Условна затворска казна за четворица вработени во кавадаречкото социјално

Четирите вработени од Центарот за социјални грижи од Кавадарци Весна Томовска, Виолета Петкова, Билјана Ризова и Ленче Тодовска добија пресуда од условна затворска казна затоа што несовесно постапиле со пријавата за семејно насилство во случајот со тројното убиство во Кавадарци, кога Тони Станоев, лани во ноември ги уби родителите и сестрата на неговата сопруга.

Пресудата им е изречена во Основниот суд во Кавадарци и таа е правосилна, бидејќи обвинетите не поднеле жалба на изречената казна.
Четирите вработени во Центарот за социјални грижи од Кавадарци се осудени оти во временскиот период од 14 до 28 август лани , како службени лица вработени во МЦСР – Кавадарци, несовесно постапиле во извршување на службените обврски по пријавата за семејно насилство. Ним Данче Станоева им се пожалила за насилството врз неа од нејзиниот сопруг Тони Станоев. Пријавените службенички, како стручен тим, одлучувајќи по пријавата на Станоева , донеле заклучок да не се постапува по неа и не предложиле времени мерки за заштита на странката од семејно насилство. Со тоа направиле сериозни пропусти, кои подоцна доведоа до тројното убиство.

За ова убиство имаше уште еден случај на несовесно работење, кој заврши со условна затворска пресуда. Во февруари им беа изречени условни пресуди и парична глоба од 200 евра на двајца полицајци од Кавадарци. Тие одговараа и беа прогласени за виновни бидејќи не му го одзеле оружјето на Тони Станоев, со кое тој подоцна ги застрелал родителите и сестрата на неговата сопруга.
Судењето на Станоев во велешкиот суд продолжува задутре, во 12:20 часот. 

Извор ВЕСТ

Leave a Reply

Your email address will not be published.