Уранија Пировска – Власта сее страв меѓу граѓаните

Власта негира дека во Македонија има политички затвореници, опозицијата, пак, од друга страна стои цврсто на ставот дека станавме земја на политички затвореници. Што говори тоа за Македонија, во какво општествено уредување живееме?

Јас не очекував во никој случај дека премиерот или владата ќе излезат и ќе признаат дека во Македонија има политички затвореници, бидејќи сето тоа како што гледате е добро козметички запакувано во сите акции коишто ги спроведува полицијата и се третира како чин на спасување на земјата од криминалот, иако мислам дека јавноста горе-долу и покрај недостатокот на слободни медиуми е свесна дека во сите овие случаи на големи апсења фактички во позадина стои една политичка конотација. Јас мислам дека и начинот на којшто се спроведуваат овие акции зборува за тоа дека власта има многу јасна интенција да покаже дека не се плаши да ја користи моќта за да покаже како може да завршат сите оние коишто размислуваат спротивно на политичките партии коишто се на власт и политиките коишто ги спроведува оваа влада.

Го споменавте притворот. Министерот за правда Блерим Беџети тврди дека притворот во Македонија не се користи често, односно според податоци на министерството во 5 проценти е изречена таа мерка, од друга страна невладиниот сектор тврди дека во 80 проценти се изрекува таа мерка. Како го коментирате овој дисбаланс во податоците?

Јас мислам дека е многу несмасно од страна на министерот за правда да излегува со таква констатација кога нам ни стојат на располагање бројки коишто ги добивме од Управата за извршување санкции, а коишто говорат дека постои зголемување на бројот на притвореници за 130 отсто во затворот Шутка, еве ќе го земам за пример. Што зборува тоа? Тоа зборува дека судовите не ги користат алтернативните мерки. Оттука неговата констатација директно е во колизија со она што претставува факт. Едноставно со самиот чин на апсење, полицискиот портпарол или министерката за внатрешни работи кога ќе излезат со една изјава која што оди во насока на директно осудување на сторителите се дава јасна порака и до судот како треба понатаму да одлучува.

Колку притворот во земјава се користи како казнена мерка и метод на заплашување?

Овде е многу евидентно дека и при изрекувањето мерка притвор постои еден селективен пристап. Ќе го земам еве случајот Фаланга, на Паско Кузман му беше одреден куќен притвор, додека на сите други да речам случаи за кои исто така се шпекулира дека имаат политичка заднина им беше одредена мерката притвор. Последниот случај којшто ја потресува јавноста е случајот со Шиповиќ. Знаете, решенијата за притвор се носат со буквално истите образложенија, не се води сметка, затоа што ние укажуваме, сугерираме и забележуваме дека не може да се одреди мерка притвор без притоа судот да објасни многу стриктно, јасно и конкретно зошто смета дека таа мерка треба да биде одредена за лицето коешто е да речеме под сомнение дека сторило кривично дело. Значи во случајот Шиповиќ не беше објаснето како тој би можел да влијае на евентуалните сведоци, беше наведено само дека постои можност тој да не биде достапен за органите на прогонот и тука отстапува судот од она што претставува факт, бидејќи целата јавност знае дека Шиповиќ, од самиот момент кога почнаа да се одвиваат настаните, даде до знаење дека ќе се стори достапен за правдата и дека ќе биде достапен за органите на прогонот. Истото се случуваше и со новинарот Томислав Кежаровски, каде што па од друга страна имавме уште полош случај, одредување колективна мерка. И тоа е недозволиво. Европскиот суд за човекови права во Стразбур, односно неговата пракса, утврдува дека во никој случај судот не смее да донесе мерка притвор колективно. Значи, за секој еден да речам евентуален сторител на кривично дело судот треба да објасни од кои причини ја одредува мерката притвор. Оттука има големи отстапување од законот, има големи отстапувања од она што се нарекува стандард при одлучувањето во ваквите случаи и мислам дека е навистина дури и ступидно да се тврди дека во Македонија мошне ретко се носат решенија за притвор.

 

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, истакнувајќи дека сето тоа е манир на однесување на еден тоталитарен режим. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.