За леснотијата на слободниот дух на Пендаровски

Осум години подоцна, работата и понатаму е во разумот, смиреноста, за почеток. И разликата е – интелектуална, политичка, човечка – во разумот, не во мрмлањето, не во бладањето, туку во разумот, стабилноста и леснотијата на слободниот ум


Некој добил генијална идеја дека јавната дебата, за тоа кој ќе „кормила“ како претседател на Македонија, МРТВ треба тајно да ја сними, а по извесен период јавно да се прикаже на нашите ТВ екрани. Ги гледав и никако не можам да сфатам што е гвинтот, која е пораката, немаше ништо епохално, ниту Пендаровски беше на врвот на реторичкиот перформанс, ниту Иванов беше толку стуткан и „рунтав“ колку што знае да биде. Сепак, имаше еден момент: десничарот се распиштоли, почна да плови низ мантрите на „национално единство“ кое ќе го озваничи стариот-идеолошки брак со матриците на Милошевиќ (а тоа што низ месециве, сите кои сме изложени на перманентен страв и уцени, тоа не е насочено кон „поинакумислечките“, ами кон „подржавеното-административно“ членство; сите навреди, закани, апсолутно ништо не докажуваат, затоа што браковите на нивните идеолошки приврзаници полни се’ со „фамилијарно насилие“).


Се’ спрема невреме, се спрема апокалиптична политичка криза, и тука не може(ш) ништо да направиш, освен да алармираш за работи кои се од јавен интерес, се’ со цел како би се наместил за да бидеш прегазен малку помеко од oстанатите.


Токму во ваков момент седнати два човека (за разлика од останатите статисти кои мрштејќи се’, подголтнуваат вода), гаѓајќи се еден со друг како би го погодиле пасивниот набљудувач. Иванов брзо се вознемирува, мрмла, гледа тупаво и празно, со поглед кон чашата со вода, дава поенти од округо па на ќоше; Пендаровски е, да речеме, во разумна дефанзива, трча на средина на теренот забивајќи му фини контранапади најчесто со одговорна и поентирачка завршница, ама се гледа дека го разочаруваат одговорите на спориот Иванов, го нервираат беспоентирачките кратери на неговиот спаринг-партнер. Јасно, Иванов – низ призмата на своите „подржавени“ гласачи е самообновлив како Терминатор; му ја „пердашиш главата“ на два дела, а тој повторно се зашива и тера понатаму; ти го прашуваш едно, тој одговара петнаесто, а овие покрај телевизорот „Ѓорѓе, Ѓорѓе, Ѓорѓе“.
И така тера цела вечност, како што тоа бива со овдешните дискутантски надоградби, а сето е брзо заборавливо, или барем би требало да биде заборавливо ако не е така како што е: Иванов, не’ смееше да oди во трка на втор мандат, а Стево Пендаровски мора да биде избран за претседател затоа што Македонија мора да влезе во водите на „меѓународно ниво“! Ама бидејќи е вака како што е, ние гледаме еден мртов дух и еден светол дух. И тоа всушност не е далеку од вистината: за силата на слободниот ум (и стилот, неизбежно!) овде се работи, и тоа се памти во овој дуел, и тоа е она што го трансендира, го исфрла на еден базичен начин кандидатот Пендарвски, од кандидатот Иванов, во сегашноста.

 

Па така, слушајќи ги овие двајца, многу убаво гледаш дека пред тебе стојат две македонски парадигми, две можности, од која е остварена онаа Лошата, онаа која претходно беше претседател на Републиката, онаа лоша парадигма.


Иванов Ѓорге, Боже прости ми, е многу површен, невешт, додека Пендаровски е разумен, смирен. Дури на граница на жовијалност – ама не понатаму! – и зборува мирно, облеан со ведрина и опуштеност на човек кој е начисто со себеси и светот околу себе. Оттргни му се од Главните Теми, веднаш ќе ја видиш Разликата на Светови. Пендаровски е оштар во мислата, прецизен, додека Ѓорге е конфузен, мачен, тегобен, има „ишчашен поглед“ и реторика од која „само глупак може да се насмевне или да се просветли.“ Иванов емитува Мисија која мора да изгори во неповрат, Пендаровски емитува луцидност, свесност за релативноста на работите, човек кој не се скрива позади транзитирањето на Лажниот Патриотизам, и дава уште поголема свесност дека Ивановото претседателствување на Македонија и донесе убиствени-политички-илузии! Затоа од Пендаровски зрачеше држењето, ставот, исправеноста, јасните поенти, сиот труд всушност беше да го спушти Иванов од Големата Нарација (која се спрема да изеде што повеќе луѓе!).


Осум години подоцна, работата и понатаму е во разумот, смиреноста, за почеток. И разликата е – интелектуална, политичка, човечка – во разумот, не во мрмлањето, не во бладањето, туку во разумот, стабилноста и леснотијата на слободниот ум. Еве, Ѓорге Иванов се труди, ама не му оди, разумот не му прилега, нема никаква ведрина и леснотија во духот, нема никаков човечки шарм, па сиромавиот ги собира раменцата и превентивно се воздржува.


Над сите нив, таканаречени кандидати за претседатели, лебди духот на Пендаровски Стево. Цела дебата како да им вели, „Еве, ви допуштам, кажете го вашиот мутав став“! И тие трчаат да го кажат својот став трудејќи се да кажат нешто ужасно важно, но Ужасно Важно нема, нема затоа што тоа не може да го има еден полуписмен десетар кој дошол да се конкурира со Пендаровски; како да каже нешто ужасно важно кога нивната џмурливост и логика на селски поп, позади баналната зајадливост на паланечкиот фиќфириќ со нездрави амбиции крие само едно фантастично – Ништо! И гледате како тоа Ношто – преоблечено во Иванов – тргнало за претседател, тргнaло за да галами и урла низ Македонија, овие денови. Кoлку повеќе урла Иванов и сета камарила, толку помалку се слуша, затоа што над нив лебди слободниот дух на Пендаровски.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.