Вељаноски распиша предвремени парламентaрни избори на 27 април
Решението за распишување на предвремените избори Вељаноски го потпиша откако вчера Парламентот со 117 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ се самораспушти.
– Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, рече Вељаноски.
Како и минатиот пат, потенцираше тој, пред нас е изборен процес во кој изборните правила се прифатени со согласност и на власта и на опозицијата што претставува дополнителна одговорност и за едните и за другите и обврска истите да бидат почитувани и практикувани во текот на целиот процес.
– Уште еднаш сакам да ги повикам сите учесници во процесот за избор на претседател на Република Македонија и за изборот на пратеници, да постапуваат исклучиво во согласност со уставните и законските одредби, да придонесат кон создавање мирна и демократска атмосфера во која секој граѓанин ќе може достоинствено да го оствари своето право на глас по свое лично убедување, изјави Вељаноски.
Запрашан во однос на одредени преклопувања во однос на роковите за изборните дејствија што би можеле да се случат имајќи предвид дека истовремено се одржуваат и претседателски и предвремени парламентарни избори, Вељаноски рече дека од денеска сите недоумици во однос на спроведувањето на изборите треба да ги реши ДИК која ги овие овластувања.
– Мислам дека ДИК има капацитет тоа да го направи и да ги даде тие информации за учесниците во изборите да бидат рамноправни во претставувањето, рече Трајко Вељаноски.