Вељаноски ќе ги распише претседателските избори

Уставна надлежност и обврска на претседателот на Собранието е да ги распише изборите. Во конкретниот случај имаме редовни претседателски избори кои треба да се одржат во периодот од 12. март до 12. мај, изјави Вељаноски во интервју за МИА.

Се очекува петтите претседателски избори во Македонија да се одржат во април. Кампањата ќе започне дваесет дена пред изборите, а партиите се уште не излегле со кандидатури за шеф на државата.

Решението за распишување на изборите Собранието ќе го достави до Државната изборна комисија, која, според нејзиниот претседател Никола Рилкоски, е подготвена за реализација на изборниот процес, но и за одржување на предвремени парламентарни избори.

На прашањето дали ќе има предвремени парламентарни избори, Вељаноски рече дека тоа не е во негова надлежност како претседател на Собранието.

Тоа е надлежност на Собранието, кое треба прво да се самораспушти за потоа да се одржат предвремени парламентарни избори. Во овој момент можам да кажам дека ќе бидат распишани претседателските избори, рече првиот парламентарец.

Четвртите претседателски избори во Македонија се одржаа на 22 март 2009 година, на кои победи актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Негов противкандидат во вториот круг од изборите на петти април беше кандидатот на СДСМ Љубомир Фрчкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.