(Видео+Фото)Во Кавадарци фекалии по улиците и дворовите, надлежните тераат “Тиквешки Гроздобер”

На повеќе места низ Кавадарци, најверојатно поради нестручно изведување работи од страна на некои изведувачи кои добиле тендер пред неколку години, се јавија жаришта на нечистотија. Мошне загрижувачка е состојбата во населбата “Ѓорѓи Соколов”.
Граѓаните во неколку наврати го пријавуваат овој дефект до надлежните, во случајот ЈП Комуналец, но засега без некои поконкретни потези за решавање на проблемот. Велат дека сега кога манифестацијата “Тиквешки Гроздобер” е пред прагот, никој нема ни да се осмели да дојде и да го реши овој проблем.

– Доаѓаат на двапати по двајца работници од Комуналец, но и тие избезумени појма немаат што и како да прават. Едноставно се вртат овде додека не им заврши смената, колку да ги видиме дека биле овде и толку. Си заминаа и сите се однесуваат како ништо да не се случило. – вели револтирано еден од граѓаните.

Таму континуирано изминатите десетина дена, како што тврдат граѓаните, на површината излегуваат фекалии и тоа од неколку места каде има канализационен одвод.

– Ситуацијата е сериозна. Крајно сериозна е изминатите 3-4 дена додека имаше обилни врнежи од дожд. Буквално извираа фекалии од канализацијата и се слеваа низ улицата. Кога се исуши водата, останаа овие белези и дамки од фекалиите. Моравме сами да ја миеме улицата за колку толку да се намали миризбата која ја дишиме. Деца, луѓе, гледаат и се држат за глава. Не им се верува дека живеат во 21 век и ова им се случува пред очи – велат локалните жители.

Ваква е состојбата во дворовите од околните куќи во оваа населба. Во дворот од една куќа, глетката беше толку одвратна, што не се ни осмеливме да документираме од причина да нашите читатели не си ги вознемируваат органите за варење.
Како тоа само нас овде во Македонија ни се случуваат вакви работи? Еве да речиме делегација од локалната самоуправа на општина Кавадарци беше на прошетка во Големото Јаболко (Њу Јорк). Дали таму видоа вакви работи, или пак и тие (њујоркчаните) се ептен за никаде, бетер и од нас?

Како и да е, еве да испратиме една, веруваме корисна порака, до сите оние гости надвор од општина Кавадарци кои ќе не удостојат со нивното присуство на овогодинешниот “Тиквешки Гроздобер”:
Почитувани, избегавајте да се движите по улицата “Ѓорѓи Соколов”, во спротивно носете поприлично доволен број на тоалетна хартија со себе, бидејќи има доста гомна за чистење. Барем сега засега. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.