(Видео) Китев: “Ла Луна” ке стане современ Младински Културен Центар

Прес конференција на Бетиан Китев – Ла Луна е место каде младите од Кавадарци ќе може да творат, да се дружат, да дебатираат.

„Денеска, со искрена намера и голем ентузијазам, ви се обраќам токму вам. 10 години вие младите бевте заборавени од власта на ВМРО-ДПМНЕ. Многу од вашите другари и другарки се иселија во странство во потрага по подобар живот.

Но ни локалната власт на ДПМНЕ, 8 години не најде време и средства да направи нешто повеќе за младите од Кавадарци.

Почитувани млади, јас како иден градоначалник на Кавадарци се обврзувам пред вас дека, заедно со советниците од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија од Кавадарци, ќе ги реализираме следниве проекти, кои според многу петиции, дебати и анкети вие самите ги потенциравте како најважни за младите од Кавадарци.

Како прво, на просторот на поранешната дискотека Ла Луна, кој се наоѓа овде позади нас и е целосно запуштен, ќе никне еден современ Младински Културен Центар, каде младите од Кавадарци ќе може да творат, да се дружат, да дебатираат. Младите конечно ќе добијат свој простор каде ќе може да го реализираат својот креативен потенцијал.

Под два, во соработка со Владата, ќе изградиме бизнис и старт ап центар во Кавадарци, каде младите кавадаречки претприемачи ќе добијат бесплатни простории, и бесплатни правни и сметководителски услуги.

Под три, ќе го реконструираме градскиот базен во Кавадарци.

Под четири, ќе организираме натпревари за млади иноватори. Најдобрите идеи и проекти ќе бидат финансирани од општината да го презентираат својот изум/проект на саеми во странство.

Под пет, ќе ги стипендираме десетте најдобри студенти од техничките факултети. Нема повеќе да дозволиме талентираните инжинери од Кавадарци да ни бегаат во други градови или во странство.

Почитувани млади, ви ветувам дека во мене секогаш ќе имате сојузник. Како градоначалник, ќе инсистирам да се среќаваме често на јавни трибини и дебати, каде ќе дискутираме за вашите потреби и проблеми.

Иднината им припаѓа на вас младите. Да се обединиме заедно и на 15-ти октомври да гласаме за промени и за подобар живот во нашата општина!

Јас сум убеден дека на 15-ти октомври младите ќе бидат тие кои ќе ги донесат промените во нашата општина!„ се вели изјавата на кандидатит за градоначалник на СДСМ, Бетиане Китев.

 

Извор РТК