За фетишот на фер и демократски избори
Македонија имаше избори, тоа е сигурно и апсолвирано, но ги нема(ше) ниту Томас Ман, ниту Хитлер – нашиот светонадзор и димензија, и во добро и во лошо, некако е мала, слепа, провинциска, второлигашка
Додека траеше изборниот ден, уредно пријавен како набљудувач на Цивил (угледна и респектабилна граѓанска организација), се’ присетив на супериорниот книжевен стилиста Томас Ман, кој во своите публицистички текстови од триесетите години го нарекувал принципиелно Фирерот разбојник, бараба, никаквец и слични звучни епитети. Потоа, некои луѓе му замериле на Томас Ман на вокабуларот, наводно недостојно за неговиот „олимписки“ дух. Ман аргументирано одговарал дека за човечка бараба не може да се говори поинаку, затоа што таа друг јазик не познава, ниту за друг јазик е достојна.
Додека седев и го набљудував изборниот процес, уредно пријавен во ДИК од граѓанската организација Цивил, во Кавадарци, на ум ми прелетаа овие Манови мудри мисли, поттикнат од „изборниот“ дух кој се одвиваше пред моите очи – втор круг на претседателски избори заедно со парламентарните (Македонија, 27.04.2014 год.)
Низ тие десетици места на кои бев како набљудувач, што всушност видов? Во внатрешноста – во самите простории – ништо значајно: две кутии, избирачки одбор, клупи и столчиња; а надвор се одвиваше права демонстрација на групи од партиски активисти кои се борат и агитираат – бивајќи притоа агресивни, напорни и досадни како изгубени улични мисионери против она што го препознаваат како „загрозувачко кон нашата единствена партија од патриоти“ – ерго – ДПМНЕ-овци. Поводот за ова собирање на нашите ендемски весељаци беа токму изборите, „посветени“ на – како што им е кажано од единствената партија – загрозување на државата! Имено, партиските активисти на ДПМНЕ се константно „навредени“ затоа што некој им задира во нивната партиска гордост и таа „празнина“ ја компензираа со: партиски списоци, како внатре така и надвор од избирачките места. Секој партиски активист беше на задача – да брои кој влегува, а кој излегува; партискиот „навреден“ активиста имаше задача да го брифира штабот кој е од „нашите“, а кој е од оние другите. Да бидам искрен, ова беа избори на „бирократска“ револуција, или време на големи Лудости. „Подржавеното“ гласачко тело не се даваше до самиот крај на изборниот рок.
Да бидам искрен (а како поинаку?), никаква навреда немаше ниту ком мене, ниту од мене кон нив, никаква оштра реакција од луѓето кои се комплетно безначајни-духовни-соработници на некои многу по опасни партикуларни-политички движења и трендови. Никако не ми е прв пат да се соочам со овој феномен, и оттука ме копка таа лековита Манова мисла, како непогрешива поента во една „природна човечка фрустрација“. Како и во неговото време, како и во неговата земја, така и овде, Злото предолго се гаи, така што ни до ден денешен не е смирено, а камо ли да се пресече или сосема да се изолира како би престанала неговата погана природа. Тоа зло, „системско убивање на духот“ како би продолжило да се поттикнуваат предрасудите и бедните шовинистички стереотипи со одвартните аргументации и кукања од типот, „па ние само го браниме своето“, ама никој не’ не разбира и не’ мрази…
А во таквото недостоинство, и во тоа „подчовечко“ урлање, стоеја не само властодршците кои сакаат после сите овие години да спроведат нова реформа со уште „почиста Македонска идеја“, туку и оние мудосери од интелектуалци напикани во врхушката, кои повеќе се чувствуваат како интелектуалци одoшто реално се’. Растурени измеѓу површната образованост и лудачкиот кариеризам – јагне се знае со кого се’ мези – ги маваат ДПМНЕ-овските тривијални гласачи со општи фрази кого треба да мразат и благодарение на таквата омраза ќе можат да се мобилизираат против „нечистите“, од нас „чистите“.
Гледате, последиците не беа воопшто наивни, не беа ни комични. Последиците се следниве: Македонија е растурена држава, стотици илјади иселени, политички затвореници, обезглавени и несреќни луѓе се тркалаат низ земјава, заморчиња во експерименталниот „патриотски набој“. И кога ќе се најде некој Дрзник, на сите тие Паликуќи да им го „спука“ во суратот беден кој се, и што се, тие веднаш ќе земат „пријави“ до Највисоките Инстанци – како би објасниле дека се работи за Непристојност и „политичка некоректност“. Обратно, таква е денес Македонија, еуфемистичко изгласана на вокабуларот наречен „политичка коретност“.
Безмалку деценија една во Македонија трае Епоха на насилие. А во такво време ниту опкружувањето може да биде поинакво – или си џелат или си жртва, некогаш повеќе симболичка, некогаш сосема „физичка“. Неутралност тука нема, затоа што се нема околу што да се биде неутрален. Оние, кои плански, или од глупост и лудост, ги разорија нашите животи – го сквернават сето она што има врска со нашиот живот, сега патетично и оштро навредувајќи се’ што не се Тие, покажувајќи дека тоа е толеранција и демократија, а самите во својата бит се нетолерантни!
О, да! Кон јавачите на апокалипсата треба да се биде „нетолерантен“ и „непристоен“ барем онолку колку што бил потиштен и згазен пистелот на „Смртта во Венеција“. И само во тој ракурс има смисла да се каже јавно, јасно и гласно дека барабите и битангите се во власта. Ако ништо друго, барем да се знае дека вистината има терапевтско дејство, баш како и пцовката на писателот Ман. Всушност, Томас Ман тоа го знаел, и затоа им ја фрли во сурат на својот народ –па сега, кој ќе разбере, ќе сфати. Оние другите ионака веќе ja прифатија „она страна на злото“, онаму каде има ништожност на смртта.
Денес, овде, се испишуваат редовите на еден набљудувач, кој сведочеше за своето место, време и околина, и во тоа место се изгласа „Грабежно убиство“, што би рекол Крлежа, а под таа маска се сите оние таканаречени Уважени Граѓани на нашите слепи и глуви провинции, угледна господа на кои не смее ниту на сенката да им се згази, а камо ли да ги фатиш за опаш како би почнале да ц(в)икаат!