За Ѓорѓе, колку да знае!

пишува Кире Бебеџаков

Го немаше го немаше и ете ти го од немај каде. Ѓорѓе од Македонија се појави на “Јеил”, реномираниот американски универзитет. И толку. Само како појава продефилира низ универзитетскиот под, овојпат само поздравувајќи се со десната рака. Да беше присутен Обама, сигурно ќе “летнеше” и некое око.

Универзитетот “Јеил”, оној од каде се избламира Ѓорѓе пред некој ден, има историја цели 313 години. Тој универзитет без некои посериозни последици ја “преживеал” американската револуционерна војна (1775-1783), за после тој период да ја доживее својата експанзија во деветнаесетиот и дваесетиот век и да прерасне во еден од најреномираните универзитети во светот. Ова како податок го посочувам од причина дека не може бре некој да се мајтапи со еден таков бренд, да изигрува гостин-кловн и да го злоупотребува неговото име во “дворот” од каде доаѓа. А Ѓорѓе, како претседател на половина од граѓаните на Македонија, отиде да им “продава” муда за бубрези на американските студенти делејќи им “розов флаер” како неговата Македонија била репер за успешна приказна за сите заедници на планетата Земја, дека низ падините од македонските планини тече мед и млеко, ти реков-ми рече, бла-бла, “стап” се тресе у ладна вода.

Аман човече, wake uuuuuup. “Јеил” е тоа бре, а не некој пашалак од дисперзирани студии во некое забаталено паланечко-провинциско место во Македонија. Како академски граѓанин би требало барем да знаете да ги разграничувате овие две работи затоа што нивното меѓуоскино растојание се протега одовде па се до Месечината.

Ѓорѓе, би ве замолил во иднина, кога ќе планирате да се бламирате на некоја меѓународна говорница, да не се обраќате во име на целиот македонски народ, македонските граѓани. Немојте македонските граѓани да ги користите како параван за вашите приватни и лични интереси. Ова како протесна нота од причина што јас еве не сакам мене да ме ставате во некоја колективна “кошница” и со тоа по автоматизам да го злоупотребувате и моето име како граѓанин на Република Македонија. Во иднина, кога планирате да изустите нешто како “Македонскиот народ порача…”, “Mакедонскиот народ е задоволен…”, би ве замолил веднаш потоа да додадете едно “освен Кире Бебеџаков”. Ова од причина што ни најмалку ве чувствувам како свој претседател, не се сложувам комплетно со вашите излагања, не ви верувам, не ве доживувам, не ве познавам, а ниту пак сум ве гласал. Во два наврати. Немам ни намера. Оттаму ве чувствувам како туѓ.

Кога веќе се фаќате на оро, еве пробајте два-три круга да извртете од “Тешкото” и ќе видете дали ќе ви оде од нога. Веднаш ќе ја приметите разликата. Да, има разлика Ѓорѓе, се вика “болка, мачнина, тешкотија”. Свиткани колена, наведната кичма, уште понаведната глава се карактеристиките на орото. “Тешкото”, драг Ѓорѓе, е орото кое го игра твојот народ. Веќе цееееела деценија.

Знаеме дека со радост може да изнакажете многу работи, сешто и насекаде. И нормално е да ја злоупотребувате својата позиција кога сите “потоци” се насочени кон вашата “нива”. “Денес Македонија има најбрзо растечка економија од целиот регион” е феноменален блогбастерски наслов со научно-фантатична содржина. Зграпеччете го тој наслов, и заедно со идејата, сценариото и визијата трк правец во Холивуд на профитирање. Можда и ќе ви упали.

Кога велите “Нашиот економски успех” имам чувство како да зборувате за вашиот, личниот, домашниот успех и буџет. Верувајте тоа не може да придонесе младите да останат во Македонија кога ништо не оставате за нив. Напротив, деновиве медиумите ве “торпедираа” и вас а и целокупната јавност со поприлично голем број на информации и податоци кои го демантираат секој ваш збор од вашиот демек говор. Ѓорѓе, 400.000 илјади граѓани се исселени од Македонија во пооследните десет години. Зарем тоа не зборува доволно за младите и нивното потчинето место во македонскиот поредок?

Затоа Ѓорѓе, во иднина продолжете да го правете само го она што најдобро го знаете и умеете. Апсолутно ништо. Само така ќе се изборите и за трет мандат.

Leave a Reply

Your email address will not be published.