Вести од подземјето

На каква оперативна лустрациска комисија треба да бидам подложен, ако тука јасно кажам дека скопските улици се валкани, гнасен е воздухот во Кавадарци, секојдневниот живот е оневозможен поради секојдневниот криминал и корупција. Белите дробови на луѓето се затруени од грип, умот е загаден со предрасуди, а фантазијата со ефтина медиумска халуцинација. Секојдневните човечки односи се загрозени, аутистични, повлечени. Нема отвореност, нема искреност, сите од сите бегаат

Програмирното лудило (Скопје 2014, Аква паркот, соменици на кои се палат саде уличари, погромашаката лустрација итн.), стана помпезна дречавост: се’ се промени, како би останало исто – мртвородена секојдневна пропаганда во која не’ се вклучени „обичните“ граѓани, туку класи на општествената лествица заедно со нивните мали или големи свињарии. Пропаганда која во крајна инстанца служи за задоволување на Комитетскиот стерилен ум.

Во „комунистичкото едноумие“, на властите не им било мило-ем-драго кога медиумите би си ја работеле својата работа: објавување на важни информации, нестереотипни коментари и’ се она што е поврзано со духот на човекот – неговите стравови, сомнежи, надежи. Денес во Македонија имаме гола пропаганда која се храни единствено преку доминантната матрица на кревкиот партиски ум: му посочуваш каде е „жртвата“ а каде „џелататот“, без никакво таласање, тој брод кој плови надвор од историските токови на Мртвото Море, фасциниран од „најсовршениот систем од сите системи на светот“ (едно време беше една азбука, едно море и еден син на сите народи и народности). Од тогаш, до денес, програмираното сивило се промени во хистерична дречавост, се’ се промени како се’ би останало исто, освен што можеби треба да се напомене дека, на граѓаните со добар фкус им е многу полошо?!

Имено „тоа што и креира фкус на нацијата“ не се медиумите, а што е – е, тоа е тешко да се каже. Во секој случај тоа е некаков сурогат од „партија“ и „медиум“, а поврзувањето е типично својски – секој на свој начин и во свое време – шират и пренесуваат глупости како некакво алергиско оболување. Или, пак, го загадуваат воздухот како колера. Оти, како и кај нивните рахитични комунистички претходници, итекако е потребна среќно-ретардирана-публика, овај пат онаа која ќе ги купува неговите „сензационални и скандалозни откритија“ и’ ентузијастички ќе учествува во неговите малограѓански хајки на се’ што е Друго од доминантната општествена матрица.

Славко Јаневски е “македонскиот“ Френк Запа, еден од најлуцидните умови на кому уште-тогаш-се-му-било-јасно, а партискиот и владиниот медиумски полу-свет зеде да тртља како и тој, пази богати, соработувал со тајните служби?! Овде, пријатели, секој кој е подобар од оној другиот, секаков полу-свет му се „налепува“, небаре Златниот Грал ќе го открие. И оваа приказна воошто нема да заврши овде – оваа стагнација на земјава, намножена со разни фашисти од сите страни и бои, е само јасен индикатор за ретардацијата на „реформатскиот проект“ како стихија, наречена ДПМНЕ. А може, пак, и оваа приказна е при крај, па како што се вели, ајде уште малку да испокрадеме, похушкаме и подискредитираме, па сити да исполегнеме, тивко и зaдоволно – гровтајќи, што би се рекло, во длабоката и мрачна ноќ…

На каква оперативна лустрациска комисија треба јас да бидам подложен, ако тука јасно кажам дека скопските улици се валкани, гнасен е воздухот во Кавадарци, секојденевниот живот е оневозможен поради секојдневниот криминал и корупција? Белите дробови на луѓето се затруени од грип, умот е загаден со предрасуди, а фантазијата со ефтина медиумска халуцинација. Секојдневните човечки односи се загрозени, аутистични, повлечени. Нема отвореност, нема искреност, сите од сите бегаат, се вардат. Каде да одам да се прочистам, каде да одам за да се деконтаминирам?! Или сепак, и’ ова е некаква „тајна служба од подземјето“ која ме брифира и која сака преку мене да го разнебити „државниот поредок“? Море знаете што, да се носите во 3ЛПМ!

Која е потребата од лустрирање и дискредитација на Различните? Потребата е самата состојбата на духот, а примерите се безбројни и секојдневни. Па, сепак, срамното развлекување низ медиумите со ликот и творештвото на Славко Јаневски е доказ за дното во кое паднавме – ова е точка од која навистина нема назад! Па затоа ми се чини дека треба да се нотира, за во некоја нејасна иднина, како не’ би не проголтала Рамнодушноста.

Море знам, вие што ја правите доминантната општествена матрица не само што сте произведувачи, туку сте и конзументи, агит-проп фашизам кој допринесува хистеријата да трае истисната директно од „малиот прст“, онај ист „секојдневен фашизам“ кој го стимулирате, а за кој – до оние информираните! – предупредуваше Еко. И затоа Другиот, било дали е некој жив или мртов, мора да се испогани и екскомуницира, како би можел Умберто Ековскиот „секојдневен фашизам“ да продолжи да живее со својата, сиц! – децениска оргија. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.