За Борис

Книгата на говори и пораки на Претседателот Борис Трајковски е само врвот на планината, тенка скрама над човечката магма каква беше Борис Трајковски. Човечка планина на која во едно од најтешките периоди од независноста се потпре со сета тежина, налегна Македонија.

Борис ја издржа таа тежина и ја изнесе на свои плеќи со политичка одговорност и со љубов за сите нас – љубов која поместува карпи.

Има нешто чудно промислено во контекстот кој го донесе Борис Трајковски меѓу нас Македонците. Тој е човек кој е различен од политичкиот матерјал од кој се градеше македонската политика. Тој е едноставно поинаков. Неговиот пасторски став се покажа посилен од сите претпоставки.

Во политиката, мирниот и грамотен Борис имаше сила да ги практикува своите зборови за простувањето, за прегрнувањето на политичкиот противник – имаше сила наспроти се, да ги донесе и издржи – најтешките , но единствено вистински политички одлуки за својот народ и држава. Тој беше убеден во нив и кога сите му го свртеа грбот и тогаш кога имаше 1,5 % рејтинг по усвојување на Охридскиот Рамковен Договор. За него мислам тогаш како за најосамениот човек на светот, кој мирно се моли!

Тој покажа што значи, колку е скапоцена и ретка доблеста да се биде одговорен политички лидер. Тој го избра потешкиот пат за славата која му припаѓа – да може несебично да се жртвува за својот народ и да се донесат вистинските одлуки кои никој не сака да ги донесе (сите загледани во своите политички рејтинзи и дуќани).

„Енергијата на љубовта и простувањето е претпоставка на слободата на заедницата“. Тоа се зборови на неговиот учител Мирослав Волф.

Вообичаено не ги разбираме тие пасторски беседи се додека не се сретнеме во животот со човек кој вистински ги практикува. Борис ги сработи темелите на нашата држава од плетката на овие зборови: за тие да успеат не се доволни ни најидеалните уставни и законски решенија. Потребен е човек кој верува во нив и кој има сила да се бори за нив наспроти политичкиот цинизам кој секогаш е тука.

Борис беше скапоцено битие и политичар за една мала држава каква е Македонија. Тој имаше, како денес ми се чини, енормен меѓународен углед и пристап до клучните играчи, што често и на најдрските меѓу нас ни застануваше здивот. Онака од шега, кога сами беседевме во неговиот кабинет и чекавме некој да се смилостиви и да му каже што се случува на „фронтовите“, ќе дигнеше телефон и ќе му завртеше на Државниот секретар на САД, Колин Пауел, и потоа ќе беседеше со човекот. Влегувајќи во собата на американската делегација во ООН, Њујорк, го здогледав фатен за раце со претседателот на САД, Џорџ Буш Јуниор – како се молат, во молитва братска. Драги пријатели, тоа денес можеме со копнеж – да го разбереме, колку беше значајно за нас. Денес кога тешко се прибираме до ходниците на меѓународните центри на моќ.

Борис тоа знаеше да го преточи во дебата за неговата земја, и за нејзините приоритети. Македонија за него беше и остана непоматена светлина.

Според Пасторот и Претседател Борис Трајковски: вистината на распнатиот Исус не учи да направиме место во нашите срца за ДРУГИОТ и неговиот поглед на свет. Да им простиме на оние кои не отфрлале и мразеле, кои дигнале оружје на нас, нивните браќа – да ги прифатиме и да ја создадеме основата на нашата држава на еднакви граѓани.

Неговата улога во втемелување на македонската мултикултурна демократија е според мислење, најголема од било кој политичар на независна Македонија.

Но Борис Трајковски не напушти неочекувано, како дојде. Борис не напушти кога ужасно ни требаше. Ни остави огромна празнина по средина на нашите спомени, нашата политика, на современа Македонија.

Како и во тој тмурен февруари кога си отиде, во квечерините и акшамите кои следеа – ТИ ПОСАКУВАМ ВЕЧНА СЛАВА, БОРИСЕ ТРАЈКОВСКИ!

Извор Либертас

Leave a Reply

Your email address will not be published.