Власта во нова хајка против Милчин и против критички настроените медиуми

Власта тргна во нова хајка против Владимир Милчин, извршниот директор на Фондацијата Отворено општество Македонија, но и против медиумите што ја критикуваат. Почетокот на хајката го означи премиерот Никола Груевски лично, во своето интервју за неделникот „Република“.

Коментријаќи го однесувањето на Зоран Заев, лидерот на СДСМ, Груевски изјави: „Заев води една битка на која, по мое мислење, големо влијание имаат неколку личности, кои, се чини, доминираат над претседателот на таа партија. Тие се во уредништвото на некои опозициски медиуми финансирани од Соросовиот институт, во универзитетите, и понекогаш не е тешко да се претпостави што ќе каже господинот Заев ако претходно добро се следат два-три лика што се долго заедно со СДСМ, некои формално, некои неформално. Нивните колумни или искази во медиумите се водилка на Зоран Заев.

Груевски во ова интервју смисли цело заговорничко сценарио, во кое главната улога им припаѓа на луѓе „кои располагаат со фондови преку кои финансираат новинари, медиуми, квазиинтелектуалци, имаат своја мрежа на активисти и влијание, свои инспиратори“. Целта на ова сценарио, според премиерот, е лидерот на опозицијата да се држи под притисок и да не му се дозволи самостојно да ја води партијата.

На продолжение на овој атак не требаше да се чека долго. Уредникот на Мактел, Саше Ивановски, кој пред изборите се кандидираше за пратеник се огласи со жестока и вулгарна критика на раководството на СДСМ, иако тој и ден денес се претставува како „опозициски новинар“. Тој објави колумна со симптоматичен наслов: „Е па Грујо, ако зависноста на СДСМ од Сорос фондацијата е проблем за Македонија, реши го проблемот бе шефе, остави да се развие некој медиум на раат, дај од владиниот колач и на тој медиум, не биди ебен лицемер ебати тоа диктаторот!“

Веднаш по објавувањето на оваа колумна, делови од неа објавија сите провладини портали, под речиси идентичен наслов: „Саше Политико: Милчин ги одредува колумнистите на медиумите кои ги финансира“. Ивановски пишува дека кога тој го земал грантот од Сорос, не смеел сам да одредува кои ќе му бидат колумнисти, туку истите морал лично да ги одобри Владимир Милчин. Извршниот директор на фондацијата, наводно, не му ги одобрил колумнистите Виктор Трифуновски, Тони Науновски и Хелена Роза. Саше Политико се жали дека во една прилика, додека бил грантист на Сорос, Мичин среде коктел во „Менада“ му се развикал пред сите за некоја колумна што не му се допаднала.

„Ваквите пишувања на еден од главните поддржувачи на опозицијата во медиумскиот простор дополнително потврдува колку големо е влијанието на Владимир Милчин и Сорос врз опозициските медиуми, а со самото тоа и колку ставовите изнесени во овие медиуми, а очигледно диктирани директно од Милчин, се отсликуваат врз политиката на најголемата опозициска партија“, заклучува порталот Курир.

Интересно е дека СДСМ во два наврата го коментираше интервјуто на Груевски за „Република“, но во двете соопштенија нема ниту збор за тврдењето на премиерот дека лидерот Заев бил под контрола на одредени личности, на чело со Владимир Милчин. Наши извори блиски до владејачката партија велат дека молкот на СДСМ нема да ги спречи натамошните атаци.

– Станува збор за сериозна, испланирана акција од разузнавачки карактер, која се потпира не само на моќта на провладините медиуми, туку и на контакти на тајната полиција со луѓе од и околу раководството на СДСМ. Целта на оваа акција е да се урне кредибилитетот на Заев, да се создаде раздор во раководството, да се прикаже дека лидерот е „изолиран“ и да се искомпромитираат познати јавни личности и новинари кои со години ја критикуваат власта и според оценката на Груевски, токму тие се пречка ВМРО-ДПМНЕ да му го зададе финалниот удар на СДСМ. Таргетот овој пат е Заев лично. Првата цел што треба да се постигне е тој да се обесхрабри да продолжи со бојкотот на парламентот – вели нашиот извор. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.