Разузнавачките агенции загрижени – не знаат колкав доверлив материјал има Сноуден

Според западни медиуми, постои загриженост дека Сноуден однел многу повеќе документи отколку што првично се сметало, а особено внимание предизвикуваат неговите контакти со основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

Претседавачот со Комитетот на Сенатот за безбедност, Даен Фајнстајн изјави дека надлежните служби ја информирале дека Сноуден има околу двеста тајни документи. Друг официјален претставник, вели дека Сноуден поседува повеќе илјади документи кои и припаѓале на НСА.
Според британски медиуми, Гардијан и Вашингтон пост засега не ги објавиле сите детали од документите што им ги дал Сноуден. Американските власти сметаат дека тој се уште е во Русија иако Еквадор потврди дека се разгледува неговото барање за азил. Сноуден вчера не се качил на авион на Аерофлот за Хавана иако медиумите претходно најавуваа.
Весникот Вашингтон пост наведува дека случајот веќе предизвикал критики за претседателот на САД Барак Обама. Американски конзервативци сметаат дека неговиот однос спрема случајот ја поткопал репутацијата вон границите.
– Никој веќе не стравува од тоа момче, вели Елиот Коен, поранешен советник на претседателот Џорџ Буш помладиот. Поткопувањето на довербата се случува во момент на меѓунардони кризи. Според конзервативците, Обама требало лично да се заземе за случајот и да го постави прашањето директно пред кинески и руски претставници.

Бегството на Сноуден од Хонгконг создаде тензии меѓу САД и три држави – Русија, Кина и Еквадор, објави Њујорк тајмс.
Неспособноста на администрацијата на Обама да влијае врз Кина, Русија и држави од Латинска Америка ја покажува ограниченоста на американската сила во светот, додава весникот. Според изданието, голем број американски претставници меѓу кои и заменикот државен секретар и директорот на ФБИ вчера се обидувале да ги убедат руските колеги да соработуваат за случајот Сноуден, но без резултати.
Според весникот, Сноуден најверојатно е во Москва бидејќи се претпоставува дека носи 4 преносни компјутери и „папки“ со најразлични информации, така што држава како Русија нема да дозволи туку-така да замине за Куба.
Росијскаја газета со наслов „Бегај Сноуден, бегај“ наведува дека бегството на поранешниот агент на ЦИА е „шамар за Вашингтон од Москва и Пекинг“.
Пред вчерашниот лет за Хавана, американски медиуми не исклучуваа дека рускиот авион може да биде пресретнат во воздушното пространство од американски сојузници во НАТО – Норвешка или Канада.
Во меѓувреме, објавува весникот, во САД почна вистинска хистерија по неуспешните напори на САД да го уапсат Сноуден. САД сепак не работат во духот на соработката разгледувајќи ги молбите за екстрадиција од руските власти – Русија на пример со месеци без успех бара Вашингтон да и го предаде бизнисменот Виктор Бут и Константин Јарошенко осудени во САД за да издржуваат казна во татковината. Процедурата е предвидена со конвенција на Советот на Европа, но САД не брзаат да дејствуваат, наведува весникот.
Скандалот со Сноуден може да влијае врз односите на САД со Русија и со Кина. Американските власти речиси едногласно ги обвинија Москва и Пекинг дека водат „тајна војна“ против Вашингтон и се заканија дека тоа нема да биде без „последици“, објави Комерсант.
Според политикологот Брус Ридал, со над 30-годишен стаж во ЦИА, скандалот веќе ги уништил напорите на вашингтонската администрација да ги нормализира односите со Пекинг и Москва.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.