Време сончево, терен погоден за пљачка!

пишува Бранко Трајковски – Сачмо

Како и секоја година пљачкањето на лозарите е во полн ек. Оддалеку, сликата на лозарите е следната: јадни, изморени, изнемоштени, со изгубена гордост и достоинство. Одблизу? Уште пожалосна. Едноставно, не знаат кој пат да го фанат. Време сончево, терен погоден за пљачка!

Оваа година е една една од поретките во последниот период каде овогодинешната  реколта е со побогат род. Ќе рече некој, коечно им се потрефи на лозаропроизводителите. Но, откупната цена на грозјето останува и понатаму монополизирана од страна на големите македонски олигарси кои постојано се во спрега со актуелните власти.

Како е можно од евтино грозје (11 денари) да се прават скапи пијалоци, конкретно тиквешка ракија? Кој е оној со најголемиот ќар и бенефит во овој бизнис? Лозарот сигурно не. Напротив,  се офајдуваат локалните олигарси како и државата преку акцизните даноци. Кој е од ебаната страна? Па нормално, лоозаропроизводитетлот.

Сакале тоа да го прифатиме или не, но лозарите во Македонија а и тиквешкиот регион се премногу слабо организирани. Или пак ич. Никогаш не биле заштитени од државните органи, од локалната самоуправа, од опозицијата, од здруженијата на лозарите. Доаѓаат пред свршен чин на откупните пунктови каде се изманипулирани и ограбени по разни основи: цена, вага, малигани, шеќерни единици…Сума сумарум, секој килограм – денар помалку. Многу од  откупните центри си имаат и свои земјоделски аптеки каде ги условуваат лозарите да купуваат од нивните производи кои им ги подметнуваат по повисоки цени. На крајот, скроениот домашен есап испаѓа многу поразличен на пазарот.

Од горе наведеното човек да се подзамисли и запраша зошто всушност и постои министерството за земјоделие на Република Македонија? Најверојатно да ја следи оваа агонија на македонскиот лозар како и да ги спроведува владините предизборни пропаганди во делот на субвенциите кои пак еве веќе втора година по ред лозарите не ги добиваат оние два денари по килограм. И притоа нема апсолутно никаква реакција од нивна страна.

Но, што прави локалната самоуправа на општина Кавадарци по ова прашање? Ништо. Што прават локалните власти? Ништо. Што работи кавадаречката опозиција? Пак ништо. Затоа, дел од вината  и се припишува и на опозицијата.

Локалната самоуправа при општина Кавадарци заедно со локалните власти а и опозицијата воопшто не ни реагираат на овие маки и пљачкања кон своите сограѓани. Тоа е факт. Точка.

Јас, навистина им се восхитувам на загинатите тиквешки  херои од минатото како што се Страшо Пинџур или Димката Ангелов – Габерот. Овие двајца млади луѓе имале свои дефинирани непријатели: фашистичка Германија и фашистичка Бугарија. Но, да се запрашаме кој е нашиот, во овие моменти (не)дефиниран непријател? Влада на Република Македонија? Влада на ВМРО-ДПМНЕ? Влада на СДСМ? Локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ?

Луѓе, борба треба да има, и мора да има. Јас сакам да се борам а верувам дека и на многумина им е дојдено преку глава. Не сакам да се борам од овој или од оној штаб. Сакам да се борам со своја глава, свое видување и размислување, за мене, за град Кавадарци, за Република Македонија.

За крај, малку настрана од темата, и  збор-два за новиот специјален јавен обвинител. Од она што може да го забележам и следам, мојот став е дека крајниот исход од таа дуо-трио борба ќе заврши мирољубивво 1:1 без примени жолти и црвени картони. Да и оставиме некој месец простор за работа на Катица Јанева. Сепак мислам дека ќе се случи “тресила се гора, родио се нерешен резултат”.  И тоа без лисици.

Leave a Reply

Your email address will not be published.