За кавадаречките социјалдемократи!

пишува Кире Бебеџаков

Луѓе, дека ДПМНЕ како владеачка деветгодишна диктатура само по себе ќе си замине и дека Груевски лагано ке го напушти премиерското столче, длабоко се лажеме. Доколку раководните партиски тела, заедно со целокупното членство на СДСМ инертно го чекаат Заев сам по себе да ја донесе победата, исто така се излажале. Работите не треба да се гледаат од страна, треба и мора да се биде поактивен и да се понесе одговорност и товар на сопствените плеќи, и општинските организации и своите раководни тела да бидат истурени во преден план на локално ниво.

Поминаа неколку месеци од последните политичкo-изборни случувања и бранувања во Македонија, и се ми се чини дека кавадаречките социјалдемократи никако да излезат од своето комотно руво на хибернација. Доколку минатата есен наталожиле поприлично дебел слој од масти на своите тела, во таков случај најверојатно ќе потрае процесот додека се разбудат од зимскиот сон. Врти-сучи човек да помисли дека ситуацијата која налага и во која моментално се наоѓаат небаре им оди до бескрај во нивен прилог притоа не обидувајќи се да ги измрдат нештата. Не сте во право доколку мислите дека “шрапнелите” од “бомбата” сами ќе си го одработат своето. Мало морген.

На централното борбено поле, двете најголеми политички партии, и ДПМНЕ и СДСМ, продолжуваат во ист ритам последните неколку недели. Едните со офанзива, другите со контраофанзива, па контра-контра офанзива…Како и да е продолжува реторичката политика која со обелоденетите бомбашки материјали на опозицијата засега им оди ним во прилог, и доколку успеат да истанчат одредени параметри во општеството, ќе ни сервираат повторно предвремени избори. Овојпат се надеваме, фер и демократски. Кога сме кај социјалдемократските политики и активности на локално (кавадаречко) ниво, работите како да се одвиваат повеќе на милување и целување едни со други, едноставно како да не сакаат да си го рушат меѓусебниот раат. Иако “бомбата” е на страната на кавадаречките социјалдемокати, сепак ситуацијата “мирна вода” им оди далеку повеќе во прилог на конзервативците, ДПМНЕ-овците. А тие, секоја прилика умеат да ја користат до максимум. Машинерија без нулта грешки. До пред некој ден.

Кога сме кај искористувањето на шансите и укажаните прилики, изведувањето на слободни удари и шутирањето на пенали пред празен гол, СДСМ Кавадарци не се покажа барем до сега дека е најсериозниот голгетер за да се натпреварува во првата лига, барабар со шампионот. Дека не знаат, не верувам. Дека не сакаат, повеќе верувам.

А прилики барем во изминатиот период на територијата од општина Кавадарци имаше еден тон. Од изведените пенали можеше буквално да се искине противничката мрежа, и како играч да се испрати во понизок ранг и никогаш повторно да не стапне на политичкиот терен. Меѓутоа треба да се сака тоа и да се има желба малку повеќе од денот претходно.

ОО СДСМ Кавадарци си има своја раководна структура, претпоставувам. Претседател, портпарол, секретар, извршен одбор, надзорен одбор, пратеник (не знам статус), младина и членови вработени во сите сегменти во општеството. И сите овие набројани имаат апсолутно право…чекај бре, какво право… Абе имаат одговорност спрема сите граѓани на општина Кавадарци, како и спрема своите членови и симпатизери да како опозиција ги опструираат погрешните локални политики, едноставно да се занимааат поактивно со вистинските работи и процеси кои и предначат на една опозиција. Одржувањето на нивните прес конференции скоро и да заборавивме како изгледа, појма немаме кој им е претседател и што по ѓаволите работи на таа функција. Ликот негов стана вистинска икона за кавадарчани од неговите ретки или скоро ич обраќања кон граѓаните. Бавно, споро, и пак бавно…Некако оттешко оди.

