѓу кои и на медиумите кон властодршците, односно кон политичката елита која во своите раце ги држи сите лостови на власта, вклучително и нарачките за рекламите и огласите од кои медиумите треба да живеат.

 

Рибари на човечките души

 

По дефиниција, политичката култура е внесување на ред во политичкиот живот, односно во јавната сфера, и таа има пресудно влијание на правците во кои се движат и поединците и општеството во целина, а на крајот и државата. Од нивото на политичката култура зависи квалитетот на општествениот поредок.

Врз формирањето на политичката култура во едно општеството најголемото влијание имаат политичките, духовните и интелектуалните елити и медиумите. Затоа, тие се најважни и најодговорни чинители во формирањето и одржувањето на нивото на политичката култура на поединецот и општеството во целина.

Кога има авторитарната власт доминира провинциска и поданичка политичка култура. Таа им одговара на авторитативните властодршци, бидејќи со нејзина помош граѓаните постојано се држат во потчинетост, се третираат како незрели и се злоупотребуваат за лични цели.

Потчинетите се свесни за авторитетот на власта. Тие кон неа и кон политичкиот живот можат да се однесуваат афективно, да ја обожуваат, или да се рамнодушни и незаинтересирани. Во суштина, поданикот е пасивен во политичкиот живот. Тоа, секако, им одговара на авторитарните владетели и општества. Во такви ситуации преку медиумите се форсира слепа послушност и потчинетост кон оние кои се хиерархиски на повисоко ниво, но истовремено се форсира сурово однесување и презир кон оние кои се на пониско ниво и кои зависат од добрата волја на властодршците.

Во такви општества медиумите се користат само во пропагандни и манипулативни цели. Кога таа пропаганда и манипулација стануваат сѐ поочигледни, последиците кон оние кои се спротивставуваат стануваат сѐ повулгарни и побрутални. Авторитарната политичка култура медиумите ги посматра само како машинерија за пропагирање на волјата на оној кој владее и затоа до максимум се загрозуваат слободата на мислењето и стандардите на новинарската професија . Медиумите се сведени на обични трансмитери и повеќе несе окото на јавноста кое треба да пренесува сé што се случува во општеството и државата, туку се обично средство за пренесување на пораките кои ги одбира владејачката гарнитура и кои сака да ги чуе и види во медиумите. Притоа, во нивниот избор има не само пропаганда, туку и духовно насилство. Со така пренесените пораки, медиумите често го навредуваат здравиот разум, убедувајќи ги граѓаните дека она што го гледаат, слушаат и чувствуваат не постои. Во нивните раце медиумите служат за „силување“ и „насилство“ над разумот на јавноста. Во таквото политичко милје, медиумите реагираат само на дневни препукувања и политички потези и објавуваат најчесто „информации и вести“, кои се од интерес за владејачкото мнозинство или група. Граѓаните треба тоа да го прифатат како единствената вистина и притоа да молчат за многу други прашања кои се однесуваат на општествената структура, и положбата на граѓаните во неа.

„Манипулација со луѓето спаѓа меѓу осумте смртни гревови“ – вели професорот Ѓуро Шушњиќ. Кај провладините медиуми целата програмска или уредувачката шема се базира на пласирање манипулации: „ ВМРО-ДПМНЕ е партија која држи до зборот … Тоа што сме го ветиле и го остваруваме… …раководството на СДСМ , пак има таков карактер да не стои до зборот, често си ги менува сопствените ставови што ги кажале.“(Денешен)

 

Поуки за медиумите

 

Кога е во прашање нивото на политичката култура на поединци и општествените групи и генерално на општеството, медиумите имаат огромна улога. Тие, со своите реакции на општествените појави, можат и треба да влијаат на подигнување на нивото на политичката култура и нејзиниот развој. Изборот на тоа што и како ќе ѝ пренесат на јавноста, покажува како медиумите ја гледаат сопствената улога во јавниот живот и како влијаат врз политичката култура.

Кодекс на новинарите на Македонија во член 6 вели:

Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации заради стекнување лична корист. Не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето“.

Без демократска политичка култура нема гаранција дека ќе се воспостави демокртаско владеење и демократски начин на живеење.

