За Албанија кандидатски статус во јуни, за Македонија – “На Куково лето”!?

Додека целото македонско општество месеци наназад се занимава прво со можноста за распишување на предвремени парламентарни избори, потоа со нивното организирање, одржување, резултати и пост- изборни математики, а сега со пазарот на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ околу формирањето на новата Влада, лоши вести пристигнуваат од Брисел.

Високи дипломатски извори за „Капитал“ велат дека приказната со Македонија е голем неуспех и за Македонија и за Европската Унија и дека за жал, не може да се очекува оти наскоро можно е некакво придвижување на тој пат:
„Нема очекувања. Шансите на Македонија за напредок кон ЕУ се 0,0000 %! Многу пречки се исправени на патот, а не гледаме дека во вашата држава има волја за нивно надминување. Она што нас не загрижува особено, е што според сите прогнози, Албанија на јунскиот самит ќе добие кандидатски статус. Од таа точка натаму, сосема е извесен нејзиниот брз напредок, ако се има посветеност и волја кај албанските власти. Во таков случај, за Македонија се стравува дека ќе следи криза. Кандидатскиот статус и евентуалното брзо почнување на преговори со ЕУ потоа, за албанското население во Македонија ќе биде искра која може да запали незадоволство. Дополнителен проблем е што властите во Македонија и воопшто политичките лидери сосема се свесни за овој момент, а повторно не гледаме дека има посветеност за да се работи на деблокирање на европските интеграции. Наместо тоа, во Македонија повторно главна тема се некакви домашни политички калкулации, од кои нема корист општеството. Голем тест е исправен пред вашата земја и она што јас го очекувам е дека во следниот период, особено после изборите во ЕУ и инсталирањето на новата европска администрација, се зачестени и интензивни посети на ЕУ претставници во Скопје. Не верувам дека Македонија може и понатаму да опстане вон регионалниот тек на европско приклучување“ вели извор од Европската Комисија за Капитал.

Тој не сака да зборува во врска со внатрешните македонски преокупации, ниту со последните случувања кои се однесуваат на мноштвото афери за наводен криминал директно во македонската Влада, коишто ги отвори опозицијата. Вели дека Македонија се декларира за независна држава, со свој систем и свои институции кои се надлежни да ги санкционираат и следат ваквите процеси.

„Тоа што ние го мислиме за функционирањето на македонските институции, пак, го кажуваме секоја година во Извештајот за напредокот на земјата“, изјавил тој.
На прашањето дали е можно да се одземе кандидатскиот статус на Македонија тој вели:
„Кандидатскиот статус не е даден еднаш за секогаш“!.

Извор Либертас

Leave a Reply

Your email address will not be published.