ВРЕМЕ Е ДА ГО ИСФРЛИМЕ ЃУБРЕТО

пишува Јасминка Ангелова

Маскенбалот заврши. Доста беше сеирџиство. Доста беше мајтапење.
Доста ја гледавме забревтаната режимска пропагандна агенда, а од друга страна гледаме како опозицијата се труди и сака да постапи по планот од договореното во Пржино.

Гледате дека не иде. Нема ништо од сето тоа.

Не сме манипулативно наивни, ниту пак интелектуално ограничени.

Тимот од соништата на специјалната обвинителка ја уби и последната капка надеж кај нас граѓаните.

Како граѓани, знаеме дека меѓу избраните обвинители има лица кои како соучесници на режимот уништија цели семејства: Кежаровски, Богоевски, Цветанов, Диневски, генерал Стојков, Шиповиќ., Рамковски и луѓето од ТВ А1, Тупурковски, д-р Ставриќ…судии, адвокати, Пајажина, Ликвидација, Шпион, Фаланга….па и Пуч со Верушевски и претседателот Заев!!!

Случаи сработени по нарачка на режимот, а сега најверојатно истиве ќе ја средат и корупцијата во Маѓар Телеком… додека другите пак се основни јавни обвинители што немале допирна точка со сериозен криминал, обвинители и од основните обвинителства од внатрешноста… без потценување, ама знаеме како се работи во малите населени места и со какво искуство располагаат овие, како што кажа Јанева: врвни истакнати професионалци од основните обвинителства.

Тимот на истражители веќе воопшто не ме интересира, ќе биде „дан бетер“.

Како граѓанин, несакам ваква криминална држава. Несакам Избори во ваква криминална држава… Не сакам држава во која за изговорен и напишан збор ќе стравувам за безбедноста…од разно разни предупредувања до подли и ниски местенки… Не сакам на секое излегување од дома… да се потсетувам дека е важно да ги проверам гумите на автомобилот и да ѕиркам под возилото… затоа што не сакам со моите деца да се најдам во некој ендек…

Како граѓанин, не можам да живеам во држава каде полицаец ме удри по глава и МВР ништо не превзема…дури и кога имаше познат сторител и пречекорени и злоупотребени полициски овластувања…Не сакам да живеам во држава на режимско судство, кое токму деновиве ме повика, читај убаво: На помирување со полицаецот што ме удри! А го тужам за нанесена телесна повреда!!! Кој патем воопшто не го ни познавам. Читај: со напомена од „чесниот судија“ да се појавам сама, БЕЗ адвокат…

Најмалку пак сакам да живеам во држава во која децата како „хитлерчиња“ ќе ми ги стројат на секојдневното интонирање на химната поради самоволната одлука на градоначалникот Ивица Коневски… а не обезбедил основни климатско-здравствени услови за училишен престој…

Не сакам да живеам во држава каде конзервативните наркомани во власта не дозволуваат легализација на марихуаната, а мојот татко секојдневно умира од рак, а според сите добиени информации на интернет, уште само ова нелегално масло кај нас е единствениот спас…за татко ми и за сите болни луѓе од оваа подмолна болест во ова расипано општество…

И навистина после СЕТО ова, искрено ме „заболе“ тоа АМА режимот ќе падне на избори! Ако нема Правна Држава. Ако нема Правда. Ако нема Демократија. Џабе ќе биде се.

Веќе 20 години сум вклучена во следење и истражување на кривично-правните настани и јасно ми е дека и овој пат НЕМА да биде задоволена Правдата.

Не разбирате ли дека криминалците од бомбите, досега требаше највулгарно да бидат отстранети од очите на јавноста. Главното Барање – ОСТАВКА ВЕДНАШ, не е исполнето. Не разбирате ли дека тие не беа и не се легитимна страна на преговарачката маса. Не разбирате ли дека не смееат да учествуваат на било какви идни избори.

Нѐ ни требаат ТАЈНИ ПРЕГОВОРИ. Не ни требаат сегашни Договори со корумпираните за спроведување на рамковниот договор, не сакаме да го гледаме бледиот прочитан говор на премиерот во заминување во седиштето на ОН, незаконското и траги-комичното доделување на орден за заслуги во срцето на Америка, понижувачката и лицемерна панихида, после 14 години, за загинатите бранители, па еве веќе стигнале да се појават и на самитот за борба против ИСИЛ,

а верувајте не ни треба ниту дебата во парламентот, ниту по разни собраниски комисии за екстерно тесирање, ни за јавни набавки, расправи за секакви работни лиценци, што ли уште не, кога имаме длабока институционална криза затоа што криминалците сеуште седат во нивните фотељи и ни висат на врат.

НЕ благодарам. За мене и моите деца, ама од срце кажувам, несакам ваква Македонија.

Сакам вистинска правна држава, сакам слобода, сакам правда, сакам мир…сакам живот без стрес за моите три деца и за сите деца во Македонија!!!

Овде веќе нема место за нормални луѓе! Овде ќе останат да живеат само „нивните лудаци“, ако нешто брзо и ефикасно не се промени.

Не можам повеќе да слушам дека требало да се игра фер со криминалците фатени ин флагранти. Можеби некои од преговарачите имаат што да изгубат. Достоинствено велам на нас ни остана само голиот живот.

Како мајка и граѓанин и активен борец против режимот посакувам: Фатете го патот за наваму и дојдете да го исфлиме ѓубрето што ја загади Македонија!!!

Не мислам да ги фрлиме во контејнери како што можевме деновиве да видиме како се постапува со корумпираните политичари во светот!

Да ги фрлиме таму каде што заслужуваат… и не само овие, туку граѓански да ги подбереме сите што 24 години се „заебаваат“ со нашата држава…да баш така. Крајно време е.

Или пак со децата да застанаме во редот и да се придружиме на бегалците… Друго чаре нема.
Без верба и надеж веќе ништо немаме. Сведоци сме дека верба повеќе нема, а на крајот на силите и последната Надеж умира. Можеби е време, Господ да ја прости Македонија…

Leave a Reply

Your email address will not be published.