Владимир Милчин – Панорамско Тркало

Колумната на Ѓорѓи Спасов (ќотекот што професорот Спасов им го удрил на копуците, вели Политико!) започнува со розова интонација. Толку розова што ти се чини дека победата е извојувана. Особено ми се допаѓа реченицата дека „се настапува по медиуми“. Почна да ме гризе совеста дека сум пропуштил нешто и дека живееме во земја со медиумски слободи. Ние во Фондацијата изгледа залудно трошиме пари за поддршка на медиумите кои не се контролираме од власта. И залудно сме загрижени поради новиот закон за медиуми. СДСМ вози незапирливо според констатацијата на Спасов од чија колумна блика оптимизам:

„Новото раководство на СДСМ интензивно се подготвува за избори. Се привршуваат организационите и кадровски промени во општинските организации. Се подготвува новата програма. Се промовираат мерките од новата програма. Се организираат собири и средби со граѓаните во секоја од општините. Се настапува на медиумите. Се промовираат нови лица во раководството. И се тестираат политиките и рејтингот на партијата и на новите личности преку истражувања. Заев прави се’ за да го стесни просторот за манипулација на следните избори од страна на власта и да охрабри што е можно поголем број граѓани да излезат на избори и со гласање да се изборат за промена на власта.“

Сепак има нешто што го загрижува Спасов. Тоа се сопките од „слободен печат“:

„Но, наспроти неговите (на Заев, м.з.) подготовки за избори, тој е речиси секојдневно соочуван со силни предупредувања од страна на опозицискиот „слободен печат“ дека „оваа власт не може да биде победена на избори“.“

Спасов пишува и дека таквите ставови на овие луѓе не се нови и тие нив ги застапувале отворено пред локалните избори, а денес поразот на СДСМ на локалните избори го нудат како доказ за тоа дека биле во право. Па очигледно биле! Поразот беше еднаков на катастрофа! Опозицијата со тешки маки победи во вкупно четири општини иако имаше тврдења дека ќе освои петнаесет!

Се разбира, тоа самото по себе не значи дека и на предвремените парламентарни избори ќе се повтори катастрофата. Но, во што е толку подобра ситуацијата денес? Ако промената се сведува на констатациите на Спасов од почетокот на колумната, таа е далеку од доволна за толку високо кренати надежи.

Дали замолчувањето на предупредувачките гласови од „слободен печат“ ќе му ја олесни победата на СДСМ е прашањето што ми се наметнува по читањето на колумната на Ѓорѓи Спасов? Тој всушност нив ги маркира како препрека на патот кон победата на СДСМ. Груевци ги нема во неговата слика. Ги нема ни новонастаните партии на Стевчо и Зиков. Тврди дека опозицијата не освоила парламентарно мнозинство на изборите 2011 година зашто била расцепкана. А сега, демек, не е! Сега е уште порасцепкана!

Но, нејсе, да завршам. Немам никакво право да повикувам да замолчат предупредувачките гласови од „слободен печат“. Но, еве, изјавувам дека јас ќе продолжам да молчам за изборите и се што е поврзано со нив. Белки тоа ќе ја олесни победата што ја предвидува Спасов. Ќе молчам и за да не се случи по евентуалниот пораз јас да бидам обвинет дека сум ги деморализирал гласачите. Ако некој од „слободен печат“ ме праша зошто сум одбрал молк, ќе му го кажам истото и ќе додадам: Ќе учествувам само во граѓански отпор кој нема никаква врска со предвремените парламентарни избори!

Leave a Reply

Your email address will not be published.