„Усра се куче у зељаник“

Што се крие зад тоа кога власта самата си предлага амандман на закон што го пече цела година

Цензурата досега беше забранета само во Уставот. Незаконски беше нашироко присутна во медиумите преку добро познати методи и различни форми на притисоци што ги практикуваат властите во новиот систем на независна и самостојна Македонија. По донесувањето на новиот закон за аудио визуелни медиумски услуги цензурата ќе биде озаконета и легална под заштита на закон. Ова чудо го направи власта на најарогантен начин поднесувајќи си сама себе амандман на законските одредби кои беа предмет на едногодишна тешка и драматична расправа. По десетици јавни расправи и дебати, по стотици дискусии, текстови и анализи, по откривање на дузина трикови и лаги спакувани од Владата во еден галијаматијас од законик небаре на Душан Силни, по поделбата од еден многу лош во два не помалку лоши закона, по арбитрирање и предлози на меѓународни експерти, ОБСЕ и Брисел испадна на крај работата по кумановски „усра се куче у зељаник“.

Власта преку своите пратеници од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ си поднесе амандман на својот предлог закон да ги анулира сите досегашни подобрувања и веќе прифатени забелешки од учесниците во расправите. Така едно гломазно бирократско –партиско тело задскриено зад државата и името агенција за медиуми ќе ја набљудува работата на сите медиуми во земјата: телевизиите, радијата и се’ што се вика електронски јавен медиум, информативните агенции, сите печатени медиуми, дневни весници, неделни, месечни, хумористични списанија, спортски весници, специјализирани весници и часописи за здравје, исхрана, крстозбори, домашни миленичиња, мода, секс, лов и риболов….. особено под контрола ќе бидат и интернет порталите. Оваа агенција се претвора во министерство на вистината на која може да позавиди и Орвел.

Генијалниот амандман на член 23 од законот е направен по урнек кадија те тужи, кадија те суди. Овие неколку реда внесени во еден член од законот ја покажаа целата фарса и ароганција на власта која крајно понижувачки кон новинарскиот еснаф и демократската јавност го обелодени самата, се виде целиот лицемерен театар што го приреди предлагајќи закон кој ќе ги заштити божем новинарите и медиумите. Сите што не веруваа во оваа приказна сега се уверија на дело во демократскиот апетит на власта. Се виде апла дека се во право тие што тврдеа оти ова е само една нарачка од Владата, од никого не сугерирана, ни однадвор ни од внатре, да се оркестрира божем демократска дебата која уште повеќе ќе ги подели новинарите во поимањето на суштината на новинарството и професионализмот. Доживеавме новинарски дудуци и нискокачествени политичари да држат лекција што е новинар и што е новинарство. Крајниот резултат на целата оваа парада е озаконета цензура и ново новинарско здружение на поддржувачи на власта.

Чинам убаво и најдобронамерно му сугерирав на амбициозниот и симпатичен министер со западен имиџ Иво Ивановски да оди кај својот шеф и да му каже дека работата не ја бива со ваков закон. Му предложив јавно да му каже на Груевски власта да им пушти на медиумите и на новинарите кислород и свеж воздух оти се испозадушија во слободата на творештвото што им го дозира Владата на коруптивниот и нерегуларен медиумски пазар. А, потоа да предложат таков закон што нема да го приграби со задоволство опозицијата кога ќе дојде на власт. Ако тоа не го прифати премиерот министерот Ивановски најдобро е да си замине од политиката оти со овие закони за медиуми ќе остане запамтен кај новинарите како цензорот на Груевски. Сега вака на очиглед на целата јавност Груевски му плукна во питата која министерот Ивановски ја месеше цела година.

Најиндикативното објаснување зошто се поднесува овој амандман го даде една пратеничка на ВМРО- ДПМНЕ дека тоа е поради воведување ред. Овие две зборчиња во разни варијанти „воведување ред“, „ред и мир“, „ред и безбедност“, „безредие и хаос“ се најомилените на сите диктатури и диктатори. Со овие два збора се направени најголемите злосторства во историјата на човештвото. Секоја авторитарна власт зборува во името на редот, мирот, безбедноста на граѓаните, да се отстрани хаосот, безредието и анархијата.

Ако овој амандман беше толку небитен и само технички кој нема да се злоупотребува во работата на медиумите, туку само ќе се опоменуват љубезно да не прават лоши работи, тогаш зошто со леснотија не беше отфрлен од предлагачот на законот како флагрантно противуставен бидејќи Уставот на Македонија експлицитно забранува цензура. Премногу би било за еден вмровски министер да одбива амандман усогласен во владини и партиски кабинети. Единствена среќна околност е што новиот закон штом се донесе нема многу да се почуствува во секојдневието бидејќи и сега речиси сите медиуми се под контрола на власта. Преостануваат уште неколку медиуми кои најучтиво во духот на законот ќе бидат опоменати да не шират верска и расна дискриминација, да не заговараат омраза и анархија и работата е завршена , ќе добиеме идеално општество и големи медиумски слободи кои од 130 место во светот ќе не вивнат на самото дно меѓу 150 и 170 место каде воспоставувањето на ред и мир, пресметката со хаосот завршува со затварање на грешниците и нивна изолација, каде можат да се превоспитуваат непослушните новинари, уредници и сопственици на медиуми пишувајќи убави работи во затворскиот билтен. Во Идризово веќе се формира една солидна редакција.

Дека на власта не и е потребен толку овој закон и дека и без него се’ си е под контрола ќе видиме веќе од утре. Еве да се обложиме дека штом ќе ги соопшти Комисијата за истражување на настаните од 24 декември достигнувањата на правната држава и на демократијата, ќе тргне една силна медиумска лавина против опозицијата и против вечниот виновник Бранко Црвенковски дека и фрлаат кочници во тркалата на преродбата и револуцијата. Предавниците и домашните непријатели собрани во опозициски антидржавни редови ја спречија Македонија да добие датум за преговори со ЕУ. Еве ги насловите на здравите новинарски сили: Опозицијата полоша од грчкиот ултиматум, СДСМ и Бранко извршија предавство на националните интереси… не се сомневам ни малку во инвенцијата и слободата да се оцрни опозицијата. Тоа е големо достигнување и храброст во македонскиот журнализам кога се критикува опозицијата.

На овој начин власта ќе реши два клучни проблема ем ќе си најде уште еден виновник освен клетите Грци и Бугари, а второ што е уште поважно ќе се оддалечи уште повеќе од злогласната ЕУ. Замислете колкава казна би било за оваа власт да почнат преговори со Брисел и да мора да се исполнуваат одредени поглавја, во делот на демократијата, слободите, правната држава, судството, економските реформи. Дури тогаш би паднала како крушка. Вака што подалеку од Брисел подобро за владеење. Се испушта ли оваа слобода да правиш во државата што сакаш и како сакаш, а никој да не смее да писне.

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.