За Кавадарци, да не се заборави!

пишува Кире Бебеџаков

Почитувани сограѓани, жители на општина Кавадарци. На ден пред можеби најважните избори со кои се соочуваат граѓаните на Република Македонија, како и многумина еве и јас, сакам во пресрет на утрершниот пресветол празник да го споделам своето мислење,  размислување темелено на премногу факти, да споделам и со тоа потсетам на некои информации за кои можеби досега не сте ги чуле, или сретнале изминатиов период а кои биле и те како важни и клучни при креирањето на јавното мислење во една средина како што е општина Кавадарци, а и Република Макеонија.

Навистина не знам дали некогаш од некаде сте се информирале, дали некаде сте прочитале, слушнале, дека општина Кавадарци беше со негативен природен прираст во 2012 година и дека имаше повеќе починати граѓани отколку новородени деца? Дали знаете дека овој тренд секоја година зема се поголем замав, а една од причините за оваа негативна појава е лошата социјално-економска состојба заради која голем број на кавадарчани се исселени надвор од Република Македонија?

Дали домашните кавадаречки компании, посебно оние од микро секторот знаат дека “Дрекслмајер” како странска компанија беше субвенционирана и беше на терет на буџетот на општина Кавадарци?

Дали вие стопанственици сте информирани дека општина Кавадарци е рекордер кога станува збор за затворање и казнување на фирми? Сте знаеле ли дека за два месеци преку 70 компании од општина Кавадарци се казнети од УЈП по разни основи, а казните беа во просек од околу 3200 евра? Знаете ли дека линчот одеше до таму што некои фирми беа казнети заради 10 денари повеќе во каса, некои заради неплатена радиодифузна такса?

Дали вие почитува кавадарчани, заборавивте дека еден ваш сограѓанин, на сред плоштад беше крвнички претепан од страна на таткото на еден висок локален партиски функционер?

Дали подзаборавивте дека на 21 ноември 2013, една партија си купи стан во Кавадарци вреден околу 70.000 евра? Знаете ли дека за време на изборите во 2013 година, два гласа за пакет сок и десет сендвичи беа изнудени во селото Марена?

Дали сте слушнале од некаде дека имаше протест на вработените од “Дрекслмајер”, вработените протестираа за своите работнички права а за возврат шеесетмина утредента добија отказ?

Дали почитувани сограѓани сте биле информирани кога имаше притисок и закани кон работници на „Македонски шуми“, подружница Кавадарци еден наш сограѓанин, вработен како металостругар во „Македонски шуми“, по 30 години работа во подружницата во Кавадарци, беше распореден на ново работно место како шумар во Демир Капија бидејќи судски барал исплата на К-15 за 2010 година?

Сте се запрашале ли зошто не се мери загаденоста на воздухот во Кавадарци, односно зошто мерната станица во Кавадарци не е во функција? Дали знаете, а треба и тоа да го чувствувате дека кавадарчани се трујат со десетпати позагаден воздух од дозволеното со измерени нешто помалку од 500 микрограми на метар кубен ПМ-10 честички?

Дали знаете дека и покрај годишниот буџет од околу 11 милиони евра граѓански пари, секојдневно сретнувате раскопани улици и тротоари по градот? Не ви смета што со години локални лажговци се шлепаат на предизборни ветувања за поправка на дупки? Знаете ли дека во едно нормално општество ако се обидувате ова да им го ветите на граѓаните, ќе ве сметаат буквално за ненормален?

Знаете ли дека социјалните групи во Тиквешко живеат во беда и сиромаштија и дека  во Тиквешијата има многу семејства кои користат социјална помош која многу често е нередовна и во чести случаеви се третира како еднократна помош во пари, брашно, зејтин посебно во периоди на предизборни кампањи?

Дали сте свесни дека малата Тамара почина затоа што фондот за здравство не и одобри 30.000 евра за операција во странство? Знаете ли дека “боксерот” се вози со мерцедес од 600.000 евра народни пари???

Дали знаете дека во Неготино нема гинеколошко одделение додека инјекции ставаат хигиеничарките? Знаете ли дека Кавадарци е една од општините со најголем процент на срцеви и мозочни удари, и како последица на болести на срцето и мозочните удари најмногу се починати во Велес и Кавадарци?

