Утрово не одржав час! Им реков на студентите дека протестирам!

пишува Синоличка Трпкова

Утрово не одржав час! Им реков на студентите дека протестирам поради нашите приведени студенти од синоќа! И кога веќе се уклучувам на ФБ после толку време да кажам некој збор! Нема да им се обратам на сите граѓани. Им се обраќам исклучиво на поддржувачите на дпмне.

Дали вие, кои ја сакате оваа наша татковина, повеќе од сите, не гледате дека дпмне ве злоупотребува под патриотскиот превез, за да се спаси себе си од одговорност? Каде се вашите лидери на протести? Каде се секој ден рамо до рамо со вас да ја бранат земјата од сите останатите “предавници”? Каде се Гордана, Грујо, Миле, Никола, Иванов да бидат со вас, пред вас, секој ден, во контра-протестите? Ве местат вас, во нивно име да излезете на улици. Ве собираат насилно по автобуси. И ве мелат со пропаганда на сител, мртв, канал 5, вечер, курир дека сите опозициски настроени се хулигани (луѓе кои ја сакаат, ценат и знаат дека се борат за слободата) кои вие ќе ги запрете? Како ќе ги запрете слободата и правдата без вашите сакани лидери на чело, кои не′ одраа до гола кожа?

Вие сте граѓани на оваа земја како и сите останати и имате право на слобода и избор. Вие не сте ничии машини, слуги и марионети. Тоа што го дознавате од горенаведените “медиуми” НЕ Е ВИСТИНА! Ништо од тоа не е вистина. Вистината е на улиците, каде доброволно и без присила, таа – вистината, е излезена да бара правда. Правдата ќе победи, затоа што за неа излегуваат луѓето кои веруваат во неа, но и во себе, а не заради тоа што ќе добијат место во администрација, сендвич, ветувања за вработувања. Не се понижувајте и изборете се САМИ за подобар живот, зашто во Македонија има место за сите. Никој нема да ви го земе парчето леб, како што ве лажат, а напротив сите заедно ќе се избориме за многу повеќе од тие проклети петстотини денари и сендвичи. Зашто не се живее од послушност и наведната глава. Се живее од сопствен ум и сопствена акција!

Но најважно од се′ е да знаете дека – Македонија чие име и територија ја браните од “предавниците”, токму вашиот лидер и водач Груевски ја жртвува за негова слобода. А претстедалот за кој ве тераа да гласате е главниот егзекутор. Побарајте го него да ви одговори зошто го направи тоа што го направи. Груевски е тој којшто со долга, обмислена и континуирана стратегија ја уништува Македонија. Токму тој, што ви фрлаше парче леб и коски, сега ќе ве остави сами, без земја, без иднина, без егзистенција. И наместо да одите на контра-протести, дојдете на протест за да ги ставиме криминалците и мафијата на власт пред суд. Ако се навистина невини, нека излезат јавно, пред сите, Миле Јанакиевски, Гордана Јанкуловска, Мијалков, Груевски, и нека ЈА ОДБИЈАТ и ПОНИШТАТ АБОЛИЦИЈАТА од Иванов, еден по еден и нека му дадат поддршка на СЈО! Но тоа нема да се случи, затоа што аболицијата токму тие ја нарачаа од Иванов, исклучиво заради спас на нивниот мафијашки газ.

Тешко ќе ви биде сето ова да го разберете одеднаш, и да признаете дека сте живееле во лага и заблуда со години. Ќе ви треба време. Но нема повеќе време, зашто се работи за заеднички опстанок. Смогнете снага и покажете храброст, оти таа му доликува на секој слободумен човек. Дојдете заедно да му дадеме поддршка на СЈО!
Во овој пост им се обраќам и на деканите, професорите, интелектуалците, ректорите, проректорите, кои до сега молчеа – да ја побараат правдата заедно со граѓаните и да ги поддржат, во барањето за правда и оставка на Иванов. Ова е последната шанса сите заедно да кажеме НЕ на мафијата и криминалот од власта. Заради тоа што сте учеле школо и имате милион титули и сте некаков фактор во оваа земја – ДОЈДЕТЕ и покажете доблест. Не е време за фотељи, не е време за кариери, време е за нешто многу поважно. Фотељите и кариерите ионака нема да ги имате повеќе во уништена земја. Време е, како умни и учени луѓе, да застанете со граѓаните и со вашите студенти, рамо до рамо и да ја побарме правдата заедно. Јас верувам дека сеуште имате сила, љубов и храброст да излезете на улица!

И на крајот од ова обраќање, ги повикувам сите естрадни ѕвезди, уметници, музичари, кои до сега немаа шанса да го искажат својот револт, да дојдат на протестот, и само на нивен оригинален начин да му дадат поддршка на СЈО. Зашто без правда – нема уметност, нема наука, нема прогрес, нема пријателства, нема живот!

Leave a Reply

Your email address will not be published.