Половина од граѓаните не знаат дека постои Закон за слободен пристап до информации
Од друга страна, голем дел од службениците кои располагаат со информации од јавен карактер, се плашат да дадат одредена информација. Ова го покажуваат резултатите од последното истражување на примената на Законот, презентирани на 27-ми септември 2013 година, по повод 28-ми септември, Меѓународниот ден на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во истражувањето, спроведено во периодот август – септември 2013, беа вклучени 1228 граѓани и 446 иматели на информации од јавен карактер. Од резултатите, произлегува дека само 18 отсто од граѓаните побарале пристап до информации, а само половина од нив добиле одговор. Дури 52,3 отсто од граѓаните воопшто не слушнале дека постои Закон за слободен пристап до информации. Данче Даниловска од правната програма на ФООМ, нагласи дека овој процент, иако е зголемен во однос на 2009 година, сепак не е доволен и целосно ја оправдува потребата од јавна кампања која ФООМ ја побара од надлежните уште пред три години.
Претставувајќи ги резултатите од истражувањето кои се однесуваат на имателите на информации од јавен карактер, Марија Петровска оцени дека кај голем дел од службениците задолжени за примената на Законот, постои страв од давање одредени информации. Голем процент на иматели на информации сметаат дека најголема слабост во спроведувањето на Законот е неинформираноста на граѓаните и необучениот кадар.
ФООМ, и овој пат, бара Владата и Комисијата за слободен пристап до информации (КОМПСИ) да спроведат едукативни кампањи за информирање на јавноста за правото на слободен пристап до информации. Исто така, да се зајакне улогата на КОМПСИ, како и изрекување на прекршочни санкции за институциите кои не го спроведуваат Законот за слободен пристап до информации.
Законот може да го видите овде.
Извор soros.org.mk