Дали сте ја посетиле во скоро време општата болница во Кавадарци, да преноќите и да го почувствувате срамот кога ќе ви пристигне дневното мени? Дали знаете за случајот кога инфузија на мало детенце му ставија а како држач-потпора се послужија со отпаден картон? Знаете дека на децата им даваат храна пасиран компир во чашка од јогурт, додека лажичка си носат од дома?

Дали сте свесни за фактот дека во Македонија годишно во просек од карцином на дојка умираат 277 жени, а од карцином на грло на матка умираат 30 жени, најмногу од општина Кавадарци?

Знаете ли дека првпат во историјата на овој град се случи свирепо трократно убиство во Кавадарци каде со неколку истрели од својот пиштол на лице место непресметлив идиот ја застрелал сестрата на сопругата, нејзината мајката и нејзиниот татко?

Дали знаете дека суртукот Миле Јанакиевски во телефонски разговор вели дека му ебал мајката на цело Прилеп, и дека истото му го направил на Кавадарци?

Дали знаете дека за првпат во лозарската историја на ова поднебје, еден лозар, наш сограѓанин изјави “Ми се иде да избегам од државава. После половина век работа во лозарството, после стотици со мерак изорани хектари, илјадници засадени и скроени лозови гранки, илјадници тони со љубов набрано грозје, почнав да земам пари на заем со камата, за да ги исплатам берачите, да ги платам препаратите со кои го прскав лозјето и на крај, за да преживеам“?

Дали лозарите знаат дека Аризанов Љупчо го предводеше митингот на АУШВИЦ во Кавадарци и беше завиен и исправен гордо, под партиското знаме, внимателно го слушаше својот лидер, криминалец, пајташ, злосторник и иден почесен гостин на затворот во Шутка?

Свесни ли сте бре луѓе дека ни се случува нагло исселување на младите кавадарчани кои шансата за подобро утро ја бараат во развиените Европски земји а се повеќе и го надлетуваат океанот?

Дали знаете дека кавадаречкото село Бојанчиште, секоја година и по неколку месеци се исклучени од водоводната мрежа? Дека им умира добиток, се шират болести кои на крајот цехот го плаќат селаните?

Дали членовите и симпатизерите на пастирот а и сите граѓани се свесни дека на јавен медиум беше обелеоденето дека  всушност УЧК ја води Македонија? Онаа која е коалиционен партнер со нивниот владетел?

Дали знаете дека директори на училишта од Кавадарци како телиња беа влечени за уши да се појават на прес на политичка партија? Дека си ги штитеа своите удобни партиско-директорски фотељи, своите високи (не)заслужени плати кои ги земаат од џебот на своите сограѓани, а со тоа го погазија целиот образовен систем во Кавадарци и Република Македонија?

Дали знаете за случајот кога професор од Кавадарци тепал ученик, а подоцна бил унапреден во директор на училиште? Дали сте свесни колку само новороденчиња има починато последниве неколку години? Дали знаете колку ни е труло македонското здравство?

Дали знаете дека режимот се обиде да удри и по медиумите во Кавадарци, кога бараа 5.000 евра казна за веб порталот Мојот Град сакајќи да воведат апсолутен и доминантен мрак на територијата на Општина Кавадарци кога е во прашање слободата на изразување, како една од основите во демократски општества?

Епа, почитувани сограѓани, доколку за сето ова горе наведено не сте биле информирани, во еден таков случај овие десет години сте биле подлегнати на лаги и манипулации од одредени структури, ви било сервирано она што одредена група на медиуми сака да го пренесе, претставувајќи една лажна слика за општеството во кое живееме.

Но не е се така страшно. Луѓе сме, сите грешиме. Сега имате информација плус. Сега имате и други алтернативи. Имате перспектива од друг агол. Ја имате и другата слика од приказната. Ставете кантар. Одлучете сами за кого ќе го дадете својот глас. Немојте случајно утре да ја направете најголемата грешка, за денот на избори да останете дома и да се однесувате како да не ве интересира политика. Бидете мудри. Излезете, гласајте. Одлучете сами. Вие сте на потег за тоа во каква Македонија сакате да живеете!

Leave a Reply

Your email address will not be published.