За насилните војници и полицајци ќе нема оружје

Одземање на службеното оружје на секое лице кај кое е констатирано или има започнато постапка за кривично дело или прекршок со елементи на насилство, предвидуваат законските измени за унапредување на системот за превенција од насилство кои ги усвои Владата, пренесува Утрински. Дополнително е внесена и процесна претпоставка во Законот за здравје и безбедност при работа, според која, лицата кои ракуваат со службено оружје, покрај редовниот систематски физички преглед ќе треба да одат и на психолошки и психијатриски прегледи. Се воедначува постапувањето на сите институции каде има службени лица што ракуваат со оружје, што ќе создаде можност за рана детекција и превенирање на случаите на семејно насилство.

„МВР, односно полицијата, како и Центрите за социјална работа ќе бидат должни во рок не подолг од 24 часа од моментот на констатирање или започнување официјална постапка во која едно службено лице е осомничено дека сторило кривично дело или прекршок со елементи на насилство, да ги известат надлежните во институциите каде тоа лице работи. Надлежните во институциите, пак, се должни да побараат раздолжување на муниција и оружје од страна на службените лица кои ракуваат со тоа оружје како привремена мерка се’ до натамошните процесни дејства”, појасни владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Осомничените за насилство веднаш ќе бидат упатувани на вонреден психијатриски и психолошки преглед, а како последен чекор се предвидува нивно распоредување на работни места каде нема допир со оружје.

Овие мерки следуваат по тројното убиство и самоубиство во пробиштипското село Злетово извршени од професионален војник на АРМ. (П.Р.)

Извор УТРИНСКИ

Leave a Reply

Your email address will not be published.