За ДПМНЕ, за ДУИ, и по нешто од општа култура

 

ДПМНЕ и ДУИ здружени се затоа што им е јасно дека и двете партии не се во состојба да го остварат преќутниот идеал на овдешното политикантство

 

Работата е прилично сериозна во денешнава Македонија. ДПМНЕ и ДУИ ја јаваат сцената, еве, скоро девет години. Каде е проблемот? Проблемот лежи во нивната одлука – јасна работа! – дека општите интереси можат да ги заменат со партиските/партикуларните, што, како не убедуваат во реалноста, од година во година, а тоа „одобрување“ е примено со восхитување, без малку да се запрашаме: дали партиските интереси (читај: лични!) може да се претстават како лични? Всушност, тука лежи зајакот – тврд ви стојам! – тука е парализата на Македонскиот политички систем.

 

ДПМНЕ и ДУИ, како две владеачки партии кои го делат целиот политички плен во Македонија, свесни дека и двете партии не се во состојба да го остварат сами преќутниот идеал на овдешното политикантство: затоа го окупираа целиот политички, економски и културен простор на Македонија и дека, према заслугите, го делат пленот со членови и клиентела, што е повеќе од јасно, тоа го прават безмалку една декада. Работата, како што знаете е прилично сериозна, оттука ми се чини, тешко излечива. Во секој случај, ништо не може да се случи со институциите на системот, ниту нивната политика може да се сврти кон некое рационално делување, ниту на власта, а се повеќе ми се чини дека ништо не може да прави и опозиционата партија, онаа за која „тепаме“ дека е демократска. Сите партии, а поготово доминантните, денес, во реална Македонија, оперираат во еден примитивен културен модел кој – многу погрешно – од „лева“ дипотрија се оценува како националистички.

 

Национализмот, дури и во своите најмалигни манифестации има моќ на кохезија и способност за релативно кратко време консолидирање на растурените општествени енергии. Овде имаме работа со трибални и племенски организации.

 

Прилично сум свесен дека квазипатриотските „мислители“ ќе срипаат и промптно ќе дефинираат: О, сердаре, па ти го омаловажуваш (!) Македонскиот народ. Знам, искрен е тој патриотски ум во ова што погоре го вели, тврд ви стојам. Исто би рекле и луѓето од врхушката на ДПМНЕ и ДУИ, затоа што и тие оперираат во зададениот систем, пробувајќи да го апсолутизираат македонскиот и албанскиот народ, со желба да му се наметнат како единствен канон. Македонија, меѓутоа, како и македонскиот народ не се збир од претстави, туку реална земја и реален народ. Една земја и еден народ.

 

Е, сега, доаѓаме до факторот – дезинтеграција, односно во македонско-комунистичка терминологија – фактор поделби. Едно е, имено, сликата за Македонија и Македонците која ја емитува партиските пропагандни гласила; сосема друга е претставата за Македонија и Македонците на опозиционата партија СДСМ. Владеачката партија, се разбира, е најопасна, затоа што најтрибална и „трпа“ се’! Оти согласно со идеологијата на ДПМНЕ: постојат прави, автентични, семакедонски македонци, тоа се, овие, нашите; а постојат и оние други македонци, кои се СДСМ и Сорос, и не се наши.

 

Сега, почитувани, доаѓаме до многу замрсена и прилично сериозна работа. Како е возможно да од најлокален провинцијализам и ксенофобија, се’ интегрираме во амбиент во кој, е обратен од овој на кој сме навикнале, така што и’ при најмала „трговска“ размена, овој тукашниот не помисли дека Другиот е дојден да му го граба животниот простор и работата? На ова мислење допринесува и врежаното сфаќање на многу „наши“ дека само затоа што се македонци, и само заради тоа, и за ништо друго, овдешното им припаѓа цело по „дефолт”?

 

Во таквото мноштво од слики, изобилство од претстави – што значи психолошки категории – со тек на време се’ изгубија реалните категории на Македонците и Македонија. Ама во тоа мноштво може да се „изрезба“ целина од изгубени слики, во кои, како што гледаме, владеачките елити повикуваат на суверенитет и идентитет како главни причини за дезинтеграција на Македонците, како и внатрешните „непријатели“, умалко да заборавев.

 

Тука, всушност, ниеден од турбопатриотите за ништо на светот не е спремен да се поттчини на општото, да се подреди на целината, туку во хипертрофија од егоизам и лажниот месијанизам пошто-пото настојува да Македонците и Македонија ги обликува и втурне во системот на сопствените халуцинации. Во таков еден амбиент, каде општото е подредено на личното или, во најдобар случај, партикуларизам, разумно ќе биде да се заклучи дека не може да станува збор за никакво општење, што кристално јасно се виде и преку денешните пропагандни хистерии за „фрагментацијата“ на студентите дека се испостава на СДСМ и Сорос. Тука, ако приметувате, не стануваше збор за политика, тука за директно мавање на владеачките трибални групи, министерства и подрачни единици кон одредени групи кон кои треба да ја шират омразата „од горе“ кон „долу“.

 

Да одиме понатаму. Тамо каде нема општење, не може да има заедница, не може да има ни држава во реална смисла на зборот. Овде државата, во денешна Македонија, барем уште некое време, ќе постои исклучиво само како племенски посед.

 

Ваквиот трибализам ја објаснува неразбирливата желба на серија од псевдоелити кои сакаат да ја држат Македонија во еден вакум простор а со тоа да прават од Македонија вештачка политичка творба. Слободна нација е можна само како заедница од слободни личности. Независна држава е возможна само како организација од независни поединци.

 

Ама што да правиме со трибалното разбирање која слободата ја дефинира како отсуство од странски окупатор или фактот дека некој е во затвор? Ваквото разбирање на слободата воопшто не е вродена особина на нашиот народ, туку е последица од безмалку декада психотизирање со трибалните идеологии и намерно одржување во перманентна состојба на сиромаштија. Единствена причина заради која Македонија (пребогата земја!) е втурната во сиромаштија, непречено богатење и просперитет на трибалните псеводелити, повеќе или помалку свесни за фактот дека слободните луѓе не им даваат на варварите да ги тероризираат и пљачкаат. Ниту со нив може да се манипулира.

 

Меѓутоа, ми се чини исто така дека работите одат на добро, и дека ќе се направи снага во Македонија која на провизориумот на комунистичките рушевини ќе се изгради најпрво, културен поредок, а потоа ќе изгради систем на модерна република. Ова е единствен возможен пат за Македонија.

 

На крајот, не е на одмет да кажам уште нешто. Systima, на грчки, значи: да стоиме заедно. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.