Особено во предизборен период, медиумите мора бргу да ги детектираат сите обиди на политичките субјекти и власта кои можат да предизвикаат атмосфера на сериозни тензии во политичките и меѓуетничките и меѓуверските односи, да се воздржат од употреба, промовирање и пренесување на говор на омраза, нетолеранција, дискриминација, пејоративи по секоја основа, негативна стереотипизација, прикриени или отворени повици за насилна мобилизација. Во спротивно свесно ќе ги прекршат професионалните стандарди и новинарската етика.

Медиумите и новинарите треба, мора да размислуваат дека ако ги поддржуваат ваквите обиди, врз себе ја преземаат одговорноста за дезинтеграција на општеството било преку намерно или преку невнимателно известување кое поттикнува стереотипи, предрасуди, поделби и нетолеранција.

Многу е битно како ќе се однесуваат медиумите во известување за партиско-политичките, меѓуетничките и меѓуверските прашања во текот, пред и за време на изборниот период. Треба да се елиминираат сите текстови кои повикуваат на меѓуетничка нетолеранција и сегрегација по национална или верска основа.

Основно е медиумите да се воздржат од повикување на насилство и нетолеранција, од емитување запалливи говори повици за насилна мобилизација.

Всушност, тоа е и содржината на членот 10 од Кодексот на новинарите на Македонија:

„Новинарот нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува насилство и дискриминација по било која основа… (национална, верска, расна, социјална, политичка, сексуална ориентација…)

Новинарите и медиумите се често во дилема како да го пренесат директното обраќање на политичкиот субјект – политичар, лидер на политичка партија, член на владата или премиерот, кога тој употребува говор на омраза, напаѓачки квалификации, навреди и на тој начин може да предизвика негативна стереотипизација. Во нашата пракса новинарите најчесто експлицитно го пренесуваат говорот на омраза на политичарите. Новинарите навистина не можат поради тоа да трпат некакви правни консеквенци, но имаат етичка одговорност.

Во европската пракса ваквите истапи се „санкционираат“ на два начина. Новинарот во таква ситуација има право на политичарот да му го „оневозможи правото на слободата на говорот“ така што тој дел од неговото излагање, во рамките на саморегулацијата, нема да го објави. Втората можност е тој дел од говорот, каде има елементи на говор на омраза, да го стави во некаков контекст. При тоа ќе укаже дека во неговото излагање има недозволиво користење на говорот на омраза. Но, ни во кој случај не треба експлицитно да го пренесе. (Види новинарска лекција „Пренесен говор на политичар“)

Говорот на омраза најчесто е насочен кон друга етничка заедница или кон политичкиот противник. Граѓаните, во таквите ситуации се претворени во „заробен аудиториум“ кој мора да ги слуша нивните навреди без право на избор. Односно, има само еден избор: да слуша-гледа-чита, или да не слуша-не гледа-не чита. Новинарот треба или да го избегне тој дел од говорот, или да го контекстуализира.

Бидејќи сме на прагот на изборната кампања, медиумите треба да обезбедат отвореност кон различни политички мислења и гледишта, непристрасно известување за политичките партии и актери и воздржување од говорот на омраза и дискриминација по било која основа, посебно врз основа на политичка припадност. Непристрасност за време на изборна кампања, меѓу другото, значи и дека медиумите, посебно електронските, во вестите и извештаите не смеат да изразуваат гледишта за или против некоја политичка партија, ниту да се јавуваат како застапници на конкретни политички гледишта во актуелната политичка дебата.

Во таа смисла и Меѓународната Федерација на новинарите и Кодексот на новинарите на Македонија (член 14, 15,16) предупредуваат дека новинарите треба да избегнуваат надворешни интереси и поврзувања, кои можат да им наштетат на нивната репутација на непристрасност, правичност и интегритет. Истакнатите новинари, како што се популарните презентери на телевизиските програми и водечките колумнисти во весниците, треба особено да водат сметка за својата непристрасност и да известуваат балансирано, да обезбедат професионална дистанца од политичкиот субјект, да ја негуваат културата на говорот, да го чуваат угледот на својата професија, да не го употребуваат својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги, и да одбијат работна задача доколку е во спротивност со принципите на новинарската професија и Кодексот.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Leave a Reply

Your email address will not be published.