Вовед во Социјална, Секуларна Република Македонија

Koнечно, одлична иницијатива за која нема да се остане неприметен и безначаен, и да предизвикува рамнодушност и досада

 

ЗА ЛИЧНОТО ПРИДВИЖУВАЊЕ ВО ИНИЦИЈАТИВАТА

Ако Старите Латини велеа “Истото на исто се радува“, тогаш јас се радувам на оваа иницијатива која нејзината тежа ја има во упориштето на секуларизмот, модернизмот, социјалната правда! Еден од иницијаторите,  Васко Лазаревски, ми се јави, и како што прилега на двајца пријатели, ми вели, „Сердаре, правиме инцијатива за секуларна, модерна, антифашистичка…“ Тоа беше доволно силен момент за кој без прашање и’ колебање го прифатив. Ја прифатив оваа иницијатива затоа што е дел од мене, од моето тежиште, од се’ она во кое верувам дека еден нов свет е возможен. Првото нешто што ми падна на ум, читајќи ги вредностите за оваа иницијатва (Социјална Секуларна Република), на грчките зборови dia-logos; Dia: движење, меѓусебен однос… додека Logos значи: собирање, составување, избирање, зборување, зборови, беседење, изјави… еден вид “облигаторна“ форма на една иницијатва која бара објаснување, делување, учење, создавање, сонување…


За Старите Грци суштината на дијалогот била да се дојде до дијалог. Нивните дијалози имале две општи знаеченија: првата била вистината, ако е во прашање теориски дијалог, а другата била соработка и разбирање за Општото Добро. Целата на секоја иницијатива е да се дојде до дијалог, а не дијалог ради дијалог. Дијалогот за Античките Грци било општо добро за секој слободен човек.


Како гледам на секуларизмот во Македонија? Како гледам на демократијата во Македонија? Како гледам на социјалната прaвда во Македонија? За сите овие прашања, во деновите кои доаѓаат. 

 

БОРБАТА ПРОДОЛЖУВА

http://ssr.kauza.mk/

Во Крушевската Република и во АСНОМ (да не заборавиме дека летово се полнат 70 години од АСНОМ), Македонија е замислена и сонувана како Социјална, Секуларна и Републиканска држава. Тоа се трите столба на кои почива. Овој конгломерат од различни луѓе, култури и табиети кој ова парче земја среде Балканот го смета за свој дом, искуствено дошол до сознанието дека земјата, државата, треба да е на сите и за сите.

Нашата цел е социјална држава, држава на благосостојба.

Државата е таа која се грижи за економската и општествената благосостојба на своите граѓани. Да обезбеди еднаков пристап до можности за сите, високо  ниво на социјална правда и јавна одговорност за оние кои не се во можност самите да си обезбедат со минимумот средства потребни за добар живот.

Земја во која сите имаат подеднаков пристап до стандардизирано образование. Првачето во Карпош да оди во училница која е идентична со  училницата во Тетово и во Шутка. Да учи од квалитетни учебници во кои ќе го осознава светот и човекот и да му се пружи грижа во делот од денот кога не е со најблиските.

Здравство кое ќе биде достапно за сите и секаде. Без разлика на имотната состојба, или местото на живеење. Секој човек има право да добие здравствена заштита, лечење и нега според највисоките стандарди кои се потребни и достапни за една цивилизирана земја. Човекот да има достоинство и кога е здрав и кога има мака.

Секој работник, има право на фер плата, право да биде третиран достоинствено и да се оневозможи оттуѓување на работниците од нивните блиски и од општеството во целина. Секој човек интегриран во општеството во кое живее и твори, со тоа правејќи го похумано.

Нашата цел е секуларна држава.

