Дрекслмаер: “Во Македонија сме дојдени да профитираме”

Не сме дојдени во Македонија да ги репрезентираме германските плати и финансиски стандарди, туку да остваруваме профит. Ова е ставот на германските менаџери на гигантот во автомобилската индустрија Дрекслмајер, чиј вработени пред две недели штрајкуваа поради неисполнети ветувања, малите плати и тортурата која им ја вршат претпоставените, пренесува НОВАТВ.

Германските менаџери денеска дојдоа во фабриката лично да ги пренесат своите впечатоци од едногодишното работење во Македонија и проблемите кои неодамна се појавија. Според нив, пред две недели немало штрајк, туку бојкот на работата, од кој најголеми штети претрпела фабриката.

“Недоразбирањата се надминати, така што, се што е ветено, е исполнето, вклучително и велигденскиот бонус. Штрајкот беше нелегален и незаконски и поради тоа 19 работници ги загубија своите работни места. Тие не се придржуваа на договорите, па затоа добија откази. Немаме намера да ги вратиме повторно на работа”, рече Урлих Либек еден од менаџерите на Дрекслмајер.

Оваа компанија во Македонија месечно исплаќала 1,1 милиони евра за плати, а просечната плата била за 20 проценти повисока од минималната загарантирана плата. Запрашани дали сметаат дека може да се преживее со месечна плата од 170 евра, германските менаџери одговорија дека кога ја скенирале земјава, воделе сметка за економската состојба, односите на пазарот, ги споредувале платите во реалниот сектор и цените на производите неопходни за преживување.

“Не можете да правите споредба со платите во Германија. На пример, една вечера во ресторан, Германецот ќе го чини колку што Македонецот ќе потроши за десет”, рече Роланд Полте, член на Извршниот одбор на групацијата Дрекслмајер.

Дека немало ништо спорно во исплаќањето на платите утврдила и Трудовата инспекција, која минатата недела направила увид во пресметката на плата и констатирала дека платите и дополнителните исплати за ноќна смена и празници биле исплатени и пресметани според закон, велат од Дрекслмајер.

Германските менаџери изразија задоволство од првата година од работењето во Македонија. Себе си се претставија како успешни и одговорни инвеститори, кои освен што вработуваат 4400 работници, помагаат и во локалната заедница. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.