Но, и покрај тромавоста и безидејноста на кавадеречките социјалдемократи (со исклучок на фајтот на неколкуте советници во советот на општина Кавадарци) сепак останува мистерија нивната незаинтересираност и неинтервентност во некои клучни настани од изминатиот период кои имаа негативен импакт кон одредени кавадаречки општествени сектори. Еве, да го земеме за пример минатогодишната едномесечна рестрикција на водата за пиење на жителите од кавадаречките села Бојанчиште и Куманичево кои беа на работ на избивање на епидемија заради неодржливоста на основната лична хигиена. Прашањето е зошто ОО СДСМ Кавадарци не успеа да ја искористи оваа пукнатина од ситуација за да се спротивстави на локалните власти дека е недопустливо во 21-от век граѓаните да бидат исклучени од градската водоводна мрежа? Зошто не си го обелија образот барем во најмала рака спрема нивното членство и гласачите кои ги имаат во овие две села? Зошто не успеаа да го реализираат овој шут-зицер?

Да одиме понатаму, кој е социјалдемократскиот став јавно искажан околу катастрофалната кадарска (не)ангажираност во општата болница во Кавадарци, поконкретно секторот гинекологија каде со сите додавања и одземања има само еден гинеколог одговорен за 4 општини? Зошто не се реагира на масовниот одлив во западните земји на здравствените млади кавадаречки кадри? Дали воопшто имаат било какво предлог решение за подобрување на оваа состојба во кавадаречкото здравство? Имаат ли било што да кажат по тој основ?

Во делот на политиките на локалната самоуправа: не видовме нивен став или реакција кога советниците од нивниот табор беа надгласани во советот на општина Кавадарци и наместо парите од зонското паркирање кое допрва треба да се реализира да се слеваа во буџет на општината сега треба да се дава на јавно приватно партнерство. Кој е ставот на ОО СДСМ Кавадарци по оваа круцијална грешка која ја направи ДПМНЕ? Дали сметаат дека оваа одлука на советот и градоначалникот е вистинско решение за граѓаните од општина Кавадарци? Дајте гугнете бре момци нешто. Било што.

Што е со кавадаречкиот бизнис сектор? Кога последен пат сте направиле роуд-шоу низ кавадаречките производствени погони, да поразговарате со нивните стопанственици, со вработените, можеби имаат брилијантни идеи на кои актуелната власт едноставно не може или не сака да им излезе во пресрет? Сте го прашале ли кавадаречкиот бизнис сектор за нивниот став околу енормните казни и инспекциските служби кои ката ден им се “обесени на врат”? Дали загадувањето на кавадаречкиот воздух како и причините за истото и натаму ќе ги “фрлате под тепих” не водејќи сметка за здравјето на граѓаните? Кој е ставот на ОО СДСМ Кавадарци околу високиот процент на заболени од карцином во општина Кавадарци, што е причината, кој е причинителот? Дали оваа најосетлива здравствена тема конечно ќе се одважи некоја политичка партија малку подлабоко да ја изаргументира и најде соодветно решение или пак и СДСМ како и ДПМНЕ е под превезот на моќта на парите и има врзани раце околу оваа тема?

Овде некаде, драги мои, во раните саботни мугри привршувам со прашањата кои мене како индивидуа и граѓанин кој редовно си го плаќа јавниот данок на општина Кавадарци, едноставно ме мачат, немам конкретен одговор и навистина се надевам дека јавноста заслужува да добие соодветен. Било каков. Ах да, ќе заборавев. Не видов дали раководството на ОО СДСМ Кавадарци ги посети жителите од поплавените делови од селата Марена и Сопот. Дали разговараа со селаните, дали им понудија помош. Било каква. За градоначалникот на општина Кавадарци и ДПМНЕ како партија знам дека отидоа. Видов по медиуми. И тоа експресно отидоа. Па нормално дека така ќе реагираат, гласови за наредни избори се во прашање.

Почитувани кавадаречки социјалдемократи, не дозволувајте “социјал-демократ” да остане само мисловна именка на територијата на општина Кавадарци. И после сите овие неискористени пенали а притоа противничката мрежа остане незатресена, немојте да обвинувате никого на наредните избори доколку коцките од мозаикот не се подредат онака како што планирате. Али, за резултатите да бидат кристално видливи, не треба многу. Малку повеќе работа а помалку суета и бистрење непотребна политика. Засукајте ракави и фанете ја работата од корен. Уште денес. Пошто, утрежот куќа не крепи.

Ситуацијата надвор е многу поразлична отколку во партискиот штаб. Во било која партија. Врапчето во рака ќе ви заврши многу повеќе работа отколку гулабот на гранка.

На општина Кавадарци и на Република Македонија и е потребна опозицијата како никогаш досега. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.