Законот за абортус критикуван и од пратеници од Европа

Законот за предвремено прекинување на бременост што неодамна беше усвоен од Собранието на Македонија предзивика „длабока загриженост“ кај 20 пратеници од Советот на Европа, кои потпишаа декларација упатена до јавноста и до македонските власти.

Протестот е изразен и кон начинот на донесување на законот во Собранието и кон содржината на законот, кој е оценет како уназадување на правата на жената и како пропис кој не е во согласност со современите европски и светски стандарди, ниту пак со препораките на Светската здравствена организација.

„Законот не е во согласност со какви било меѓународни или Европски стандарди за абортусот и со репродуктивните и фундаменталните права на жената“ – се вели во декларацијата при што како референци се наведуваат Водичот на СЗО, и Резолуциите на Парламентарното Собрание на Советот на Европа 1399 и 1607 од 2004 година и од 2008 година.

„Задолжителниот ултразвук, периодот на чекање и писменото барање, се понижување и деградација на жената, спротивни на човечкот дигнитет и на фундаменталните права на приватност и доверливост наведени и во Уставот на Македонија“, сметаат пратениците на СЕ.

Тие на почетокот од декларацијата наведуваат дека го признаваат сувереното право на земјата во водењето политики во јавното здравство, но сметаат дека со начинот на усвојувањето на овој закон, Македонија „предизвикува загриженост во однос на нејзината определба за демократија и за владеење на правото“.


Тина Акетоф, либерал од Шведска, членка на Алијансата на либералните партии во ПССЕ – АЛДИ е иницијатор на декларацијата

„Без никаква посебна итност, законот беше усвоен во Собранието во „итна процедура“ за две недели, со што беше оневозможена каква било јавна дебата и консултации со клучните заинтересирани страни како што се лекарите, организациите на жените и граѓанското општество“, се вели во декларацијата.

Воедно упатен е повик до Македонија да се држи до меѓународните стандарди кога носи закони за оваа област.

„Ги повикуваме македонските власти кога носат закони од оваа област да се водат првенствено од научните, медицинските и стандардите за човекови права, со што ќе се обезбедат сите меѓународни стандарди“ – апелираат пратениците.

Декларацијата е иницирана од шведската пратеничка Тина Акетоф, која припаѓа на пратеничката група на либералите, а кон нејзината иницијатива се приклучја уште 19 други пратеници, претежно од либералните или лево ориентираните партии од Скандинавските земји, од Велика Британија, Австрија, Молдова, Естонија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Турција. Пишаните декларации се политички изјави и ставови на пратеници од Советот на Европа.

Извор javnost.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.