Забранета зона

Борбата продолжува.Наместо молк, главните уредници облечени во црно, пред музејот на ВМРО на годишнината од револуционерната борба,треба да запрашаат некој од фигурите дали борбата завршила со наше фрлање на знамето со сонцето од Кутлеш во рацете на една туѓа икона и кралица на фолкот, која вртејѓи го, сакала или не ни го покажува правецот и иднината на државата.Треба да положат заклетва во името на сите на кои им е нанесена неправда и на слободните дека чесно влегле во освојување на слободата, пред да ја побараат за Кежаровски.Нека се погледнат меѓу себе, нека си врзат по една шлаканица, нека си опростат меѓу себе, па нека побараат прошка и од сите нас.За она што можеле,а не го направиле,за она што го направиле,а можеле да го одбегнат.

Така е кога сме ги испомешале приоритетите.Така е кога доматите ни се помили од слободата.Ќе го идентификуваме ризикот кој го погодува земјоделскиот производ, ќе го развиваме осигурувањето од катастрофални ризици,но гајле си немаме, освен ретките поединечни акции како реакција за нанесена неправда , да се осигураме од ризикот кој го коси демократскиот производ.Таа зона се разбира е забранета.Политичко-партискиот мобинг ни виси над главата како онаа сабја врзана со коњско влакно.За тоа нема државно,владино ,партиско покровителство.

Зборуваме за набиен страв во коските,за неправедност која дошла како да паднала од небо,несакајќи да забележиме дека се изродила од почвата во која сме посеале семе кое не се зафатило зошто со сопствениот страв сакаме да влеземе во дозволената зона каде ќе осигуруваме се друго освен слободата.А без неа,се ќе биде скапано.

Токму и заради тоа екранот пред нас ќе биде наша трпеза.Таквиот зачин ќе ни донесе само шепотење,а вистината секогаш ќе ја оставаме за по дома,а таа ќе не влече за ракав, ќе не тегне за пижамите и домашните влечки, дури и кога вистински сме задремале.Не ни е доволно и кога јавно ни се признава дека јадеме од иднината.И тој голем залак го поголтнуваме.Со болка,ама голтаме.Не сакаме ништо да не вознемири.Со нож сечеме такви непријатности.Затоа и мирно сакаме да слушаме за големите богатства кои ги имало во утробата на ‘убавата наша’, за по некој украден сеф….Тоа го сметаме за наше,се лажеме самите себе си, дополнувајќи ја чашата која прелила.

Затоа,во меѓувреме ќе гледаме мавачи на диви костени од двете страни и некоја скапана и растркалана глава,по некој луд репрезент кој брои трошки и прави штети и ќе ги броиме извештаите секоја година.Ќе го чекаме декември,април,јуни,октомври…
Затоа и најголем политички успех за оваа година ќе ни биде тоа што се заборави 24.12.Зборуваме за надмината политичка криза со консолидирано претставничко тело.Тоа е Дело.Ако може да се подготвува акциски план со челник пред чиј нос се влечеа влечените,тогаш зошто молчењето на некој да не биде подобро и поефективно отколку дрдорењето заради поминување на ред и ден.Купи-продај ден.

Така е кога сме ги испомешале приоритетите.Така е кога доматите ни се помили од слободата.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.