Во “братство“ со инфантилните

Се случуваат интересни работи со некои млади кои решиле да се вклучат во политичкиот живот. Мислат дека со партиска книшка која ја пикнале во џебот веќе претставуваат нешто. Таа ефтина влезница денес не претставува ама баш ништо ако се надеваат дека само таа ќе им брка работа. Сосема недоволно. Забораваат дека најпрво тие треба да се претстават за да претставуваат други. Таквото поимање на нивната политичка вклученост ги прави “стари“. Тоа е таканаречно доброволно преминување во “млади-старци“, но сега влезени во “братство“ на оние инфантилните.

Ги има, не се малку и на најистурените партиско-политички и државни позиции. Грешат ако гледаат примери дека може и така. Ќе пресуши таквиот партиски “извор.“ Ќе им го затрујат трпеливите граѓани. Се има крај. Отсуство од видилива акција, покрената самосотојно која би ги идентификувала како личности, не може да ги направи повеќе од доброволни потрчковци во хиерархијата која ја прифтиле. Не може да се чека на сигинал и поглед за се и сешто свртени кон централата. 

Прифаќање на девизата молчењето е злато е открива нивната желба за послушност, но и можно незнаење. Сигурна позиција на отстапки кон постарите ја покажува нивната хипокризија. Чекаат и за локални работи да ги “организираат“ од Скопје. Целокупната нивна “умешност“ сакаат да ја покријат со фотографија (заедничка) од важна политичка личност на партијата и важни Фејсбук пријателства.

Како е можно да покажуваат политичко-партиска амбиција на локални-партиски водачи без да зуцнат збор, без да бидат видени и слушнати од некого. Каде ли само, во која дупка ги кажуваат своите ставови. Зарем нема за што? Се чудам на нивната доброволност, летаргичност и приспособливост која не наликува на ништо освен на поданичко чекање на се и сешто да “пресечат од горе“.

Се вклучиле со амбиција да претставуваат нешто, а чекаат на сигурно друг да им го чисти патот. Не проодени во политиката се фатиле за бастун и ја грабнале “сигурноста“ како свој водач во партиско-политичкиот напредок. Се разбира – сопствениот.
Тешко со такви “млади-старци“. Ќе се изначекаат и тие и другите кои влегле во такво “братство“. На инфантилните. Штета. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.