За Роберто или заминувањето на еден Слободар
Ни отиде еден од најсилните, најзначајните луѓе во цивилниот сектор; отиде мојот Драг Пријател, Роберто Беличанец – а за неговиот животен крај – ред е да се напише затоа што ни остави големо дело кое не научи како е да се стане човек и како е да се живее како човек.
Во моето сеќавање Роберто Беличанец останува Слободар. Ни новинар, ни писател, ни демократско-политички активиста, туку баш тоа: Слободар. Гoлемата почетна буква не е случајна: баш овој човек ги артикулираше јасно ставовите и мислите во ова одвртано време во кое Македонија почнува да исчезнува, а граѓаните се деградираат и срамотат тврдо и силно како никогаш во нивната пишана историја. И ти се појавува Роберто Беличанец, еден од најрелевантните, а повремено и најрелевантниот глас на Неприфаќање, жив доказ дека Македонија може да биде граѓанска, демократска и со самосвест; држаава која ќе биде место за писмени, нормални и информирани граѓани, а не забудалена толпа која “мрда со усните додека чита“, тоест додека одушевено ги урла слоганите на омраа и дискриминација.
Се сеќавам на денот кога се запознавме во едно кафуле на плоштадот Македонија, пред некои пет години, влезе со срдечна насмевка, нарачавме пиво и разговаравме со таква отвореност и широчина од која човек добива впечаток како да се познавате цел живот. Токму онаа карика која му недостига на секој човек – исполнет со светол и луциден дух – или она што се нарекува либерална левица. Феноменален човек, и додека го слушаш имаш впечаток како да читаш нешто што би изгледало “како на запад“, ама со интелектуален стих: деконструкција, хумор и малку Славој Жижек. Гламур на телото и духот…! Во таква конкуренција сите останати беа мали и сиромашни. Кога ваква Фибра еднаш ќе исчезне, кога ќе се угаси, ништо слично нема да се повтори, ниту во неговиот роден Прилеп, а ниту во неговото Скопје. Никогаш нема да се повтори ваков човек, така (со покритие!) амбициозен, така непровинцијелен слободар.
Од неговите почетоци во Фокус, низ годините, па до самиот крај, на Скопје му требаше еден Роберто – еден суптилен и паметен “дошљак“! – како би ги раздрамал скриените “стари скопјани“ кои низ разните ќумбиња и подруми чекаат да пројде Историското невреме – ех, ете ја “нашта“ или “вашата“ типична “скопска“ приказна…
Зборовите на Роберто, секаде и во секоја прилика беа страшно остроумни, беспоштедно проникливи и интелектуално нонконформистички, зборови кои денес треба со уште поголемо внимание да ги помниме и исчитуваме, затоа што уште денес, а богами и во деновите кои доаѓаат, работите (ќе) испливуваат на површина за кои Роберто Беличанец ни зборуваше одамна. Тој и уште неколку соборци, правеа трибини на кои предупредуваа на сето ова што денес го живееме: дебатите беа извонредни, вистински модерни, неоптоварено космополитски и во најдобра смисла на зборот елитистички.
Кога еден октомвриски ден ми заsвони Роберто да одиме на Саем на книга, веднаш почнав да се кезам: ќе биде ова лек за душата, си велам, ем ќе се смееме, ем ќе изнакупиме книги. Кога сега размислувам за тоа, тој ми понуди еден од најголемите сувенири кои можев да ги добијам. Ден и пол феноменална дружба низ бившо-југословенската метропола, шеткање од штанд-до-штанд, јадење скара, смеење, разговор за скоро сите невралгични вратоломии на власта… На враќање, по излезот од Белград, веднаш после наплатната рампа не’ стопираат двајца полицaјци. Запревме, ги гледаме бегло и се изнасмеавме – и овде ли бре не нaјдовте! – и продолживме да се смееме. „Можете ли да не однесете до Ниш, не зeзна превозот“, ни велат, а Роберто како од пушка: Упадајте, Јарани! Двајцата полицајци не’ претнаа цело возење до Ниш, спиеја, а немаше смисла да ги будиме. Излеговме од кола за да се напиеме кафе пред бензинската пумпа во Ниш, а низ излогот јас и Роберто ги гледаме двајцата заклучените полицајци во кола и се смееме испивајќи го кафето: “како од некој српски филм сме“, вели Роберто, “полицијата внатре, а ние надвор, слободни!“
Го познавав лично Роберто Беличанец. Некои лични работи знаев за него. Или може и најбитното? За мене тој ќе остане оној човек кој беше светлост во времињата на нашите животи. Тој ќе биде човек кој за мене претставуваше духовна сила и енергија која ја конузмирав секогаш кога ќе имавме прилика да се видиме, како лек за душа. Како човек кој имаше став за се, силен сензибилитет и кичма која овде, во нејакава државица ваквите луѓе и претставуваат терет, немам појма зошто, дали е од дремката, дали е од констатнтната џмурливост, дали можеби навистина сите чекаат да измине Историската Свињарија како би почнале понормално да живееме, кој ќе знае. Роберто Слободару, лесна земја ти посакува твојот пријател. Никогаш нема да те заборавам!