Заклучоци има, одговорност нема

Комисијата која ги истражуваше случувањата во Собранието на 24 декември со пресврт во „судиското продолжение“ едногласно го потпиша Извештајот за настаните на 24 декември во кој има 11 препораки и седум заклучоци. Сепак, едногласноста не значи дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги усогласија ставовите за она што се случи тој ден. Напротив, таа значи дека јавноста деновиве ќе слуша сосема различни тонови од звучниците на двата штаба.

Имено, според ВМРО-ДПМНЕ тежината на правните формулации е иста како „парче хартија од ’палома’ од штабот на СДСМ“. Тие велат дека го потпишале извештајот не поради тоа што се согласуваат со правните формулации, туку поради неговото значење за евоинтеграциските процеси на земјава. Според СДСМ, пак, извештајот е чекор напред во демократијата и доказ дека на 24 декември противуставно новинарите и пратениците биле исфрлени од собраниската галерија.

Двете партии не се согласуваат ниту во поглед на тоа дали извештајот во себе носи и политичка одговорност. Според ВМРО-ДПМНЕ такво нешто извештајот не содржи, додека според СДСМ, донесените заклучоци и нотирањето дека е прекршен Уставот, Деловникот и Законот на Собранието се јасен показател за тоа каде лежи одговорноста и кој наредил исфрлање на пратениците од собраниската сала и го прекршил Деловникот и Законот на Собранието во процедурата на носењето на буџетот.

Потпишувањето на договорот се одвиваше зад затворени врати, а членовите на Комисијата еден по еден излегуваа од салата да им реферираат на новинарите.

Најпрвин професорот Борче Давитковски, како ништо да не се случило, им се заблагодари на членовите на Комисијата, но и на политичките лидери кои, според него, нашле доблест да ги надминат теснопартиските интереси во интерес на Македонија и на граѓаните, како и на евроатлантските аспирации. Особена благодарност упати и до претставникот на Европската унија, Петер Ванхут, кој излезе испотен од салата.

„Се направија нужни компромиси за да се дојде до финално решение“, изјави по потпишувањето претседателот на комисијата Борче Давитковски, кое и покрај сите несогласувања викендов и остри напади од двете страни, се случи експресно за само неколку минути.

Според Давитковски, потпишувањето на извештајот е најголем бенефит за Македонија и преку имплементација на препораките, како што рече, земјата ќе тргне во друг правец. Тој рече дека сега во Собранието ќе се формира Комисија за спроведување на препораките од извештајот.

„Со измената на Деловникот и Законот за Собранието да се движиме во развој на демократијата како што и’ личи на Македонија“, порача Давитковски.

Професорката Рената Дескоска, член на Комисијата од СДСМ, изрази задоволство што е потпишан извештај со кој новинарите и пратениците, како што рече, добија сатисфакција за она што беше сторено на 24 декември лани.

„Се надеваме дека овој извештај ќе биде влог во враќање на демократските вредности во Македонија и оти ќе претставува на некој начин поттик на вербата на граѓаните дека кога сме заедно на браникот на вистината правдата е достижна“, изјави Дескоска.

Таа оцени дека извештајот е квалитетен и со усогласени 11 заеднички препораки кои ќе значат подобрување на работата и јакнењето на Собранието. „Се надеваме дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го прекрши договореното и ќе работи на спроведување на она што е запишано во извештајот“, рече Дескоска.

Според членот на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, Извештајот на Европската комисија во октомври има далеку поголемо значење од каков било извештај на оваа Комисија. Тој уште еднаш го повтори ставот на неговата партија за настаните на 24 декември.

„На 24 декември имаше организирано сценарио, обид за насилно стопирање и спречување на Собранието да ја извршува својата уставна надлежност да носи одлуки во име на граѓаните на Македонија. Имаше организирано сценарио за насилно преземање на Собранието и од внатре и однадвор“, посочи Димовски. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.