За 2013-та година извршителите наплатиле рекордни 127 милиони евра

Извршителите лани успеале да наплатат над 127 милиони евра, што е најголема реализација во нивното осумгодишно постоење. И покрај тоа што бројот на примени предмети во 98-те извршителски канцеларии бил помал во споредба со претходната година и изнесувал 141.115 предмети, наплатата е за речиси осум отсто поголема и изнесува скоро 34 проценти. За споредба, во 2012 година биле наплатени 104 милиони евра. Сепак, од Комората на извршители на Република Македонија, која викендов во Струмица ги сумираше резултатите од своето работење во минатата година, констатираат дека продолжува трендот на стабилен пад на наплатата на побарувањата на доверителите.

Најголемиот број примени предмети – 98.928 се во вредност од 100 до 11.000 евра, како и до 100 евра – 72.298, додека над 11.000 до 200.000 евра – 2.994 предмети. Најголем број примени барања за работа имале извршителите од скопското подрачје 63.691 предмет, а најмал извршителите од подрачјето на Основниот суд во Прилеп и Крушево, кои пак, имале најголем процент на реализација од 51,66 отсто.

Извршителите се пожалија и дека како ретко која професија во државата се изложени на силни притисоци и контроли, како од Министерството за правда, така и од судовите. Споредено со другите професии, како што рекоа тие, неколкукратно повеќе пати се казнувани од судиите и нотарите, а против нив се поднесени и најголем број кривични пријави -106, кои во најголем број се отфрлени како неосновани.

Од Комората сметаат дека ефикасноста на извршувањето ќе ја подобри новиот закон за извршување, кој веќе е подготвен од Министерството за правда и се наоѓа во владина процедура. Во него се предвидени значајни новини, во поглед на големите доверители, истовремената блокада на солидарните должници, начинот на обезбедување материјални докази, како и околу добивањето нова надлежност за вонсудска наплата на долгови. Новина е и тоа што извршителите ќе имаат право и за влез во стан или објект на должник, по претходно обезбедена дозвола од судот во траење од 30 дена, а се предвидени и казни и за одговорните лица и фирмите кои ќе одбијат да дадат податоци за свои вработени должници. Таа за одговорните лица ќе изнесува од 20.000 до 80.000 денари, а за правното лице од 100.000 денари до 30 милиони денари.

Извршителите се осврнаа и на, како што велат, фамата создадена во јавноста околу големите трошоци што им се фактурираат на должниците при исплатат на вкупната сума што треба да ја платат. Тие тврдат дека нивниот процент и наградата е далеку помал во споредба на оној што треба да им се плати на адвокатите и оти добар дел од сумата оди на отплата на камати, материјални трошоци, поштарина, како и на ДДВ.

„Доколку државата сака да им олесни на граѓаните, треба да се откаже од наплатата на ДДВ на нашите услуги, исто како кај нотарите, но и да ги преполови останатите трошоци“, вели Гордан Станковиќ, претседател на Комората на извршители на Македонија.

Гордана Дувњак

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.