Унковски: Знам кои луѓе ја направија катастрофата

Што се однесува до актуелната ситуација, или катастрофа, како што ја нарекува, тој гледа потреба од еден ќелеш-тефтер, каде што ќе се запишуваат имињата, за да може еден ден, кога ќе се суди за грубите злоупотреби на овој систем, да не се пропуштат некои извршители, послушници, одработувачи, платеници, уривачи на демократските капацитети на нашава земја, судии, обвинители и други служби, како и новинарите – монструми што спинуваат:

– Јас не мислам дека јас треба да го правам тој список, иако се разбира имам идеја кои луѓе нè водат во целава ова хаотична национално-економска катастрофа што ја трпиме моментално. Не е добро целава ситуација во Македонија да ја врзуваме само за еден или двајца луѓе, иако се разбира тие го даваат тонот, туку за еден цел слој којшто има разни придобивки од оваа владеење и којшто на некој начин го злоупотребува системот во кој живееме, така што просто мислам дека во моментов во којшто зборувам е неверојатно дека некој некогаш ќе одговара за нешто што некогаш е направено, меѓутоа е добро да се знае кој бил тука замешан, што направил итн.

Па кога ќе се направи да кажам една античка лустрација ќе дознаеме или ќе можеме да посочиме одредени личности, групи, луѓе, професии коишто ја упропастиле оваа наша земја.

Што се однесува до лустрацијата, Унковски ги детектира штетите:

-Јас мислам дека е направена една голема конфузија со целиот процес на антиквизација, со лустрацијата се направени исто така штети. Значи не сум против лустрацијата, сеедно што ниедна земја од поранешна Југославија ја нема направено освен Македонија. Ако имало потреба не е лошо да се направи, меѓутоа и начинот на којшто се води и каде се усмерува и како се бираат од огромниот куп на луѓе што евентуално припаѓаат таму, одредени имиња и како се поганат, тоа е, да речеме, нешто што е недозволиво.

Ја слушам министерката за полиција како кажува дека Славко Јаневски или Томе Серафимовски не биле наш идентитет итн. За жал или за среќа, секоја единка е дел од нашиот идентитет, не е нашиот идентитет нешто апстрактно што постои некаде во воздухот, тој се базира на одредени луѓе, на одредени судбини, на одредени творештва, на одредени чинови, храбри, вакви, такви, и секој е важен. Македонија не смее да ги изгуби своите луѓе, не смее да ги изгуби тие не многу луѓе што ги има, што ја обележуваат и ја прават да биде различна, посебна, своја, сопствена, вели Унковски. 

Извор НОВАТВ

Leave a Reply

Your email address will not be published.