Вмровски штеп

Кога во есента 2005 година дојдов во редакцијата на весникот „Време”, за да го уредувам неделното издание што го покренавме тогаш, со Велија Рамковски, неформалниот сопственик на весникот, се договоривме прецизно – јас ќе имам целосна самостојност во уредувањето, а тој, доколку не му се допаѓа како си ја вршам својата работа, може да ме смени, но додека не го стори тоа, не смее да ја загрозува мојата уредничка автономија. Мислам дека во почетокот човекот не ме разбираше сосема и малку се лутеше кога го критикував, оти по телефон „уредуваше” телевизиски прилози, во паузите додека ловевме плашица во каналот Студенчишта. Се сеќавам, се шегував со него: „Добро е што не си газда на болница. Оти да си, ќе влезеш во операциона сала и ќе оперираш. Има крв да се лее до колена”.

Морам јавно да посведочам дека Велија машки се држеше до договорот. Човекот доследно ја испочитува мојата уредничка автономија, што беше особено важно од 2006 година, кога го покренавме дневниот весник „Шпиц”, еден возбудлив и грандиозен проект. Од првиот до последниот број, „Шпиц” беше критички настроен кон владата на Никола Груевски. Во тоа време, Велија и Никола тесно соработуваа. До криза во односите меѓу нив двајцата дојде дури во 2009-2010 година. Повеќе од две години газда Велија беспоговорно ја трпеше уредувачката линија што ја фурав со весникот и којашто веројатно му создаваше непријатности во релациите со суетниот Груевски (а можеби и можности за пазарење, кој да ги знае). Во втората половина на 2008 година, Рамковски се повика на вториот дел од нашиот договор – ме смени од позицијата главен уредник на весникот, но доблесно јавно призна дека тоа го сторил од политички причини (тогаш му пречеа мојот став за спорот за името и за НАТО). И уште нешто стори тој – ме замоли да останам на Перо Наков, за подоцна да ме врати на кормилото на „Шпиц”.

Сум пишувал, а во некоја следна прилика изгледа ќе мора пак, сега поисцрпно, да пишувам за вистинските причини за кавгата меѓу Рамковски и Груевски. Бидејќи ете, повторно читам лаги за таа работа, кои се сведуваат на тоа расколот да се објасни со наводниот „криминал” на Велија (што „невиниот” Никола, демек, не можел веќе да го трпи), или со наводното големо влијание на Бранко Црвенковски врз Рамковски, што наводно сум го обезбедил јас. И едното и другото не е точно. Но, велам, за тоа друг пат. Сега сакам само јавно да посведочам дека Велија, барем во односите со мене, на дело покажа дека разбира дека компетенцијата и креативноста што ги обезбедува уредничката автономија се многу поважни од гордото послушништво на кое беше навикнат.

Јас и тогаш знаев дека тоа мое искуство е многу различно од искуствата што ги имаа моите колеги уредници со своите формални и неформални газди и менаџери. Одлично ми беа познати приликите во „Дневник” и во другите изданија на МПМ, на пример, од каде што дојдов кај Велија. Но, тогаш беше во мода Рамковски да се прикажува како бескрупулозен моќник, а другите медиумски газди како јагниња. И еве, деновиве, Зоран Димитровски јавно призна дека неговиот газда го спречил да објавува истражувачки стории за смртта на Никола Младенов во „Нова Македонија” (да потсетам, единствените три стории ги напиша токму колегата Томислав Кежаровски). Го молам Жоро да не се лути што ќе речам дека додека не слушнам објаснување од Минчо Јорданов лично, ова негово тврдење ќе го земам со резерва. Но, мислам дека ваквите сведоштва, баш како и сведоштвата за тажните епизоди и драмолетки што се случуваа во „Дневник” и во „Утрински” (кои сѐ уште не се објавени), ќе покажат зошто во она време велев дека газда Велија, во споредба со некои други газди со сомнителни докторати и со уште посомнителни политички амбиции, беше своевиден гениј и морална вертикала.

Зошто пак ви раскажувам за Велија? Од две причини. Прво, зашто ми е мерак и оти ми се може. Втората причина, сепак, е побитна. Имено, мора да се знае дека само автономијата, или „самозаконието” (превод од грчки зборови „авто” и „номос”), може да обезбеди квалитетно и компетентно функционирање на многу области во животот. Државата не смее да ги „испитува” професорите на факултетите и да ја нарушува автономијата, зашто во спротивно немаме универзитет. Газдите на болниците не смеат да оперираат, а газдите на медиумите да уредуваат. Судиите мора да судат самостојно, а не да примаат наредби по телефон. Министерот за финансии не смее да му биде шеф на гувернерот на централната банка. Министерот на култура не смее да ги уредува репертоарите, изложбите, насловите на книгите што ќе се печатат со државни пари… Накусо, во општеството во кое не се почитува автономијата, царуваат волунтаризмот и некомпетенцијата.

