За Науме

Писмо до другар ми

 

Фала многу,

Не знам дали може да објаснам.

Ми беше цимер. Не се сеќавам дека имам плачено повеќе за кого било, освен за татко ми.

Не знам друг филолог на кој би му спомнала опскурна дата, на пример 1825, а Науме да нема некој податок (за настан/личност/книга).

 

Не лажев кога реков – енциклопедист. Науме беше последниот жив енциклопедист на нашата држава. Такви веќе не постојат, или јас не ги познавам.

Со него умре огромен квантум знаење.

Некогаш верував дека таквите како него се чести. Дека ќе имаме уште такви. Се покажа дека немаме. И дека е тешко да се направат. Остана доследен на историската филологија. Која никој веќе не сакаше да ја работи. Кога се вработив, никој не сакаше да ме земе за цимер, оти бев некако „изгорена“. Но, Науме ме зеде. Да ти кажам право, мислеше дека сум добра за филозофија. Потоа се смеевме. Веруваше дека знам да правам теорија, а тој да остане доследен на фактите. И дека таа комбинација е добра. Замисли. Без државните квоти, тоа го имаше на ум, и тоа е доблеста што не може да ја предвидам за сегашнава Македонија, оти просто не ја гледам, не гледам такви мислители на долги патеки.

Глупо е, но гневна сум. Беше чесен до степенот на неподносливото, речиси аскет, со знаење кое го нема ниту НУБ. Реално верувам дека со него умре дел од македонската филологија, а никој не го ни препознаваше. Тој тип незнаење ме вади од памет. Тој веруваше дека иднината на македонската филологија е во спојот на луѓето што имаат детално знаење за некое македонско село (ме поправаше за секоја глупост што ја имам[в] кажано, не се години, месеци…, туку се денови), и со теоријата. Тој и јас, утепани филолози од некое дувло.

Луѓето зборуваат глупости за УКИМ. Тоа е денес правиот пролетеријат. Со плати од 30,000 денари, а со вистински верници во науките. Тој лично немаше приватен живот, и беше осамен, ебено осамен човек. Заради сето тоа, и многу повеќе, кога утрово на работа ми кажаа: „си замина“, отидов, не знаејќи пред зградата на МРТВ. Онака безвезе, по блуза, со мобилен. Стоев како некој да ме тепал, и плачев, плачев и плачев. Потоа се вратив на работа и повторно сфатив. Ова веќе не е никаква авангарда, уште помалце комунистичка багра. Ова се остатоците од еден систем на знаење, а и тој оди во неповрат. Без архиви, секако. Ние сме нација без архивска свест.

Науме и тие како него се луѓе кои целиот живот го живееле во еден пар фармерки, со плата од буџет, осамени, отуѓени, разведени, крајно сами (10 години делевме кабинет, знам точно).

Мислам дека си отиде оти веќе не гледаше смисла.
Баш така, оти немаше веќе смисла, оти веќе нема смисла.

Сите земји имаат такви професори. Од некои чудни причини, за мене Науме стана тој човек.

Тој човек го сакав. Како професор, како човек, како човек што никогаш не размени повеќе од пристојното доброутро, но замисли: ако видеше дека сакам да зборувам седнуваше во неговиот (а не во мојот!) кабинет и ми зборуваше. А ако видеше дека не сум расположена тој ден, ми велеше: дојдов само за да ја оставам чантата.

Па да му ебам матер, и јас не сум идиот. Знаев и тогаш, како што и денес знам дека лажеше за да ми биде добро, додека веруваше во знаењето.

Искрено, денес не знам каде да се свртам. Таа институција ме има истренирано и е епитом на едно време. За Науме, тогаш, за тоа време на знаење за кое имаше смисла да се биде без смисла, семејство, блискост, што-било, за човекот кој навистина знаеше СЀ!

А јебига, не се најде институција да го употреби.

Е за тоа, не се достојни, сите едни по ред…

извор: ОКНО.МК

Leave a Reply

Your email address will not be published.