Држава во која верските заедници, цркви, џамии, синагоги ги задоволуваат духовните потреби и го обезбедуваат верскиот живот на нивните припадници, но во рамките на нивните заедници, без навлегување во вредностите на другите и без наметнување  на истите врз државата. Македонија има место за сите. И како земја во која битисуваат разни заедници, потребен е дистанциран однос од државата, без фаворизирање или дискриминација кон било која заедница. Секој поинаков пристап, води кон судир. Растот на амбициите и фрустрациите, нужно носи раст на стравот и недовербата, раст на омразата. Земјата која за своја ја сметаат христијани, муслимани, агностици и атеисти, за да опстане мора да биде изразено секуларна. Културата е нашата способност за комуникација со идните генерации, а информацијата која нашата генерација треба да ја пренесе е дека сите различни успеале да опстанат и да живеат во една земја.

Нашата цел е демократска Република.

Нашите „основачи на нацијата“ од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, можеле лесно да бидат привлечени од создавањето монархија по углед на младите комшиски држави кои се осамостоиле на Балканот. Да склепаат трон и на него да седнат некој од нив, или некој донесен од страна, увезен благородник кој ќе стане стожер на нашите национални чувства. Но, од наследство во Македонија се наследува само борба, никогаш власт.

АСНОМ-ци се надоврзуваат на Илинден и од Св. Прохор Пчински повикуваат: „През долгите години на ропство, тешката стварност те научи оти ти против поробувачи имаш само едно сигурно оружие: борбата. И ти машки го стегна това оружие.“ Знаејќи дека борбата и слободата не припаѓаат само на Македонците тие се обраќаат кон своите „Браќа Арнаути, Турци и Власи, Поробувачите на Македонија од везден сакале да не разделат и скарат за полесно да ја владат нашата татковина и да ги грабат нашите народи. Тешкото минато ни покажа оти интересите на нашите народи са исти, а нивната судба заедничка. Во овие решителни моменти сите ние изградуваме слободна Македонија. Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме.“ И ја создаваат современата, антифашистичка по род  – Македонија.

Републиката ја градат, и доградуваат нејзините граѓани. Од нив зависи дали во неа ќе владејат демократски вредности и правила, дали ќе се почитуваат човековите права, дали ќе има во неа правда за сите, или некои ќе се „поеднакви од другите“. Дали ќе биде дом, или концентрационен логор. Диктатура, или демократија. Морам да ги повторам зборовите на АСНОМ-ци: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“

Нашата земја се менува. Социјална веќе не е, социјалните пакети се користат за предизборно корумпирање, ставени во функција на купувањето души и гласови. Наместо алатка за подобрување на животот, стануваат оружје за уценување. Секуларна е се помалку, затоа што верските заедници се повеќе влегуваат во спрега со политиката, се ставаат во функција на партиски интереси, за возврат добивајќи благонаклона власт. А, република… Ако може да се нарече република земја во која не владее правото, нема демократски избори, нема парламент кој ја отсликува волјата на граѓаните, органите и институциите на државата се целосно партизирани. Има политички затвореници.

Сведочиме уништување на столбовите на државата Македонија. Што ќе биде тоа новото нешто кое ќе се инсталира не може да се знае, само може да се види дека тенденциите се лоши. Тоа ќе биде земја која ќе има некои други фундаментални вредности: ќе нема социјална држава која се грижи за благосостојбата на своите граѓани, верските заедници ќе ја кројат внатрешната политика и култура (а, имаме две големи верски заедници кои не можат во исто време да доминираат со една држава) и има еднопартиски систем со биполарно растројство кој ја негира демократијата. Состојба која не е одржлива и води кон судир внатре.

Нашиот пат е борбата!

Времето на прославување на светлите настани од минатото заврши. се помалку има смисла да се одбележуваат победи, ако придобивките кои биле извојувани се загрозени, или сосема уништени. Сега е време на создавање нови, светли настани. Време да се тргне на патување во согласност со епохата во која живееме и да се започне борбата одново. Борба за обединување на сите различни, на сите несовршени, на сите свесни и умни. Борба која ќе обезбеди сите подеднакво да дадат колку што можат и да добијат колку што им е потребно. Да се чувствуваат рамноправни и да бидат рамноправни. Да си бидат дома и да им е убаво тука.

 

Васко Лазаревски

Leave a Reply

Your email address will not be published.