Заклучоците за 24.12. задолжително незадолжителни

Конечниот извештај за инцидентите во Собранието на 24 декември 2012 година, кој вчера го потпишаа сите членови на ад-хок Комисијата, во некои сегменти повеќе отвори прашања, отколку што затвори. Ваков е впечатокот на аналитичарите кои ги консултираше Дојче веле, откако документот стана достапен за јавноста.
Извештајот за 24 декември, има две лица – едно суштинско и едно пропагандно, вели аналитичарот Сашо Клековски.
„Суштинско е дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постигнаа согласност за извештајот со консензус, иако со деловникот е предвидено мнозинско одлучување. Пропагандното лице е дека и двете партии во согласност на мачо-културата, во јавноста ќе се прогласат за победници. Но, многу е важно дека и во јавно изразеното несогласување, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги поддржуваат препораките во извештајот кои треба да го подобрат работењето на Собранието и да превенираат слични ситуации. Резултатите од извештајот ќе најдат одраз во извештајот на Европската комисија. Филе веќе го поздрави извештајот донесен со консензус и најави дека тоа ќе биде забележано во извештајот за Македонија. Препораките ќе станат дел од интеграцискиот процес и нивната реализација ќе биде следена и од ЕУ. Според извештајот, ЕУ е страна во договорот од март меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, потсетува Клековски.
Посветени на препораките
Иако не постои временска рамка во кој треба да бидат спроведени препораките, од двете партии најавуваат дека тоа ќе биде направено во најбрз можен рок. Во тоа уверува и Илија Димовски, член на ад-хок Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, кој вчера изјави дека за неговата партија „тежината на правните квалификации во извештајот е иста како ‘палома’ хартија“.
„Таа моја изјава се однесува само кон заклучоците. Препораките ги поддржуваме и ќе работиме на нивна имплементација. Во нив има многу добри идеи и насоки за процесот за носење на буџетот со фиксни рокови, за собраниското обезбедување и други прашања. На прашањето дали заклучоците ги третираат како форма без суштина, која не произведува никакви правни последици, Димовски кратко одговара: „Па, така некако“.

повеќе, ТУКА

Leave a Reply

Your email address will not be published.