Од друга страна, треба да се знае дека автономијата е релативно „самозаконие”, таа не го укинува прерогативот на државата да ги поставува рамките и да ги креира јавните политики. Сопственикот на болницата (приватниот или државата, сеедно) не смее да оперира и да ги пропишува медицинските протоколи и терапии, но тој – а не лекарите! – одлучува каква болница создава и ги определува економските параметри. Газдата на медиумот ја определува генералната уредувачка линија, а не уредникот. Државата, како газда на државните универзитети, одлучува колку пари ќе издвои за нив, ако сака да добие бесплатно високо образование. Полицијата и армијата исто така имаат автономни системи на одлучување, но државата ги донесува крупните политички одлуки за тие организми (ете затоа Фрчкоски и првата влада беа во право кога жестоко се спротивставија на тогаш популарните идеи на чело на ресорите одбрана и внатрешни работи да застанат „професионалци”, што ќе рече генерали и полицајци – наспроти тоа, се наметнаа прерогативите на цивилната власт во овие области и на тој начин се обезбеди и цивилна контрола над армијата и над полицијата).

Денес, целиот тој систем на макотрпно градени сложени односи, е разурнат како кула од карти. Овој наш фашизоиден режим, опиен од сопствената неконтролирана моќ, нема никакво чувство и свесност за концептите на автономија и на саморегулација. Ние длабоко сме навлезени во царството на некомпетенцијата. Така се доведовме до ситуација некој неталентиран „шнајдер” во нашето елитно здравство на пациентка да ѝ ги сошие вагината и анусот. Не, драги мои, не е тоа само банална лекарска грешка, туку многу повеќе од тоа – тоа е системска грешка! Тоа е грешка што ја направил лекар „едукатор”, странец, викнат да вежба во Африка чентрале. Дури не е толку крив човекот, кој имал право и да згреши. Проблемот е во тоа што никој не смеел да му укаже на грешката и што ја убедувале пациентката дека е „нормално” изметот да ѝ истекува од вагината. Страшно е тоа што сите се плашеле да писнат, зашто сите знаат дека „едукаторов” е дело на „реформите” на министерот Никола Тодоров, оној ист министер што своевремено, ако ви текнува, на хирурзите во болницата во Охрид им објаснуваше како и самиот „оперирал” на симулатор и колку тоа било едноставно, како видеоигра (при што, во видеохитот, „скромниот” министер признава дека баш и не бил стручен, а еден од полтроните му вели: „Не би рекол дека е така”). И проблемот е што за последиците од оваа најнова метода на „лекување” мејд ин Маседонија тајмлес, никој нема да одговара, а најмалку министерот со симулаторот.

Легитимно е да се праша, чуму им е на овие луѓе од власта, кои ги имаат сета моќ и сите пари на овој свет, кои се опкружени со горди послушници и полтрони што ќе исполнат сѐ што ќе им се побара, сега самите да оперираат, да уредуваат, да режирааат, да вајаат…? Зарем тоа им недостасува? Да, да, баш тоа им недостасува! Соочени со сопствената неспособност да го прават она што не го знаат и за што немаат талент, моќниците чувствуваат една болна фрустрација. Моќникот се чуди – како тоа, по ѓаволите, јас можам да ја купам половина филхармонија, а не можам да свирам на виолиона?!

На Велија не му се случи да си направи болница и да оперира. Но, верувајте, доаѓа време кога груевци ќе си ги лечат фрустрациите и ќе глумат не само лекари и научници, туку и писатели и поети, уметници и кандидати за нобеловци. Ако им се посака, има да оперираат во Клинички центар. Кој ќе ги спречи? Првиот чекор веќе го сторија – тие сега решаваат колку смее да трае преглед, а колку операција, кои апчиња треба да се пијат, а кои не… Има да се лее крв до колена!

Ви велам, драги мои, допрва ќе гледате циркуси. Кога ќе излегувате болница, нема да знаете што за што ви е сошиено. И дали тој вмровски штеп може да се отпара. Да се надеваме дека некој вистински талентиран хирург едукатор сепак ќе успее некако да ви ги поврзе рацете со кои гласате со мозоците. Сѐ уште неиспрани.

Извор ПЛУСИНФО

Leave a Reply

Your email address will not be published.